1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Австрија се конфронтира со Грција по прашањето за Македонија

Новиот австриски министер за надворешни работи Курц се надева на решение за проблемот со Македонија, пишува „Ди пресе“. На „Зиддојче цајтунг“ му паѓа в очи- на Балканот веќе никој не сака да зборува српскохрватски.

Весникот „Ди пресе“ од Виена, известувајќи за вчерашната ( 7.1.2014.) посета на Курц во седиштето на Унијата во Брисел, го пренесува ставот на министерот дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е на место, оти Австрија е многу засегната од развојот на земјите во соседството, иако „во австриското население нема воодушевување за прием на држави како Србија, Црна Гора или Македонија“. Но, „перспективата за пристап отсекогаш беше мотор за реформи“, нагласува Курц.

„Изненадувачки јасно новиот министер за надворешни работи отиде на конфронтација со Грција, која од 2005 година го блокира започнувањето преговори за прием со Македонија поради неразјаснетиот спор околу името. (...) Курц во Брисел укажа на тоа, дека би морало да е резон на грчката влада ’да има и успеси за време на сопственото претседавање‘. Поради тоа тој се надева на некакво решение кај темата Македонија, оти била ’јавна тајна дека во ЕУ имиџот на Грција веројатно не е насекаде најдобар“, пишува „Ди пресе“.

Освен на средбата со еврокомесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе, Македонија била тема и на разговорот на Курц со Кетрин Ештон, одговорна за надворешната политика на Унијата.

„Јазик што изумира“

„Зиддојче цајтунг“ од Минхен забележува дека „на Балканот веќе никој не сака да зборува српскохрватски“. Симпатизерите на Балканот можеби веруваат дека во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се’ уште се зборува истиот јазик - српскохрватски, што на прв поглед и не е толку погрешно. „Се’ уште Бошњаците без проблем разговараат со Хрватите или Србите, можат да ги читаат книгите на соседите и да ги разберат нивните песни. (...) Но, на втор поглед разбирањето и не оди толку далеку: на Балканот беснее огорчена борба за јазикот. (...)

Дали Србите и Хрватите јазично ќе влечат на иста страна или меѓусебно ќе војуваат, во текот на историјата секогаш зависеше од тоа дали тие токму сакаа да го нагласат она што ги обединува или она што ги двои. (...) Во меѓувреме Хрватите и Србите ги двојат една, можеби две илјади зборови, првенствено во правосудството и управата.

(...) Во Република Српска муслиманските родители бараат нивните деца да не учат на српски, туку на бошњачки. Тоа не е востински засебен јазик, туку се во прашање различните верзии на јазик и литература, историја и географија, религија и наука за општеството. (...)

Црногорците се отидени подалеку, но само на хартија. По независноста на џуџестата држава во 2007. година новиот устав го утрвдува ’црногорскиот‘ како државен јазик, иако две третини од жителитевелат дека зборуваат српски. Црногорскиот јазик како задолжителен предмет, како и една нова, црногорска граматика, налути многумина граѓани. (...)

Нејасно е како работите ќе се одвиват понатаму - јазични збрки на сите страни“, се вели на крајот од написот во „Зиддојче цајтунг“.