1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Академик Таки Фити: МАНУ нема да молчи!

Катерина Блажевска26 март 2016

Политички притисоци имало и ќе има. Извесно е дека тие во екот на кризата и при потрагата за нејзиното разрешување допрва ќе се засилуваат. Но, МАНУ нема да молчи, вели претседателот на Академијата, Таки Фити

https://p.dw.com/p/1IJqv
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Економијата е негова професионална преокупација и заштитен знак. Студентите го опишуваат како посветен и почитуван професор на Економскиот факултет на УКИМ, јавноста го познава како темелен и конзистентен економски експерт, а за неговата богата професионална биографија сведочат бројни референци. Автор е на повеќе од 230 стручни и научни трудови објавени во земјата и странство посветени на микроекономија, макроекономија, економски раст и развој, претприемништво, модерни макроекономски политики... Бил декан на Економскиот факултет во Скопје, долгогодишен претседател на Сојузот на економисти на Македонија, министер за финансии (1996-1998 година), на значајни позиции во Светска Банка, ЕБОР, ММФ, консултант на ОЕЦД за проекти во областа на малите и средни претпријатија и претприемништво и на значајни советнички функции во земјата. Во 2003 година е избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а денес е нејзин претседател. За жал, многу побрзо од неговите претходници се увери колку ова научно столче може да стане „жешко“ поради притисоци од политиката.

ДВ: Тешко е да се стане академик, но најлесно е да се заработи „титула“ од ВМРО-ДПМНЕ, дека МАНУ ќе ја сметаат за клон на СДСМ и Сорос заради објавениот бројчаник што го мереше јавниот долг. Откако го тргнавте, сега што побрзо расте: јавниот долг или соочувањето со фактот дека не е пожелно објавување на нешто што може да се толкува како критика на владејачката политика?

Таки Фити: Острата критика од ВМРО-ДПМНЕ, упатена најпрвин до мене како претседател на МАНУ, лично не ме загрижува многу, бидејќи оние што тоа го напишаа немаат ниту квалификации ниту компетенции да ја оценуваат научната и стручна дејност на академици и на универзитетски професори. Згора на тоа, знам дека таквите ставови не ги споделуваат многу членови на партијата, вклучувајќи тука и дел од оние на високи функции во извршната власт кои биле мои студенти. Меѓутоа, она што посебно ме загрижува е квалификацијата дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе ја смета МАНУ за клон на СДСМ и Сорос поради објавениот бројчаник за мерење на јавниот долг“. Очевидно, ВМРО-ДПМНЕ, на овој начин негира, дека МАНУ е еден од столбовите на нашата државност, симбол на нашиот идентитет, јазик, култура и на научниот и уметнички потенцијал со кој располага Република Македонија. Затоа, таквата квалификација повеќе говори за составувачите на тој текст, а не за МАНУ како врвна научна и уметничка институција. Инаку, пораката што Центарот за компјутерски науки и информациски технологии кој го објави бројчаникот, и мојот коментар во тој контекст, е повеќе од јасна, па ако сакате и добронамерна - ваквата динамика на пораст на јавниот долг ја загрозува фискалната одржливост на земјата дури и на краток рок, поради што е неопходно да се отвори процес на фискална консолидација, т.е. преиспитување на владината непродуктивна потрошувачка и сведување на буџетските дефицити во разумни рамки. МАНУ, во своите научни трудови, проекти и настапи во јавноста и натаму ќе ги соопштува индикаторите од економската сфера, онакви какви што се. Тука не гледам ништо страшно, бидејќи тие, de facto, се јавни и нив можете да ги најдете и на интернет страниците на Народната банка, Министерството за финансии, Државниот завод за статистика итн.

ДВ: Изјавивте дека сферата на имплементирање на економските политики може да има крајно неповолни последици за развојот на земјата, имајќи ја предвид, меѓудругото, и недозволивата динамика на пораст на јавниот долг. Што може да го запре таквиот тренд? Ќе предложи ли МАНУ некаков план во таа насока?

Таки Фити: Ваквата изјава ја темелам врз неколку факти: (1) динамиката на пораст на јавниот долг е неодржлива - таа оди далеку пред динамиката на пораст на БДП, што доведе до негово дуплирање за период од само шест години; (2) бруто надворешниот долг на земјата (овој го содржи и долгот на корпоративниот сектор) надмина 70% од БДП и според овој критериум земјата е високо задолжена; (3) нормалното сервисирање (исплата) на долгот е во тесна корелација со извозните приходи на економијата, а Македонија се уште е земја со слаба извозна перформанса (и покрај определеното подобрување на структурата на извозот од аспект на степенот на финализација на извозните производи евидентно во последниве неколку години); (4) земјата во голема мера го редуцираше својот фискален простор со непродуктивни јавни инвестиции. За жал, ваквиот тренд тешко се прекинува во предизборен период. Само кредибилни избори и формирање на влада со полн политички капацитет за донесување на значајни одлуки (што од аспект на тајмингот се проблематизира поради проблемите со изборниот список, медиумите и сл.), која веднаш по формирањето ќе се соочи со неодржливоста на вака поставената фискална политика, ќе биде во можност, или подобро кажано, принудена да влече радикални потези во оваа сфера. Се разбира дека МАНУ, во соработка со други научни институции, и со истражувачки резултати од веќе објавени научни трудови и научни проекти кои се во тек, може да понуди корисни препораки и сугестии поврзани со финансиската консолидација и со можните пристапи за нејзина имплементација.

Mazedonische Akademie für Wissenschaft und Kunst
МАНУ ќе реагира пожестоко ако продолжат притисоцитеФотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Деклариравте став дека МАНУ нема да се инволвира во дневнополитички прашања. Но случувањата во земјата таа определба ја прават целосно невозможна. Може ли последната одлука на Уставниот суд да се премолчи и да се третира како дневно - политичка, ако се имаат предвид трајните последици што таа ќе ги предизвика на долг рок?

Таки Фити: Суштината на ова гледиште за кое во МАНУ, но и во академиите воопшто, постои широка согласност, е дека при третманот на круцијалните прашања и проблеми со кои денес е соочена Република Македонија, никој не треба да очекува дека МАНУ ќе говори со јазикот на политиката и политичарите, дека МАНУ ќе застапува интереси на една, друга или трета политичка партија, сеедно на нивната политичка провениенција и дека МАНУ ќе се инволвира во дневно - политички прашања. Но ова, никако не значи дека МАНУ, под закрилата на ваквото гледиште, ќе може да се дистанцира од анализа и изјаснување по прашања од круцијален или стратегиски интерес за земјата. Јас сум свесен за фактот дека во услови на ваков степен на политизација на бројни прашања и проблеми со кои се соочуваме и на ваков степен на поларизација на земјата, колку и да настојувате да бидете објективни и да се служите со силата на фактите и аргументите, ако нешто не оди во прилог на некоја од политичките партии, веднаш ќе ве сместат на една, на друга или на трета страна, ќе ви залепат политички памфлет или, како што велите вие „титула“ дека сте СДСМ, ВМРО или не знам што не друго. Но, како и да е, за Академијата нема друг избор, освен да настапува и да комуницира со силата на научните факти. МАНУ, сепак, не ја премолчи одлуката на Уставниот суд ( имаше остра изјава од академик Камбовски, а и моја, во експозето на Годишното собрание на МАНУ). Понекогаш се доволни изјавите на академиците компетентни за соодветната област, бидејќи и не може секогаш и за секое прашање да се оди на Претседателство и на Собрание на МАНУ, за да се изгради заедничко мислење и перманентно да се продуцираат соопштенија, како што тоа го прават на промптна, дневна основа, политичките партии. Тоа би била другата крајност.

ДВ: Но, политичката, уставната и моралната криза во која се наоѓа Македонија, не и остава комодитет на МАНУ да ги третира состојбите повремено, церемонијално и од “научна дистанца“, надвор од контекстот на времето. Дали поради нелагода од политички притисок, МАНУ свесно се откажува да биде мобилизатор на општествена акција и компетентен ориентир за насоката во која треба да се решаваат клучните прашања?

Таки Фити: Политички притисоци имало и ќе има и во иднина. Дури е извесно дека тие во екот на кризата и при потрагата за нејзиното разрешување допрва ќе се засилуваат. Но МАНУ не смее да молчи. Во согласност со нашата работна програма ние отвораме процес на организирање на научни дебати, тркалезни маси и конференции, по клучни прашања - деновиве ќе се одржи конференција за геостратешката положба на Република Македонија и бегалската криза, потоа следи конференција за состојбите и проблемите во сферата на образованието, науката, истражувањето и развојот, понатаму расправа за макроекономските политики со посебен осврт врз фискалната одржливост, за иселувањето на младите и губењето на најкреативниот дел од човечкиот капитал, за заштита на културното наследство и националното богатство, политичките партии, медиумите итн. Целта е во расправата да се вклучат што поголем дел од академиците, но и од научниот кадар надвор од МАНУ - од академската заедница, експерти од институции и владини ресори задолжени за одредена проблематика и сл. Овие научни расправи ќе завршуваат со јасни заклучоци, препораки и сугестии за креаторите на политиките кои, се разбира, ќе треба да бидат афирмирани во јавноста и медиумски добро покриени. Како што сум нагласил во повеќе наврати, овие дебати ќе помогнат и во подготовката на научниот проект Приоритетни насоки на идниот развој на Република Македонија, кој има амбиција да биде, како што велите вие, ориентир за насоката во која треба да се решаваат клучните прашања.

ДВ: Неодамна формиравте Совет за евроинтеграции во рамките на МАНУ, со цел да и помогнете на Владата во интегративниот процес на ЕУ, преку помош во прилагодувањето на нашето законодавство со европското. Како ќе помогнете, кога токму Владата се оглуши на предупредувањата од ЕУ, на пример, дека одлуката на Уставниот суд ја оддалечува земјата од интеграцискиот процес?

Таки Фити: Проблемите се сериозни, состојбите се комплицираат, но клучните одлуки и одговорноста за надминување на кризата се во рацете на политичките партии и на нивните раководства. МАНУ, научниците, интелектуалците, во оваа ситуација можат само да предупредуваат и да укажуваат на последиците од продолжувањето на кризата, да бараат јавниот интерес да преовлада пред теснопартиските интереси, да апелираат на донесување на храбри одлуки за надминување на кризата, да мобилизираат и сл, но за жал, тие не одлучуваат. Само мирна разрешница на кризата и создавање на амбиент за отворање на сериозни реформи за надминување на постојните проблеми може да отвори простор МАНУ, науката, да го дадат полниот придонес (во сите сфери, вклучувајќи го тука и евроинтеграцискиот процес) за изградба на демократско и просперитетно општество. Евроинтегративниот процес е особено значаен и затоа го формиравме Советот за интеграции при МАНУ. Кога ова го велам, го имам предвид фактот дека евентуалното отворање на преговорите со ЕУ ( што е невозможно без исполнувањето на клучните барање содржани во договорот од Пржино), ќе создаде механизам на притисок и перманентен мониторинг во исполнувањето на критериумите за придружување кон ЕУ, нешто без што, како што покажува практиката, тешко функционираме.

ДВ: Може ли да ја избегнете замката да (о) станете демократски декор, ако вашата институционална автономија се релативизира по секоја критика од власта?

Таки Фити: Ние ќе направиме се што е неопходно за да ја одбраниме нашата автономија како врвна научна институција. Овој пат, од МАНУ изостана поостар одговор на кфалификациите кои и се „залепија“ на институцијата. Но, ако продолжи таквиот вид на притисок врз Академијата, МАНУ, т.е. нејзините највисоки органи, Претседателството и Собранието, ќе реагираат многу пожестоко.