1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

АИ: УНМИК не спроведе истрага за исчезнатите

Организацијата за заштита на човековите права Амнести интернешнал укажа на неуспехот на мисијата на ОН на Косово во истрагите за судбината на цивилите, главно Срби, исчезнати за време на војната на Косово.

Експертот на АИ по прашањето за Косово, Шан Џонс изјави денеска (27.08) дека „тоа што УНМИК не ја спровел истрагата во врска со многубројните и систематски напади врз цивили, како и можните злосторства против човештвото, придонело на Косово да се создаде клима на неказниви злосторства“, пренесува Танјуг.

Во најновиот извештај на АИ, кој ќе биде претставен пред дебатата за Косово во Советот за безбедност на ОН в четврток, се наведува дека роднините на исчезнатите, главно етнички Срби, поднеле околу 150 жалби во кои тврдат дека УНМИК „не ги истражил киднапирањата и подоцна убиствата на нивните најблиски“.

Во многу случаи УНМИК нема „изнесено никакви докази дека истрагата воопшто била спроведена“. Повеќето случаи, наведени во извештајот, се однесуваат за киднапирања на косовски Срби од страна на албанските сепаратисти од Ослободителната војска на Косово (ОВК), но АИ, исто така, укажува дека не се истражени ниту наводните киднапирања на Албанци од страна на Србите во 1998 и 1999 година.