1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Авион удри во висококатница

Мал авион удри во една висококатница во Њујорк и притоа загинаа две лица. Уривањето на авионот повторно ги оживеа сликите од 11 септември, но американската сојузна полиција, ФБИ соопшти дека не станува збор за терористички напад.

Менхетн

Менхетн

Лесен авион се урна во висококатница на источната страна на Менхетн, во близина на Ист Ривер. Од повеќе прозорци на зградата се појави пламен, а изгорени делови од зградата паѓаа надолу. На сивото небо над Менхетн се подигна црн чад.

Слики кои фатално потсетуваат на 11 септември 2001 година и за кусо време предизвикаа страв од нов терористички напад со авиони.

Во меѓувреме, сепак, ФБИ и противпожарната служба потврдија дека не станува збор за терористички напад, туку за трагична несреќа. Алармот пуштен во зградата на ОН која е во близина на местото каде што се случи несреќата беше запрен. Гувернерот на сојузната држава Њујорк, Џорџ Патаки, изјави: “Нема индикации дека станува збор за каква било терористичка закана во целата земја. Нема поинакви информации кои доаѓаат од местото на несреќата, а кои велат нешто друго освен дека се работи за несреќа.“

Авионот, во кој биле еден познат американски играч на безбол, Кори Лидл и еден учител по летање, ја погодил зградата, која има вкупно 52 ката, некаде во средината, околу 22-от кат.Противпожарните единици ги извадија двете тела на загинатите. Досега нема податоци за други загинати или повредени. Пожарот е под контрола, а експертите сметаат дека нема опасност од уривање на висококатницата. Сепак, зградата е испразнета, а околината на местото на несреќата е блокирана и до зградата нема пристап.