1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Аврамопулос: Посетата на Нимиц може да создаде услови за напредок

Грчкиот министер за надворешни работи Аврамопулос пред посетата на медијаторот Нимиц на Атина и Скопје порачува дека неговата земја се залага за решение за спорот за името кое ќе ги задоволи основните национални позиции.

Грција сака решение кое ќе ги задоволи основните национални позиции, со почитување на историјата и културата на сите и кое ќе ја зајакне регионалната стабилност и безбедност, изјави грчкиот министер Димитрис Аврамопулос пред посетата на медијаторот Метју Нимиц на Атина и на Скопје.

„Турнејата на Нимиц е развој каков што сакаме затоа што може да создаде услови за напредок во однос на прашањето за името. Тоа е резултат на нашата иницијатива за потпишување на меморандумот меѓу двете земји, во кој се поставува рамката за решение“, рече Аврамопулос.

Тој потсети дека во заклучоците на Советот на министрите од декември се вели дека за да се почнат пристапните преговори треба прво да се решат сите отворени прашања за добрососедските односи, а „во случајот на Скопје е изнаоѓање на решение за прашањето за името“.

Во меѓувреме, „Катимерини“ пишува дека Нимиц доаѓа со нов предлог за името. Според весникот, новата иницијатива на Нимиц е резултат на контактите кои ги имал со претставниците на двете земји, амбасадорите Јолевски и Василакис во Њујорк, при што е создадена атмосфера во која, според извори во ОН, двете страни сериозно му пристапиле на прашањето што се покажува и со фактот дека ниту една од двете влади не ги откри последните идеи на медијаторот.

Со оглед на барањето на Атина за сложено име со географска одредница, во овој дух се движеше и последниот предлог на Нимиц кој беше „Република Северна Македонија“, а потоа размислуваше и за „Република Вардарска“. Повикувајќи се на извори во Обединетите нации, весникот пишува дека „понекогаш се навраќа на некои идеи кои претходно биле предложени и кои тогаш не биле прифатливи за двете страни, но денес можеби се“.

Присуството на „крутите за компромис“ Андонис Самарас и Никола Груевски во властите на двете земји на прв поглед може да биде пречка за постигнување компромис, но извори на ОН проценуваат дека тоа би можело да дејствува како катализатор во смисла на тоа дека тие се двајца лидери во кои нивните народи имаат апсолутна доверба за справување со ова прашање, и затоа секој компромис што ќе го постигнат ќе биде прифатен од партиите и граѓаните на двете земји, пишува грчкиот весник.

„Иако досегашните дведецениски напори не вродија со плод, се чини дека Нимиц е одлучен да продолжи да се занимава со ова прашање. И покрај неговата возраст и фактот што не добива финансиска награда за својата работа, тој се чувствува обврзан да го направи она што може за да се дојде до решение. Неговото посредство двете земји го опишуваат како ’фер и искрено’“, заклучува „Катимерини“.

Поврзана содржина