1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Авганистан „лежи“ на пари!?

Министерството за одбрана на САД го изненади светот со веста дека во Авганистан се пронајдени природни богатства вредни околу еден билион долари. Тоа ќе постави нова основа за авганистанското стопанство.

default

Наоѓалиште на бакар во Авганистан

Веста од Пентагон за импозантни природни богатства во Авганистан и нивниот економски потенцијал привлече големо внимание. Луѓето во Авганистан се радуваат поради ненадејното внимание.

Наводно новите информации се одамна познати

Советникот за рударство на претседателот Хамид Карзаи, Абдурахман Асраф, изјави дека неговата влада детално ќе ги испита информациите од Вашингтон: „Ни дадоа податоци кои се неопходни за развојот на природните богатства. Ќе работиме со нив. На лице место ќе земеме примероци и ќе го испитаме количеството на минерали на различните наоѓалишта. Потоа ќе можеме да кажеме на кои наоѓалишта економски ќе биде исплатливо ископувањето, а на кои не.“

Hamid Karsai / Afghanistan

Претседателот на Авганистан Хамид Карзаи

Наводно новите информации на американската влада всушност се веќе одамна познати. За време на окупацијата на Авганистан советски геолози веќе направија истражувања на почвата. По повлекувањето на Црвената армија авганистанските геолози ги сокрија картите, кои ги оставија нивните советски колеги. Информациите останаа недостапни се‘ до 2001 година, кога западните сили ги истераа Талибанците од Кабул.

Белата куќа во Вашингтон изгледа досега не обрна внимание на природните богатства, се‘ до неодамна кога еден интерен извештај од Министерството за одбрана на САД ги процени резервите во Хиндукуш на околу еден билион долари. Авганистанскиот економски експерт Сајфудин Сајхун смета дека експертите од САД дури го потценуваат богатството на неговата земја: „Сметам дека САД не дадоа никакви нови информации за постоечките наоѓалишта во Авганистан. Тие всушност повторно ги објавија старите информации. Бројките кои ги објавија Американците се прениски. Според некои други извори станува збор за вредност од шест билиони долари.“

Западните фирми веќе се заинтересирани

Chile Kupfermine in El Teniente

Рудник за бакар

Експертите во Кабул во секој случај се прашуваат зошто Вашингтон токму сега ја објави оваа сензационална вест. Некои од нив шпекулираат дека Белата куќа се обидува да им покаже на американските граѓани дека војниците од САД не се борат таму попусто, туку дека во Авганистан се во прашање и многу пари. Економскиот експерт Сајхун притоа има претпоставки за поинакви причини: „САД не предупредуваат и советуваат нас Авганистанците, да размислиме за експлоатацијата и искористувањето на овие природни богатства. Освен тоа, веста би требало да го привлече вниманието на западните фирми. Некои западни фирми изгледа веќе размислуваат за ископување на природни богатства.“

Можеби тоа е причината поради што советникот на Карзаи за природни богатства Абдурахман Асраф се обидува да ги намали очекувањата: „За ископувањето и продажбата на овие природни богатства потребни се посебни стручни информации, кои во моментов ги немаме на располагање. Исто така нашата генерација нема право да продаде се‘.“ Потоа Асраф укажува дека вредните природни богатства повеќе сакаат да ги продадат на заинтересирани од Кина или Индија, отколку на западни купувачи. Објасни дека имаат предности поради местоположбата, без да дава детали. Експертите сметаат дека овие изјави се обид на владата во Кабул да ги искористат природните богатства на Авганистан како триумф, и да ги раскараат Западот, Кина и Индија, притоа оставајќи ги сите врати отворени.

Автор: Ариф Фараманд / Џем Сеј / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска