1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Ако Грција е искрена, ќе се најде решение“

Во Македонија не се шири евроскептицизам, напротив, луѓето се свесни дека членството во ЕУ ќе овозможи повисок стандард на сите, вели во интервју Васко Наумовски, потпретседател на македонската влада за евроинтеграции.

default

Васко Наумовски

Некои македонски и грчки медиуми тврдат дека се води тајна дипломатија и оти Атина и Скопје никогаш не биле поблиску до решение. Дали база на компромисот што треба да и‘ овозможи на Македонија да почне преговори со Унијата е додавката Вардарска?

Наумовски: Постоеле повеќе предлози кои биле соодветно елаборирани таму каде што им е местото, ние треба да продолжиме со разговорите а не да си испраќаме пораки преку медиумите.

Но европските дипломати и државници јасно и гласно велат дека патот на Македонија до Европската унија води преку Атина?

Наумовски: Членството на секоја држава-кандидат се заснова на критериумите од Копенхаген. Секако дека постои едно прашање кое што е наметнато од една земја-членка на ЕУ и кое што претставува определени потешкотии на нашиот пат кон ЕУ. За двете земји е потребно да се обидеме да најдеме решение, заемно прифатливо, кое е можно ако постои искрена волја кај двете страни.

Зошто создавате нереални очекувања дека е можен напредок во евроинтегративниот процес кога спорот не е мрднат од мртва точка?

Наумовски: Не би рекол дека спорот не е мрднат од мртва точка. Во изминатите неколку месеци атмосферата меѓу двете држави е значително подобрена. Ако Грција искрено пристапи на овој спор, суштински, ќе биде можно да се изнајде решение на овој проблем.

Дали без решение на спорот со Грција вашата функција станува бесмислена?

Наумовски: Функцијата на Секретаријатот за европски прашања и мојата лична е наменета да работи на исполнување на критериумите од Копенхаген. Ние продолжуваме тоа да го правиме. Се‘ она што го правиме, е потребно за да се подобри вкупниот стандард на граѓаните.

Како ќе се справите со се‘ поизвесното ширење на евроскептицизам меѓу граѓаните ако оваа статус кво ситуација потрае?

Наумовски: Македонија е една од малиот број држави со висок процент на поддршка за влез во ЕУ, во најновите испитувања имаме околу 90 проценти поддршка за влез на Македонија во ЕУ. Оттаму не би се согласил дека се шири евроскептицизам, напротив сметам дека граѓаните се свесни дека членството ќе овозможи повисок стандард на сите граѓани.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска