1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Азискиот тероризам - растечка закана за глобалната безбедност

Листата на САД за најбарани терористи се проширува. Последното дополнување, пакистанскиот исламист Хафиз Саед , упатува на се’ поголемата закана од азискиот тероризам.

default

Хафиз Мухамад Саед

Неодамна американската влада распиша награда од 10 милиони долари за фаќање на Хафиз Мухамад Саед, озлогласниот пакистански исламистички лидер и основач на забранетата терористичка организација Лашкар е Таиба. Саед е обвинет дека ги осмислил терористичките напади врз индиската финансиска метропола Мумбаи во 2008-ма година, кои ги изведоа пакистански атентатори. Американската влада смета дека тој е одговорен и за бомбашки напади во Кабул во 2010-та година, како и за нападот врз индискиот парламент во Њу Делхи во 2001-ва година.

Наградата распишана за Саед е прилично голема. Само тројца милитанти, вклучително и талибанскиот лидер Мула Омар, имаат толку висока „цена“. За лидерот на Ал Каеда, Ајман Ал Завахири, е распишана награда од 25 милиони долари.

Aiman al-Sawahiri

И лидерот на Ал Каеда, Ајман ал Завахири се крие во Пакистан

И Омар и Ал Завахири се верува дека се кријат во Пакистан - нуклеарната сила која бројни безбедносни и антитерористички експерти ја сметаат за нестабилна исламска земја.

Државна заштита за Саед

Случајот на Саед е уникатен. Тој беше ослободен од обвиненијата за тероризам од страна на пакистански суд во 2009-та година. Пакистанската влада опстојува на ставот дека нема доволно докази против Саед и покрај тоа што Њу Делхи тврди дека доставил доволно докази за неговата вина.

Исламистичкиот лидер се движи слободно во Пакистан, па дури и ужива целосна заштита од претставници на војската и тајната служба на Пакистан.

Политичкиот и безбедносен аналитичар од Карачи, Али К. Чишти за ДВ вели дека кога Хафиз Саед последен пат го посетил Карачи бил заштитуван од 300 пакистански безбедносни службеници.

„Изгледа дека Пакистан го смета Саед за стратешки партнер за кој веруваат дека ги брани пакистанските интереси“, вели Чишти.

Тој истотака смета дека Пакистан треба да биде загрижен оти такви многу познати милитанти се движат низ земјата без страв.

Hafiz Mohammed Saeed 2008

10 милиони долари за негово фаќање- Хафиз Мухамад Саед

„Не станува збор само за Мула Омар. Многу членови на Кета Шура (собрание на авганистанските Талибанци) се видени во урбани области во Пакистан. Осама бин Ладен исто така се криеше во Аботабад, близу до воена академија“, вели Чишти, додавајќи дека тоа треба да ги загрижи властите во Исламабад.

„Но, јас знам од моите контакти со генерали во војската и со разузнувачите во Пакистан дека овие милитанти на некој начин се адут во преговорите со Западот“, вели Чашти.

Тазен Џавед, колумнист од Исламабад, вели дека САД и Пакистан играле игра на „мачка и глушец“ во случајот на Саед.

„Поддржувањето на луѓе како Саед е пакистански начин на пркосење на САД“, истакнува Тазен.

Закани од други региони на Азија

Но, екстремизмот од јужна Азија не е единствената закана за САД. Процутот на радикалниот ислам во земји како Малезија и Индонезија ќе биде наредниот голем предизвик за САД и останатите западни земји, кои ја водат глобалната „војна против теророт“.

„Засиленото поврзување меѓу радикалните и исламистички сили од југоисточна Азија и Ал Каеда следи сличен шаблон во други региони на светот“, вели д-р Аурел Кросан, професор по компаративна политика на универзитетот во Хајделберг.

Кросан за ДВ истакнува дека други фактори за радикализацијата во југоисточна Азија беа авганистанската војна од 80-тите години од минатиот век, која послужила како расадник за радикалните сили, и терористичките напади на 11 септември 2001 година во САД. Тој уште додава дека глобализацијата исто така одиграла голема улога во тоа, со оглед дека го направила полесен дотокот на информации и средства за јужноазиските милитанти.

Archiv Umar Patek Bali Bomber

„Бомбашот од Бали“- Умар Патек има пакистански врски

Покрај тоа, Кросан истакнува дека причините за растечката исламизација во југоисточна Азија биле од локален карактер.

„Повеќето радикални групи во регионот се и натаму локални во нивните цели, во регрутирањето и во нивните тактики и активности“.

„Добар пример е јужен Тајланд. Нема докажана поврзаност меѓу муслиманските бунтовници на југот на Тајланд и глобалните терористи“, додава тој.

Но, многу експерти забележуваат поголема соработка меѓу терористите од Далечниот Исток со оние кои дејствуваат во други делови на светот. Минатата година индонезискиот терорист Умар Патек, кој беше обвинет дека одиграл клучна улога во бомбашките напади во Бали во 2002-ра година, беше уапсен во пакистанскиот град Аботабад. Во други случаи, исламисти од југоисточна Азија патувале во земји од јужна Азија каде имале обука во тренинг кампови.