1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Аграрна партија со мултиетнички состав во Македонија

„Земјоделецот независно од националноста е земјоделец и проблемите му се исти,“ велат во новата Аграрна партија на Македонија. Јавноста е позитивно изненадена од мултиетничкиот состав и најавената европска ориентација.

default

Аграрно стопанство

„Вкупната состојба во аграрот и лошата аграрна политика во Македонија беа главната причина да пристапиме кон формирање на партијата,“ вели нејзиниот претседател Аџибајрам Љуфи. „Време е некој сериозно да размислува за аграрот. Од земјоделците сме прифатени добро,“ додава Љуфи: „Тука ја добивме најголемата поддршка бидејќи составот на Аграрната партија е единствениот патоказ за развој на аграрниот систем и заедничкиот соживот. Единствено на тој начин ова општество може да напредува на сите полиња.“

Saso Apostoloski

Потпретседателот на партијата Сашо Апостолоски

„Теренот го освојуваме претпазливо, а се чини ги придобиваме и симпатиите на јавноста поради нашата мултиетничност“, се надоврзува потпретседателот Сашо Апостолоски, кој е од Охрид: „Претседателот е Албанец, потпретседателот е Македонец, генералниот секретар е Турчин. Ова важи и за ограноците не само за централното претседателство. Значи земјоделците се земјоделци насекаде во светот: и во Кина, и во Германија, и во Америка, и во Франција, и во Македонија. Нема албански или македонски земјоделец или турски земјоделец, тие ги имаат истите проблеми.“

Предлог -аграрна кантонизација на Македонија

По примерот на Швајцарија и други земји од Европа експертите кои се дел од партијата препорачуваат аграрна кантонизација на Македонија, отркива претседателот Љуфи, кој по потекло е од селото Велешта кај Струга: „Македонија како голем производител на аграрни култури, а за жал целосно не искористени ќе мора да ги следи швајцарските искуства за аграрна кантонизација. Така ќе се знае кој регион со што ќе се занимава и каде и како ќе го пласира родот во Европа. Така ќе се реши еднаш за секогаш економскиот аграрен развој.“

„Притисоци од големите партии засега нема, но не се исклучени “

Adzibajram Ljufi

Претседателот на партијата Аџибајрам Љуфи

Партијата е нова на црно – белата поларизирана македонска политичка сцена. Се’ уште не забележале вознемиреност кај големите партии од нивното тивко дејствување и особено мешаниот етнички состав, кој наидува на симпатии пред се’ кај нивните европски политички партнери. „Мене конкретно не ми се јавил некој политичар, и ако се јави ќе биде голема грешка, бидејќи Аграрната партија не признава националност, боја, вера, освен аграр,“ потенцира Љуфи. „Не сакам да размислувам дека му пречиме некому. Во една мултиетничка држава да се формира една мултиетничка партија треба да е за поздравување, а не некому да му пречи,“ уверен е Апостолоски.

Аграрната партија, која полека формира ограноци низ Македонија програмски ќе биде со партиите кои работат во интерес на аграрот: „Имаме една конструктивна политика. Ќе имаме соработка со сите партии во интерес на решавање на економската криза за ова општество и народот. “

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска