1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Автомобилите (сѐ уште) поевтини отколку што чинат

Во борба за купувачи во Европа, многу произведувачи на автомобили се присилени во последно време да ги продаваат возилата под цена. Сепак полека минува овој тренд, оти и затворањето на фабриките покажува резултати.

Бројот на продадени автомобили во Европа минатата година падна на најниско ниво во последните 17 години, а и во првата половина на оваа 2013 година продажбата и натаму опаѓа. Многу произведувачи „ловеа“ купувачи спуштајќи ги цените, така што всушност губат пари за да продадат некое ново возило.

Тоа се разбира никогаш не се однесуваше на автомобилските концерни кои произведуваат за оние на кои цената не им е важна. На чело на таа група е „Порше“. На овој угледен германски производител на спортски автобомили во просек за секој продаден автомобил му остануваат 16.590 евра - и тоа пред плаќање на данокот и останатите придонеси.

Porsche Produktion

„Порше“ носи најголема заработувачка

Според пресметката до која дојдоа стручњаците од Центарот за истражување на автомобилската индустрија - CAR, Универзитетот во Дуизбург, на второ место е марката на „Фијат“ - „Ферари-Масерати“, на која ѝ остануваат 15.000 евра за секој автомобил кои ги напушта салоните и потоа следува „германското трио“ на производители на луксузни автомобили. Некои можеби ќе ги изненади распоредот, но најмногу заработува „Ауди“ (3.821 евра), следува „БМВ“ со (3.495 евра), а дури потоа доаѓа „Мерцедес“, кај кој кога ќе се собере колку чини сето она што има во автомобилот остануваат „само“ уште 2.012 евра добивка.

Нема друго освен клуч на врата?

Всушност многу поинтересно е што се случува на другата страна, во еден вид „долина на солзите“ на автомобилската индустрија. Некои производители како на пример францускиот „Рено“ и натаму тонат сѐ подлабоко и подлабоко. Во првата половина од 2013 „Рено“ за секој автомобил на купувачот му „подарил“ 457 евра, додека минатата година беа 241 евро. Многу производители кои губеа пари продавајќи автомобили сфатија дека така неможе понатаму. Дури и францускиот производител „Пежо-Цитроен“ ја намали загубата од 510 на 349 евра и кај него како и кај многу други причината е многу едноставна - затворање на фабриките и намалување на производството.

Затоа „Пежо“ ја затвори фабриката недалеку од Париз, а и билансот на „Опел/Воксхол“ по одлуката за затворање на фабриката во Бохум се подобри од 834 евра загуба на „само“ 414 евра, по секој продаден автомобил.

Opel Nachtschicht Arbeiter

Европските концерни се борат да преживеат

Слично е и со „Форд“, поточно неговиот европски огранок. Имено во светски рамки „Форд“ и натаму по автомобил заработува 717 евра, а загубите во Европа почнаа да се „топат“ по затворање на фабрики во Белгија и Велика Британија. Во првата половина годинава тој изнесува 843 евра по автомобил, додека изминатата година изнесуваше 967 евра загуба по автомобил.

Сепак затворањето на фабриките не е единствениот начин за намалување на загубата и тоа се гледа по рекордерот во процесот на опоравување италијанскиот „Фијат“. Овој авто-концерн ја преполови загубата. Од 384 евра минатата на само 130 евра по продаден автомобил годинава. И „Фијат“ се одлучи да ја напушти марката „Ланчија“, но многу поважно беше негвото враќање во секторот на мали економични автомобили, во кој тој се чувствува како „дома“.

Маркетингот и позиционирањето на пазарот се пресудни за преживување на производителите на автомобили - и тоа најдобро го покажуваат производителите од Далечниот Исток. Имено и производителот на масовни возила, јапонска „Тојота“ одлично заработуваат на своите автомобили - 1.801 евро по возило. Полошо не стојат ниту Корејците „Хјундаи“ (1.027 евра) и Киа (911 евра), што е секако подобро отколку во случајот со „Фолксваген“ (629 евра), додека „Шкода“ заработува (671 евра).