1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Австралија нема да го израчи осомничениот злосторник

Австралискиот врховен суд денеска го одби барањето на Унгарија за израчување на Карољ Зентај, 90-годишен Австралиец со унгарско потекло, обвинет за воени злосторства во Будимпешта за време на Втората светска војна.

Карољ Зентај е осомничен дека бил еден од тројцата унгарски војници кои на 8. ноември 1944. година во Будимпешта го измачувале и го убиле 18-годишниот Евреин Петер Балаш. Зентај во тоа време служел во унгарската армија, сојузничка војска на нацистичка Германија.

Зентај, кој во Австралија пристигнал во 50-те години од минатиот век, го променил името во Чарлс и денес е австралиски државјанин, постојано ги негираше обвинувањата. Австралиската влада одобри негово израчување на Унгарија во 2009 година, но таа одлука беше поништена на суд. Ваквата пресуда беше потврдена и во жалбената постапка во 2011. година. Сега Врховниот суд, чија одлука е конечна, пресуди дека Зентај не може да биде екстрадиран, затоа што во периодот кога Балаш е убиен во унгарскиот закон немало кривично дело - воено злосторство.

Зентај инаку беше уапсен во 2005. година и ослободен со платена кауција во декември 2009 година.

Будимпешта побара негово израчување по барање од Центарот „Симон Визентал“, кој ширум светот трага по поранешни нацистички злосторници. Центарот го обвинува Зентај дека по војната избегал од Унгарија претставувајќи се како бегалец.

Карољ Зентај се наоѓа на листата на „десетте најбарани нацистички криминалци“ на Центарот „Симон Визентал“.