1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

„Ако Грција не сака решение за името, Македонија може и без НАТО“

Тоа е порака од премиерот Никола Груевски во експозето во Собранието на Македонија, кое ја избра новата македонска влада. Опозицијата не присуствуваше на седница на парламентот.

default

Премиерот на Македонија Никола Груевски

Освен познатиот став дека се чува националниот идентитет, и ќе се распише референдум за компромисното име, Груевски испрати и дипломатска порака дека Македонија би можела и без НАТО, ако Грција не покаже желба за брзо решение. „Доколку Грција реши со уцените и моќта што ја демонстрираше на долг рок да ни ги затвори вратите кон посакуваната цел, ние ќе работиме и на стратегијата за стабилност и сериозен демократски и економски развој на земјата, дури и во такви услови“, рече Груевски во експозето пред парламентот.

Премиерот не говореше за мотивите зошто е во коалиција со довчерашните лути противници од ДУИ, поранешни припадници на бунтовничката ОНА. Тој го одбегна и Законот за употреба на албанскиот јазик, усвоен експресно ноќта пред изборот на владата на предлог од лидерот на ДУИ. Али Ахмети, кој ретко настапува во парламентот, синоќа објасни дека двојазичноста ја стабилизира мултиетничката доверба и идната владина соработка. Тој му посака многу успех на Груевски и, како што рече, „подобра иднина за сите нас“.


Опозицијата го бојкотира изборот


Обраќањето на Ахмети на македонски јазик беше поздравено со аплауз. Ова потсети на сцените од пред две години на конгресот на ВМРО ДПМНЕ во Штип, кога Мендух Тачи од ДПА, претходниот владин коалиционен партнер, беше наречен „војвода“. Сега лидерот на ДПА излезе со критика на законот за употреба на албанскиот јазик и за „војводството на Ахмети“: „Војводата Али Ахмети, ако сака навистина да разбере што е службена употреба на јазик, нека направи една посета на Собранието на Косово, Владата на Косово, за да види дали е албанскиот јазик службен јазик во Македонија“, рече Тачи, кој не присуствуваше на изборот на владата.

И опозиционерите од СДСМ не беа на изборот. „Не им требаат сведоци на коалицијата која денеска се верификува“, рече шефот на социјалдемократите Радмила Шеќеринска, која ја организираше трибината „За демократија и диктатура“, што се одржа паралелно со седницата на Собранието за избор на владата.


Наместо дебата - апологетство


Презентацијата на владините приоритети во парламентот ја следеше шефот на државата Бранко Црвенковски. Парламентот без опозиција овозможи апологетство на пратениците од владеачкото мнозинство во однос на Груевски и владата: „Ќе гласам за искреноста и едноставноста на министерот за транспорт и врски“, „Во оваа влада доста им се помогна на Ромите“ - вака гласеа дискусиите. За прв пат, меѓутоа, во една македонска влада има министер од ромската заедница.


►◄