1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Авионот на “Хелиос Ерлајнс“ имал проблеми со клима-системот

Грчките екипи кои работат на расчистување на местото на несреќата досега извадија 112 тела од вкупно 121 патник во авионот. Се работеше цела ноќ, а работата на спасувачите, како што јави грчкото државно радио е отежната поради тоа што преостанатите девет тела на патниците се наоѓаат под еден дел од распаднатиот авион.

Пожари на местото каде што се урна авионот

Пожари на местото каде што се урна авионот

Досега сеуште не е позната националноста на жртвите. Се претпоставува дека поголемиот дел од загинатите биле кипарски Грци. Меѓу нив имало и неколку деца, членови на фудбалско училиште од пристанишниот град Лимасол.

Грчките медиуми јавуваат дека за време на летот од Ларнака кон Атина, веројатно откажал клима – системот и снемало кислород. Пилотите загубиле свест. Откако снемало гориво, боингот 737-300 се урнал во ридестиот предел на десет километри североисточно од атинскиот аеродром. Веднаш по падот на авионот се јавија шпекулации дека се работи за безбедносна грешка, но авиокомпанијата тоа го демантираше.

“Според нашите сознанија нешто се случило во авионот и поради тоа пилотите загубиле свест и никој од авионот не можеше да ни каже нешто“, соопшти кипарскиот министер за сообраќај, Харис Трасу. Конечниот извештај за причините за несреќата ќе биде готов за две недели, откако ќе биде прочитана црната кутија. Маркус Киршнек, портпарол на германското Здружение на пилотите,“Кокпит“ вчера попладне рече: “Во овој момент е целосно исклучено дека можат да се донесат сериозни заклучоци околу тоа што се случило.“

Дел од роднините на жртвите, во текот на ноќта беа донесени во Атина со специјален лет. Останатиот дел треба да пристигнат претпладнево. Тие треба да ги идентификуваат жртвите. Братучед на еден од патниците во авионот, за телевизијата Алфа изјави дека непосредно пред несреќата добил СМС порака со следнава содржина: “Пилотите се во бесвесна состојба. Братучеду ти велам живеј добро. Ние смрзнуваме.“ Дека копилотот загубил свест, потврдуваат и изјавите на пилотите на борбените авиони “Ф16“ што Грција ги испрати во пресретнувачка мисија. Откако тие по неколку маневри виделе дека нема одговор од цивилниот авион, му се приближиле и виделе како копилотот е наведнат над својот стол, веројатно без свест, додека пилотот не бил во кабината. Неофицијално се тврди дека пилотот бил Германец, а копилотот Кипарец.

На Кипар, во повеќе радио и телевизиски станици се јавија луѓе кои тврдат дека во последните месеци имале проблеми со климата кога летале со авиони на компанијата Хелиос. Некои велат дека во авионите било толку студено што екипажот им делел ќебиња. Други,пак, говорат за голема топлина во авионите. “Хелиос Ерлајнс“ е првата приватна авиокомпанија на Кипар, основана во 1999 година. Таа има авиони од типот 737 и нуди летови од Кипар кон многу европски дестинации.