1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Администрацијата расте, професионалноста опаѓа

Ерозијата на системот на компетентност при вработување во администрацијата во Македонија почна со „рамковните вработувања“, велат дел од експертите.

Во зависност од тоа кои критериуми доминираат при вработувањето на државните службеници, системите се делат на „spoil" (споил) систем на плен или грабеж и „merit" (мерит) систем на способности и заслуги. Тие консеквентно се однесуваат и на понатамошното унапредување на службениците. Каква е можноста од најавената зголемена професионалност на јавната и државната администрацијата, ако вработувањата во неа не се спроведуваат според заслуги и компетенции, туку според други „критериуми"? Пример за тоа се последните вработувања во ЈП „Македонски шуми" на 1.600 лица од ранливи социјални категории, а премиерот Груевски веќе најави уште 300 вработувања за лица со посебни потреби. Д-р Марија Ристеска, професор на Универзитетот ФОН, потсетува дека македонскиот систем на државна служба е конципиран и основан на принципите на заслуга, „мерит" кои овозможуваат регрутирање на службениците преку точно утврдена процедура и критериуми кои овозможуваат развој на професионална администрација.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht

„За остварување на оваа цел е формирана Агенција за администрација која има улога во селекција на кандидати, но и се грижи за професионалниот развој на државните службеници и нивното оценување. Воведувањето на 'споил' елементи во системот на државна служба датира од 2007 година кога се усвојува Стратегијата за спроведување на рамковниот договор. Со Стратегијата се ставија во функција три елементи со кои се расипува 'мерит' системот: Регрутирањето на државни службеници според принципот на правична застапеност не се стави во надлежност на Агенцијата за администрација, туку на Секретаријатот за Рамковен договор; иако се отвараа конкурси со определени критериуми, тие не беа отворени за сите, туку само за припадниците на етничките заедници, што придонесе кон создавање поголема нееднаквост; процедурата во која беа избрани не беше иста со процедурата што ја пропишува Законот за државни службеници. Ова со вработувањата во 'Македонски шуми' всушност е идентично со она што се случува со рамковните вработувања. И тие оневозможуваат еднаков натпревар на сите заинтересирани за работните места кои се нудат. Исто така, процедурата не ја спроведува Агенцијата за администрација, туку МРТВ со специјален паментен софтвер", ги наведува Ристеска констатираните аномалии.

Може и поинаку

Може ли да се да се вработат луѓе според професионални критериуми, а притоа да се испочитува и социјалниот момент? Може, вели Ристеска, и укажува дека посакуваните цели можеле да се остварат со почитување на сите постоечки критериуми и процедури, преку воведување на т.н афирмативна акција за социјално загрозените. Имено, тогаш приоритет за вработување ќе му се даде на лицето кое е социјално загрозено и ги исполнило сите критериуми, како и лицето кое не е социјално загрозено.

„Со телевизското шоу се деинституционализираше системот за регрутирање и се промовираше остварувањето на партиското ветување. Исто како што со рамковните вработувања се деинституционализираше вработувањето на припадниците на етничките заедници. Ако и двете - и рамковните и вработувањата на социјално загрозените се спроведоа институционално преку употреба на афирмативна акција, можеше да влијае на зголемување на довербата на институциите и Владата. Вака, тоа има влијание само на зголемување на партискиот рејтинг на ДУИ за рамковните вработувања и на ВМРО ДПМНЕ за вработувањата на социјално загрозените", оценува таа.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht

Сѐ додека на таков начин се регуртираат кадри во администрацијата, професионалноста и компетентноста ќе мора да чекаат подобри времиња. Економските аналитичари со жалење констатираат дека се потврдува правилото дека богатата економија ја контролира државата, а сиромашната и се поклонува, бидејќи моли за леб. Причините за високата стапка на невработеност лежат во ниското ниво на инвестиции, бидејќи единствено тие овозможуваат пазарно создавање на нови работни места. Додека ги нема, партиите на власт се доживуваат себе си како корпорации и стануваат најголемиот работодавец, а селективноста при вработувањето ја прилагодуваат на својата потреба да останат на власт.

Зоран Ивановски, професор на Универзитетот на ЈИЕ, се согласува дека Владата се обидува да помогне на луѓето, но на сметка на оптоварување на буџетот, кој и пред тоа покажуваше знаци на лимитирана можност за користење како инструмент на економската политика, пред сѐ во делот на капиталните инвестиции и тековното финансирање на буџетските корисници.

„Буџетот станува социјална категорија, а институциите на државата 'leaving institutions' каде е најважно вработените само да земаат плата. Ако се анализираат буџетите на одделни корисници, делот за плати надминува 80%, па дури и 90%, со што се докажува претходната констатација. Со ваквите политики населението се навикнува и во иднина да чека државни акции за вработување, без невработените да размислуваат за пазарниот концепт на деловно ангажирање во бизнис секторот, во согласност со потребите на овој пазар на труд, каде се бара соодветно образование, вештини и компетенции. На страната на негативните ефекти секако е дополнителниот притисок врз буџетот што во крајна линија значи и помалку пари за економските програми", вели Ивановски.

Оптоварен буџет

Според економистите, проблемот може да се реши само тогаш кога приватниот сектор ќе стане поатрактивен од јавниот, а политичките аналитичари во ваквите потези препознаваат можна увертира за предвремени парламентарни избори.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht

Според нив, ако 100 невработени ги прашате дели е погрешно да се вработуват луѓе во администрација по одреден клуч- партиски, социјален или некој друг, сите ќе кажат - погрешно е! Утре ако на сите 100 им се понуди работно место во замена за изборен глас - сите ќе го прифатат како исправно решение. Тие и не сакаат јавно да зборуваат, со образложение дека „на вакви, егзистенцијални прашања во корелација со системски недоследности, најбрзо се заработува некаква етикета на противник на системот".

„Вработување на 1.600 луѓе од ранливи социјални категории е добар потег од општествен аспект. Економскиот ефект е во тоа што тие ќе ги трошат приходите во земјата и со тоа ќе ја поттикнат домашната потрошувачка. Но, под голем знак прашалник е одржливоста на вакви решенија. Во една приватна фирма прво јасно се дефинираат потребите и парите со кои се располага, па потоа се вработуваат луѓе. Во случајов е обратно. Прво се вработуваат во конкретно јавно претпријатие, а потоа од таму ќе се пренасочуваат каде што ќе има потреба, без претходно точно да се анализира колкава е таа потреба. Да не заборавиме и дека добар дел од јавните претпријатија работат со загуба, дека се претворија во филијали за вработување и дека се буре без дно. Сите бегаат да се соочат со тој факт, но еден ден ќе мора да се отвори и тоа прашање, бидејќи на крајот на денот цехот го плаќаат граѓаните", вели нашиот соговорник.

Според последната неофицијална бројка администрација во Македонија брои вкупно 118 илјади вработени, но се смета дека е многу поголема. Ако се анализираат бројките од буџетот, за еден вработен државата годишно троши 8.000 евра. Помножено со бројката на армијата од административци, се добива сума превисока за перформансите на македонскиот буџет, се разбира, доколку сака да биде развоен.

Светска банка во својот неодамнешен извештај констатираше дека во Македонија вработувањата се случуваат само во јавниот сектор, но нема отварање работни места во приватниот сектор, кои всушност најмногу влијаат на растот на вработеноста. Во повеќе државни документи пишува дека професионално поткован, политички неутрален, високо етички созреан и сервисно ориентиран државен службеник ќе има потенцијал и капацитет да се стави во функција на остварување на правата и должностите на граѓанинот, како стожер на системот. Тој стандард сѐ уште чека на реализација.