1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Азил за руските хомосексуалци?

Германските политичари изразија негодување поради анти-хомосексуалниот закон во Русија. Некои од нив се заложија за тоа на хомосексулаците од Русија да им се овозможи азил во Германија.

Ополномоштеникот за човекови права на германската влада Маркус Ленинг оцени дека околностите за руските хомосексулаци се „неодржливи“. Тој преку весникот „Велт ам зонтаг“ ги повика сојузните германски покрини, без компликации да им се признае правото на азил на хомосексуалците од Русија, кои тоа го побарале во Германија. Сличен став во весникот произнесоа и други водечки политичари, меѓу нив и шефот на пратеничката група на Партијата на левицата Грегор Гизи, пратеничката од редовите на Зелените Марилуизе Бек и германската министерка за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер.

Лојтхојзер Шнаренбергер подвлече, Русија со „исклучување на хомосексуалците“ оди „натамошен голем чекор во правец на чиста диктатура“.

Бојкот на Олимпијадата?

Прогонувањето на хомосексуалците во Русија не предизвика негодување само во Германија, туку и во останатиот дел на Европа и САД. Некои политичари дури предложија да се бојкотираат Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година.

Политичарот од германската партија ЦДУ Јенс Шпан за „Велт ам зонтаг“ оцени дека било „гротескно, светот да биде гостин во земја, каде со закон се гонат хомосексуалците“.

САД и Велика Британија одбиваат бојкот на Игрите. „Можеме подобро да се бориме против предрасудите, доколку учествуваме, отколку ако ги бојкотираме Зимските олимписки игри“, појасни британскиот премиер Дејвид Камерон.

Американскиот претседател Барак Обама во вторникот ги критикуваше земјите, кои усвојуваат дискриминирачки закони против хомосексулаците. Но, бојкот на ЗОИ во Сочи за него би било „несоодветен гест“, рече Обама во петокот на пресконференцијата во Вашингтон.

Високи казни

Во јуни годинава Русија усвои закон, според кој се казнува позитивно произнесување за хомосексуалноста во присуство на малолетници или медиуми. Странците доколку го прекршат законот мораат да сметаат на казна од околу 2.300 евра. Освен тоа им се закануваат затворски казни до 15 денови и протерување.