1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Австралиските власти го користат терминот „Македонци“

Австралиските власти преку два дописа до македонската заедница во земјата известиле дека се менува одлуката во однос на именувањето на Македонците во Австралија. Се напушта праксата за користење на „Славомакедонци“.

Портпаролот на „Австралиско-македонскиот комитет за човекови права“ Крис Попов за Дојче веле објаснува дека шефот на кабинетот на министерот за надворешни работи, како и Министерството за имиграција и државјанство, на 9-ти и 11-ти јануари годинава испратиле писма до Комитетот со кои ставаат на знаење сека „славомакедонската директива не се употребува и во други служби, вклучувајќи го и Австралискиот завод за статистика“.

„Според нас, одлуката важи, односно стапи на сила на 9-ти јануари годинава. Со таа одлука се означува крајот на една долгогодишна борба што се водеше од страна на нашиот Комитет за промена на ставот на австралиската влада кон македонската заедница“, вели Попов за Дојче веле.

Следно признавање на уставното име

Објавата на одлуката доаѓа по еден месец, бидејќи членовите на одборот биле на одмор. Следна активност ќе биде „да се стави крај на еден период на македонската заедница во Австралија, кој останува мрачен, додека Македонија се нарекува Поранешна југословенска Република Македонија“, вели Попов.

Sydney Skyline

Македонците очекуваат реакција на Грците во Австралија, но не и менување на одлуката на австралиските власти

„Ние очекуваме дека австралиската влада ќе постапува логично и ќе ја признае Република Македонија под нејзиното официјално и демократски избрано име. Мислам дека ако се признава оти заедницата е македонска, тогаш Македонци доаѓаат од Република Македонија, како и од другите делови на Македонија, кои се во соседните држави. Логично е Австралија да го смени ставот во однос на името на Република Македонија и конечно да се исфрли од употреба срамната референца – Поранешна југословенска Република Македонија. Тоа ни е следната задача и ние сега со полна пареа ќе работиме на тоа – да ја убедиме австралиската влада дека треба да се смени ставот во врска со името на Република Македонија“, вели Попов.

слушај аудио 01:55

Крис Попов, портпарол на „Австралиско-македонскиот комитет за човекови права“

Реакции од грчката заедница засега нема, но од македонската не очекуваат дека реакциите би го промениле ставот на владата.

„Се’ уште нема, ама очекуваме реакции од нив, бидејќи тие оваа одлука ќе ја гледаат како голема загуба за нив. Очекуваме да има реакции, ама не очекуваме владата да го преиспита својот став во однос на ова прашање и очекуваме владата да продолжи да не‘ именува како ’македонска заедница’ и да не се враќа на стариот термин, кој беше многу навредлив“, забележува Попов.

До промената преку лобирање

Македонците во Австралија околу три години работеле на промена на одлуката на австралиските власти преку средби со владини министри и пратеници на владејачката партија. Постепено го зголемувале притисокот врз федералната влада со цел да ја принудат под „силата на аргументите да го преиспита ставот и да го врати терминот македонски“.

Australien Perth

Во Перт живеат многу Македонци

„Оваа победа покажува дека ако во една организација има координираност, посветеност, фокусираност на задачата и целта, ако се истрае во борбата и се користат сите расположливи правни, политички и лобирачки средства, а ние ги искоритивме до максимум, тогаш ќе се постигне посакуваниот резултат“, вели портпаролот Попов.

Официјалните податоци покажуваат дека во Австралија има околу 83.000 Македонци, но од Комитетот сметаат дека ги има повеќе. Резултатите од минатогодишниот попис треба да се објават кон средината на оваа година. Во Комитетот очекуваат бројот на Македонци да се зголеми, бидејќи многумина послободно го изразувале својот етнички идентитет, а исчезнала и појавата многумина да се попишуваат како Југословени.

„Очекуваме официјалната статистика да покаже од 100.000 до 110.000“, вели портпаролот на „Австралиско-македонскиот комитет за човекови права“ Крис Попов за Дојче веле.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска

Аудио и видео прилози на оваа тема