1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Адвокатите на Ел Масри задоволни: Победи правдата

Адвокатите на Ел Масри се задоволни од пресудата, бараат одговорност на оние во Македонија кои знаеле за случајот. Македонските претставници пак не ја коментираат одлуката на Судот за човекови права во Стразбур.

Европскиот суд за човекови права пресуди дека со апсењето на Калед Ел Масри и неговото предавање на агенти на ЦИА, Македонија сторила сериозна повреда на неговите човекови права. Судот нареди на Ел Масри да му биде исплатена отштета од 60 илјади евра.

Случајот на Ел-Масри е наведен во повеќе меѓународни истраги што се спроведени во врска со случаи на „противправно предавање“ во Европа и за вмешаноста на европските влади во истите. Во 2006 и 2007 година, Комисијата за правда и човекови права при Парламентарното Собрание на Советот на Европа и сенаторот Дик Марти од Швајцарија како известител, спроведе истрага во однос на таквите наводи. Во извешатајот на Марти од 2007 година е заклучено дека случајот на Ел-Масри “е случај на документирано предавање”, и дека верзијата на македонската влада била „целосно неодржлива”.

Тајниот сведок е поранешен министер на МВР

Во постапката пред Европскиот суд за човекови права, во март 2010 година , Х. К. кој во периодот на затворањето на Ел-Масри бил министер за внатрешни работи на Република Македонија, даде писмена изјава. Тој меѓу другото потврди дека македонската полиција, постапувајќи по важечки меѓународен налог за апсење, издаден од властите на САД, го уапсила Ел- Масри и го држела во изолација во Скопје под постојан надзор на агенти на државната служба за безбедност и контраразузнавање. Подоцна Ел-Масри бил предаден на тим на ЦИА на аеродромот во Скопје и ја напуштил земјата со авион на ЦИА.

Адвокатите на Масри тврдат дека победи правдата

Веднаш по одржаната расправа застапникот на Ел Масри пред Судот во Стразбур, Дариан Павли од Отворено општество – инцијатива за правда ја даде следната изјава:

„Тое е голема правда и задоволство за нас и за Ел Масри, тој е страшна жртва на програмата за ЦИА и на заедничката соработка на САД и Македонија. Првата работа кој тој ја сакаше е правдата. Се‘ беше така како што тој рече, дека поминал три недели во Македонија и потоа бил префрлен во Авганистан, а судот ова го потврди. Оваа пресуда значи дека македонските власти лажеа во изминатите девет години. Тоа е неверојатен став на македонската влада, знаеше се‘ што се случи и понатаму лажеше, но судот ја потврди денес вистината. Сега треба да се спроведе истрага и со меѓународно учество за да се дојде до вистината и да се најдат сите оние кои знаеја за ова, да се открие што направија и кој е одговорен,“ – завршува Павли.

Khaled El-Masri

Калед Ел Масри доби сатисфакција

Македонија ќе ја проучува пресудата

Претставникот на македонската влада Костадин Богданов од своја страна коментираше:

„Сега е рано да се коментира пресудата. Станува збор за обемна пресуда, од деведесет страници. Ние мораме да ја погледнеме во детали и да видиме кое е размислувањето на Судот. Како на пример: зошто нашите аргументи не се прифатен и зошто се прифатени тие на тужителот. Во сите случаи, тоа што можам да го кажам во моментов е дека ќе пристапиме во наредна фаза, бидејќи веќе имаме пресуда, која не подлежи на жалба. Сега ќе пристапиме во нејзино целосно извршување, како што наложуваат правилата на Судот и на Советот на Европа. Потребно е пресудата да се прочита во детали, посебно во делот на извршувањето за да знаеме каде се повредите по тие членови“, завршува Богданов.

Амбасадарот на Република Македонија при СЕ во Стразбур, Петар Поп Арсов, веднаш по соопштувањето на пресудата го даде краткиот одговор:

„Немам коментар за пресудата. Во демократските општества судски пресуди не се коментираат. Таква е праксата и во Република Македонија и покрај што оваа пресуда е резултат на настани што се случиле во минатото пред 9-10 години, во 2003 година“.

49-годишниот Ел Масри ги тужеше американската и македонската влада уште пред речиси 10 години пред домашните надлежни судови, но неговите тужби беа отфрлени, а ова беше неговата последна шанса да добие отштета за неправедното апсење и малтретирање. Неговиот адвокат бараше отштета од 300 илјади евра од македонската држава.

Германецот од либанско потекло беше приведен од македонската полиција во 2003 година, а потоа и предаден на агенти на американската тајна служба. Сомневајќи се дека е поврзан со терористичка мрежа, ЦИА го префрли Ел Масри во Авганистан, каде бил затворен и малтретиран речиси 4 месеци. Откако се утврдило дека имаат човек со погрешен идентитет, ЦИА го оставила Ел Масри во пуста област во Албанија.