1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Австрија: Валкана изборна кампања

Ситуацијата пред изборите во Австрија е тензична. Шефовите на владејачките австриски партии влегоа во жесток меѓусебен судир, а од тоа профитираат популистите.

Австријците можат само да се насмеат на тонот во телевизискиот дуел од пред изборите меѓу Ангела Меркел и Мартин Шулц. Исто како и во Германија до изборите во септември, и во Австрија на власт беше широка коалиција, но таму под раководство на социјалдемократите. Но, за разлика од Германија, австрискиот премиер од Социјалдемократската партија, Кристијан Керн и вицепремиерот и министер за надворешни работи Себастијан Курц влегоа во жесток и валкан меѓусебен дуел.

Оваа кампања се смета за една од највалканите досега. „Судирите стасаа до таму што веќе не се прифатливи за публиката", изјави Керн за телевизијата ОРФ, иако и самиот тој е дел од тоа.

Атмосферата е напната. Како и во останатите европски земји, миграцискиот бран ја вознемири Австрија и го поттикна неприфаќањето на странците. На претседателските избори минатата година, кандидатот на Зелените, Александар ван дер Белен извојува тесна победа над кандидатот на десните популисти, Норберт Хофер. Откако поради нерегуларности изборите мораше да се повторат во декември, Ван дер Белен освои јасно мнозинство од речиси 60%. Се чинеше дека по ова земјата атмосферата се потсмири, особено откако социјалдемократот Керн солидно ја водеше земјата.

Аферата „Зилберштајн

Но, потоа раководството на Социјалдемократската партија донесе одлука за која веројатно горливо жали: го ангажираше израелскиот советник за изборни кампањи, Тал Зилберштајн. Тој стана познат токму како специјалист за негативни кампањи, но доста сомнителен, како и што се покажа. Зилберштајн наводно стои зад лажни Фејсбук- страници на кои се шири расистичка и антисемитистичка содржина со цел да се оцрни лидерот на Народната партија на Австрија, Себастијан Курц. Откако Зилберштајн во август беше уапсен во Израел под сомнение за перење пари и измама, Социјалдемократската партија веднаш ја прекина соработката со него. Но, веќе беше доцна. Керн изјави дека не знаел за неговите активности, а при тоа Народната партија на Австрија го поткупила Зилберштајн да ја шпионира Социјалдемократската партија. Штетата за социјалдемократите со аферата Зилберштајн е огромна а меѓусебната доверба меѓу владините партнери уништена.

Какво е расположението во виенската коалиција можеше да се види на телевизискиот дуел во неделата меѓу Керн и двасет години помладиот Курц. „Дуел на омраза" го опиша булеварскиот весник „Австрија“. Притоа Керн на Курц му порача: „Не се однесувај како жртвено јагне", додека Курц го обвини премиерот дека не може да се справи со себе и начинот на кој му се обраќа: „Ти не престануваш да ме напаѓаш."

Österreich Wahlen TV-Debatte mit Kern, Kurz und Strache (picture alliance/APA/G. Hochmuth)

ТВ-дебата која ја вознемири Австрија

Слободарската партија слатко се смее

Земајќи го ова в превид, звучи малку беспомошно кога Керн во изјава за дневниот весник „Ди Пресе" се обидува да не ја отпише целосно големата коалиција: „Неколупати ги предупредив во Народната партија да не ја расипуваа коалицијата". Во анкетите Народната партија на Австрија води убедливо, што е во голем дел поврзано со Себастијан Курц. Паметниот, млад и со голема доза на самоконтрола, Курц донесе свежина во „застарената“ партија креирајќи „движење“ по сопствена мерка со многу алтернативи.

Со консеквентна политика против доселување тој зборува мислење кое е широко распространето, што се вклопува и со ставовите на радикалната Слободарска партија. Курц со леснотија може да направи коалиција со нив. Слободарската партија, според анкетите, е речиси на исто ниво со Социјалдемократската партија. Како што се вели во поговорката, третиот најслатко се смее и добива кога двајца се караат, а тоа во случајов е Слободарската партија, која добива во кавгата меѓу партиите на големата коалиција.

Сојуз меѓу конзервативците и десните популисти не би бил новина во Австрија. Ваква коалиција имаше во 2000. година на државно ниво, што значи табуата се прекршени. Во случај Курц да стане премиер, тој веќе претпазливо постави одредени услови за евентуалниот коалиционен партнер, Слободарската партија. Тие ќе мора да се откажат од идејата за излегување на Австрија од ЕУ. „Волјата, Европа да се унапредува кон подобро, значи откажување од идејата за Аксит и тоа мора да биде јасна цел на новата влада", изјави Курц за весникот „Куриер“. Слободарската партија веќе ја ублажи својата реторика во однос на Европа со цел да се наметне како можен коалициски партнер. Нејзиниот лидер Штрахе во меѓувреме настапува поумерено и државнички.

Каде е пристојноста?

Двата сосем различни телевизиски дуели од неделата се огледало на расположението. Наспроти агресивниот дуел меѓу Курц и Керн, Курц и лидерот на Слободарската партија, Хајнц Кристијан Штрахе разговараа многу посмирено и дури во завиена форма разменија и пофални зборови. Сето ова укажува на можна коалиција меѓу Народната партија на Австрија и  Слободарската партија.Курц до Ердоган: Рацете настрана од нашите избори

Но некои стравуваат дека валканата изборна кампања може да ѝ наштети на земјата. Претседателот на австрискиот Каритас, Михаел Ландау за „Кронен цајтунг" изјави: „Ако се продолжи вака, стравувам дека ова ќе има последици врз нашата демократија". „Во игра се основни принципи како кохезија, почит, чесност и минимум пристојност ", вели Ландау. Според политикологот Хуберт Сикингер ова, исто така, има врска со подемот на Слободарската партија под раководство на нејзиниот поранешен претседател, Јерг Хајдер. Тонот оттогаш стана поостар. За „Зидојче цајтунг", Сикингер изјави: "Хајдер ја институционализираше реториката 'Ние против оние горе' и 'политика против странци'". Оттогаш е на дневен ред ваквата „остра реторика" . „Ова е сосема поинаку од Германија, каде што популизмот е нов феномен во изборната кампања."


 

 

DW.COM