1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Авганистан може да се потпре на меѓународната заедница

Германската канцеларка Ангела Меркел и авганистанскиот претседател Хамид Карзаи ја отворија конференцијата за Авганистан во Бон. 1000 делегати од 85 земји дискутираат за иднината на земјата по повлекувањето на трупите.

default

Делегатите го слушаат обраќањето на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи на конференцијата во Бон

Првата голема меѓународна конференција за иднината на Авганистан која исто така се одржа во Бон во 2001 година беше под покровителство на Обединетите нации. Талибанците штотуку беа соборени од власт, земјата беше во хаос. Десет години подоцна авганистанскиот претседател Хамид Карзаи ја води новата голема конференција посветена на иднината на земјата. Со тоа Авганистанците демонстрираат намера нивната субина повторно да ја земаат во свои раце.

„Последните десет години донесоа напредок, каков што Авганистан не видел во неговата историја“, изјави Карзаи во неговото обраќање на отворањето на конференцијата во кое и‘ се заблагодари на меѓународната заедница за нејзината поддршка.

Afghanistan Konferenz 2011 Bonn

Авганистанскиот претседател Карзаи во својство на ко-домаќин ја отвори конференцијата во Бон

„На добар пат“

Авганистан започна од самото дно и сега е на добар пат. Како примери Карзаи ги наведе развојот на економијата и учеството на жените во општетсвениот живот. И обуката на авганистанските безбедносни сили напредува добро, истакна претседателот. До крајот на февруари половина од авганистанското население ќе живее во области кои се под контрола на авганистанската армија.

„Но нашата цел е да постигнеме стабилност во Авганистан е се’ уште далеку. Безбедносната состојба е нашиот најголем предизвик“, порача Карзаи.

130-те илјади војници на НАТО стационирани во Авганистан веќе започнаа со постепеното повлекување. Во 2014 година земјата треба да ја напуштат и последните борбени трупи на Алијансата - датум, кој многу критичари го сметаат за преуранет. Кога меѓународните трупи ќе се повлечат на земјата и натаму ќе и‘ биде потребна помош од странство. „Потребна ни‘ е ваша помош уште најмалку една деценија“, апелираше Карзаи до 1000 делегати на конференцијата.

Долгорочна помош од Германија

Германската канцеларка Ангела Меркел во нејзиниот говор истакна дека Германија долгорочно ќе се ангажира во обуката на авганистанските безбедносни сили.

Afghanistan Konferenz 2011 Bonn

Канцеларката Ангела Меркел се обраќа пред делегатите на бонската конференција

Во изминатите десет години 1,9 милијарди евра заминале од Германија кон Авганистан, кој е една од најсиромашните земји во светот. Меркел побара од авганистанската влада да се справи со трговијата со дрога и со корупцијата. „Воопшто не е едноставно да се има преглед на структурите во Авганистан’, коментираше дипломатски Меркел.

Важно е рече таа, да напредува внатреавганистанското помирување. На раната фаза на подготовките на конференцијата се’ уште се говореше дека Талибанците би можеле да се приклучат на дискусијата во Бон. Во меѓувреме, знаците повторно укажуваат на конфронтација. И Пакистан кој во помирувањето со талибанците игра клучна улога не испрати претставник во Бон.

„Овој проблем можат да го решат единствено самите Авганистанци“, истакна Меркел.

Меѓународната заедница меѓутоа ќе помогне, секаде каде што може.

„Авганистан може и по 2014 година да се потпре на поддршката на меѓународната заедница“, ја сумираше централната порака на конференцијата во Бон, канцеларката Меркел.

Автор: Нина Веркхојзер / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска