1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Авион-преноќевалиште во Шведска

На почетокот на годинава во Шведска е отворено необично преноќевалиште. Во близина на аеродромот во Стокхолм, патниците можат да спијат во авион. Џамбоџетот собира 85 гости, за в лето подготвува специјална понуда.

default

Во кругот на аеродромот Стокхолм Арланда е сместено едно од најнеобичните преноќевалишта во светот - тоа е авионот на хотелиерот Оскар Диес. Гостите таму може да преспијат, а од в лето и да се сончаат на балконите, поточно крилата на авионот. Кога времето ќе се стопли и на крилата на старата птица ќе се постават гелендери, вели претприемачот, оваа необична понуда може да биде атракција во Стокхолм:

„Во Упсала управувам со преноќевалиште за млади и хотел. Сакав да го проширам бизнисот. Арланда е интересна околина, овде може да се испроба како ќе функционираат младинските преноќевалишта сместени во необични објекти. Еден стар авион е навистина куриозитет. Освен тоа, во околината нема многу поволни понуди за преноќевање. Ниски цени во близина на пистата се олеснување за патниците.“

Се‘ на мал простор

Jumbohostel

Добредојдовте во авионот кој не полетува

Пред влезот во авионот стојат челични скали зацврстени на земја. Веднаш до влезната врата се наоѓа рецепцијата и коктел бар за гостите. Столчињата пред малите масички се во ретро стил од 60- тите години. Микробрановите печки на ѕидот и малата кујна потсетуваат на тоа дека во воздух условите се ограничени. И во собите не е поинаку. Тие личат на купеата за спиење во возовите: креветите на кат се сместени во просторија од само шест квадратни метри. Тушот е во ходникот. Раководителката на преноќувалиштето Гизела Олсон, облечена во сина капитенска униформа, со картичка отвара една од собите:

„Во оваа соба има место за тројца гости. Старите прозорци на авионот се оригинали, не ги менувавме ниту боксовите за рачен багаж, тие се од 70-те години. Сите простории имаат телевизор со тенок екран и гратис интернет. Многу работи се зачувани како што биле на почетокот, можеме да се рекламираме и како музеј,“ вели Олсон.

Како се роди идејата

Jumbohostel

Персоналот е облечен во авионски униформи

На крајот на 2006 година, Оскар Диес слушнал дека се продава стар авион. Џамбоџетот Боинг 747 е произведен за Сингапур Еарлајнс пред 30 години. Откако последниот сопственик на авионот банкротира, тој остана на аеродромот Арланда во Стокхолм и требаше да биде однесен на отпад. Но, Диес дојде на идеја од него да направи младинско преноќевалиште. Ги убеди надлежните органи да ги прифатат неговите планови и една година подоцна почна да ја спроведува идејата.

Евтина варијанта

Аеродромот во Стокхолм годишно бележи 18. милиони посетители, но оние кои сакаа таму да преноќат досега мораа скапо да платат. Џамбо-преноќевалиштето сега нуди поевтина варијанта. Кревет во големата соба за преноќување чини 32 евра за ноќ. Покрај ова преноќевалиштето претставува и негување на имиџот на Шведска, појаснува сопственикот:

„Ова е еден вид портал за Шведска. Хостелот е првото што гостите ќе го видат во земјата кога ќе пристигнат на аеродромот во Арланда. Ние им нудиме нешто што го нема на ниедно друго место во светот. Тој дава слика за Шведска како иновативна земја.“

Jumbo Hostel Wohnen im ausrangierten Flugzeug 2

Може да се избира меѓу различни соби

И, тоа не е се, авионот нуди уште една можност – гостите можат да преноќат и во кокпитот, меѓу илјадници копчиња и инструменти да слушаат како во далечината слетува авион. Но, ова се разбира има своја цена – задоволството чини 300. евра за ноќ.

За гостите да бидат безбедени, домаќинот Диес се погрижи авионот да биде цврсто приземјен:

„Шасиите се важен дел. Ги зајакнавме и ги фиксиравме за земја. Авионот стои на своите тркала, иако гумите немаат никаква функција.“ Но, и без оваа дополнителна безбедност, можноста за преноќување во авионот наидува на голем интерес кај патниците.

Конечно, сончање на крило од авион, ниту во Шведска не е секојдневие.