1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Автомобилската бранша останува оптимист

Големиот пад во автомобилската бранша засега е запрен, таа се надева на светлина на крајот на тунелот. На 63. Mеѓународен автомобилски саем во Франкфурт над 750 излагачи од 30 земји ги прикажуваат најновите достигнувања.

default

Целиот живот се врти околу автомобилот, барем во рекламните спотови на излагачите на саемот. Здружението на германската автомобилска индустрија, ВДА, има причина повеќе за да повикува на саемот на автомобили, зашто ни тој не е поштеден од економската криза: бројот излагачи во германската финансиска метропола е намален за една третина. Сепак, саемот сака да го одбрани епитетот на водечки во авто-браншата - 750 излагачи од 30 земји ги прикажуваат најновите модели, трендови и технологии. Претседателот на Здружението на германската автомобилска индустрија Матијас Висман покажува самодоверба:

„Ние остануваме најважниот саем, имаме и „зелен“ тежишен пункт, токму во вистински момент. Ние покажуваме патишта за излез од кризата, со што можеби даваме сигнал и поттик за многу пазари. Меѓународниот саем на автомобили во Франкфурт станува повторно интересен, каков што бил отсекогаш, па и во едно вакво навистина тешко време.“

Во прилог на оваа теза зборува и фактот дека во Франкфурт се прикажуваат 100 светски премиери. Половината од овие новитети доаѓаат од германските производители. Нивниот досегашен кризен биланс е умерен: производителите на возила од пониска и средна

IAA Frankfurt Auto Messe

класа како „Опел“ и „Фолксваген“ силно профитираа од надоместокот за расходување на стари автомобили кој го даваше државата. Производителите на луксузни возила, како „Мерцедес“ и „БМВ“, напротив, претрпеа големи загуби. По осум месеци надоместокот веќе заврши, па многумина експерти сметаат дека ќе дојдат тешки денови за сите производители. Висман оценува:

„Единственото што е јасно е: ќе дојде до слабеење во сегментот на мали автомобили на германскиот пазар. Тоа беше јасно од самиот почеток, постојано го истакнував тоа. Но, колкаво ќе биде ова намалување, денес никој не знае. Решавачко прашање е дали истовремено ќе се стабилизира извозот. Ако тоа се случи, тогаш ќе биде решавачки сигнал за 2010 година. Зашто, три од четири возила кои ги произведува германската автомобилска индустрија, ќе одат за извоз.“

Браншата се наоѓа пред преструктуирање

Според актуелните бројки, извозните пазари, во моментов, покажуваат всушност тенденција на опоравување: порачките од странство во август со минус три проценти се речиси стабилни во споредба со претходната година, претходно беа регистрирани до една четвртина порачки помалку. Но, ова не треба да води кон еуфорија, зашто браншата се наоѓа пред нужно преструктуирање, таа страда поради гигантски капацитети, а стопанската криза овде се јави во улога на катализатор. Постојано оптимистичкото Здружение на германската автомобилска индустрија смета дека домашните производители не само што се многу добро подготвени за овој процес, туку би излегле како победници од оваа борба:

„Довербата во технолошката надмоќ, во богатството на иновации на германските производители е силно изразено во инвестициските кругови, на пример во арапските. Понекогаш довербата во странство е поголема отколку во Германија, каде човек постојано бара влакно во јајцето. Во странство се знае: германските претпријатија претставуваат марка во светската автомобилска индустрија.“

Deutschland Autoindustrie IAA Audi R8 Spyder Flash-Galerie

Новиот Ауди Р8 Спајдер

Германија фаќа чекор и кај еколошките автомобили

Тоа важи и за еколошките автомобили произведени во Германија. Актуелните бројки покажуваат дека германските автомобили имаат пониски вредности на ЦО2 отоколку увезените автомобили. Ова, вели шефот на ВДА, Висман, противречи на тврдокорната предрасуда дека Германците не можат да произведуваат еколошки автомобили: „Тоа се покажува на пазарот, во меѓувреме имаме преку сто модели кои трошат помалку од пет литри на сто километри, а чија вредност на испуштен ЦО2 се наоѓа под 130 грама по километар. Со тоа се достигнуваат европските цели, спорните законски ограничувања на ЦО2 за 2012 и 2015 година. “

На Франкфуртскиот саем се присутни и електричните автомобили, но тие за обичните потрошувачи се‘ уште се музика на иднината. Исто како и автомобилите на вода како погон.

Автор: Хенрик Беме / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска