1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Австрија ќе ја тужи Германија поради патарината

Дали германската патарина ги дискриминира странците? Австрија најави жалба пред Европскиот суд на правдата.

Планираното воведување на патарина за автомобилите во Германија е дискриминирачко, изјави австрискиот министер за сообраќај Јерг Лајхтфрид денеска во Виена, образложувајќи ја намерата за поднесување тужба пред Европскиот суд на правдата.

„Станува збор исклучиво за патарина за странците“, потенцира тој.

Европската комисија се извлече од конфронтирање со Германија, па сега Австрија ќе преземе ваков чекор, вели Лајтхфрид, според кого правните консултации извршени по налог на владата, навестуваат успешен исход на тужбата. Но, таа нема да може да го одложи планираното воведување на патарината во Германија во 2019. година.

Австрија е еден од најжестоките критичари на германската патарина. Од аспект на Виена, воведувањето систем на патарина во принцип не е спорно, дотолку повеќе што таков функционира и во самата Австрија. Но, тоа што во крајна линија во Германија патарина ќе треба да плаќаат само странците, се коси со основните вредности во ЕУ, која претставува солидарна заедница, истакнуваше австрискиот министер за сообраќај во повеќе прилики.  

Најавата на австриската тужба против Германија доаѓа во предвечерјето на австриските парламентрани избори, закажани за в недела, 15. октомври. 

Бундесратот во Берлин на крајот на март, без оглед на острата критика, го ослободи патот за воведување патарина на автопатиштата во Германија, за што претходно беа изгласани соодветните закони во Бундестагот. Патарината всушност беше договорена уште во 2015 година, но со оглед што Брисел наскоро потоа започна постапка против Германија поради повреда на ЕУ-правото, законите не стапија во сила. Централен камен на сопнување беше критиката дека патарината ќе значи дискриминација на возачите од странство, со оглед што на домашните возачи вкупните трошоци за патарина ќе им бидат компензирани преку намалениот данок за автомобили. Добринт во декември 2016. година се спогоди со ЕК да се изврши промена на моделот на плаќање патарина. Бараните измени се содржани во законот кој потоа го усвои Бундесратот. 

И Холандија и Чешка се незадоволни од воведувањето патарина на германските сообраќајници, но не е познато дали ќе се приклучат кон тужбата.

 Според проценките, со германската патарина се засегнати околу 1,8 милиони автсриски граѓани од пограничните региони, кои секојдневно го користат германскиот автопат како најбрза поврзница меѓу регионите на Инсбрук и Салцбург, каде не постои австриска автопатска спојница.

 

DW.COM