1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

„Ако бевме сложни, одамна ќе бевме во НАТО и во ЕУ“

Абдурахман Алити, еден од челниците на првата албанска партија во Македонија: Ако имаше слога во почетокот меѓу етничките заедници, земјата ќе беше поотпорна кон надворешните влијанија, па и во спорот за името.

Абдурахман Алити

Абдурахман Алити

Абдурахман Алити е поранешен пратеник во македонскиот парламент во 4 мандати, поранешен амбасадор на Македонија во Република Бугарија и еден од политичарите во албанскиот политички блок во Македонија во 90-тите години, кога се втемелуваше независноста на оваа држава. Алити беше и еден од лидерите на Партијата за демократски просперитет, која се спротивстави на референдумот и на самото изгласување на независноста во Собранието. Тој ги изнесува своите оценки за изминативе 20 години од самостојноста на Македонија.

Вие тогаш бевте пратеник на Партијата за демократски просперитет, но и 12 години едноподруго член на Уставната комисија. Зошто се случи сето тоа во Парламентот, каков е Вашиот поглед на изминативе две децении од постоењето на самостојна Македонија?

Алити: Не гласавме за Уставот, спротивно на нашата определба за независна Македонија, не гласавме на референдум, исто така, спротивно на нашата определба за независноста на Македонија. Затоа што сакавме уставни гаранции дека идната држава Република Македонија ќе биде навистина заедница на рамноправни народи и на националности, кои што живеат во неа, без никакви дискриминации. Не можеше да се очекува поинаков развој на настаните во Македонија во услови кога најмалку една третина од нејзините граѓани не беа задоволни од уставните решенија. Но, изгледа дека во македонскиот политички блок превладуваше мислењето наследено од порано, дека треба да се доминира над Албанците. Се доведовме во апсурдна ситуација да имаме оружено востание, за да можеме да го репарираме Уставот во врска со начинот на одлучување во Собранието, за да не бидеме надгласани. Изгубивме многу време, многу нерви, изгубивме кредибилитет пред меѓународната јавност, поради тоа што немаше консензус најпрвин меѓу македонските политички партии, а потоа и меѓу Македонците и Албанците, во прв ред. Значи, ја пропуштивме шансата.

Каква шанса, за што?

Алити: Ја пропуштивме шансата да се договориме, Македонците и Албанците, во прв ред - а не ќе беше лошо тука да беа вклучени и помалите етнички заедници - околу концептот на идната држава. Во тој случај, Македонија ќе ги немаше проблемите што се појавија подоцна и во врска со името. Затоа што, ако постоеше внатрешна кохезија на политичките сили и на претставниците на етничките заедници во Македонија, тогаш ќе беше многу поцврста, многу поголема нејзината отпорност спрема надворешните влијанија, калкулации и комбинации, Тогаш ќе немаше шанса некој од надвор да поставува вакви, или такви услови. Ако го направевме тоа во она време, ќе бевме во НАТО уште пред многу години и или ќе бевме примени во Европската унија, или ќе бевме многу блиску до прием.

Има ли, според Вас, и одредени постигања во развојот од 1991 година досега?

Алити: Овој период е полн со пропуштени шанси, полн со промашувања на политички, економски и на секаков друг план. На економски план ние се движевме напред, правевме и позитивни чекори. Во тој период бевме многу понапред од сите наши соседи, кои се денес и членки на Европската унија. Или, некои од нив се многу поблиску до Унијата од нас. Другите се примени во НАТО, а Македонија се‘ уште не е, и така натаму. Тие безбројни шанси ние ги пропуштивме, поради тоа што се наметна една политичка идеологија, една политичка пракса, која би се нарекла „Се‘ започнува од нас“. И кога одредени групи дојдоа на власт, тие почнаа годините да ги бројат ’од 1’, како да не постоела порано Македонија, како да немало порано македонски народ. Тие започнаа со прашањето на идентитетот, со разни други глупости, кои што скапо, скапо не‘ чинат.

Тогаш, какви стратегиски цели и приоритети би требало да си постави пред себе Македонија во следните 20 години за да биде тој период, конечно, период на остварени шанси?

Алити: Треба да се постигне консензус меѓу македонските политички партии околу тоа што се Македонците: дали се тие антички Македонци, дали се тие Словени? Не може да се негира народноослободителната војна, антифашистичката војна, не може да се негира АСНОМ и така натаму, а да се бараат корени, што знам, во вториот, или третиот век пред нашата ера. Затоа што, со Македонија врз таа основа никој не би разговарал и таа во таквиот случај би била третирана како сосема несериозна држава. Вториот консензус, кој што, исто така, треба да биде постигнат, е со Албанците. Македонија отсега под итно треба да го реши прашањето на името. Тоа е сега императив и од меѓународната заедница, вклучувајќи ја тука Европската унија, па и Организацијата на обединетите нации. Се плашам дека со ваква политика ние ќе дојдеме во ситуација за името на Република Македонија да одлучи Советот за безбедност на ОН. И да каже: од денес, ако сакате да бидете држава, ќе се викате вака и вака, а ако не сакате да се викате вака и вака, да ве снема. Тоа може да ни се случи многу, многу лесно. Ова можеби не е дипломатски кажано, можеби не му доликува на еден поранешен амбасадор да се искаже вака, меѓутоа, ситуацијата е ваква.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска