1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Авганистан: војниците заминуваат, проблемите остануваат

Строго гледано- мисијата на западните држави во Авганистан е воeно фијаско бидејќи непријателот не е победен, дури ни значително ослабен. Но никој не може да го одрекне ни закрепнувањето на Авганистан.

„Мисијата која ја спроведува НАТО предизвика многу маки за Авганистан, многу загубени животи, без добивки, бидејќи земјата не е безбедна“, ова се зборови на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи. Кога западните сили целосно ќе се повлечат наредната година, ќе заврши долгогодишната мисија во која непријателот е непобеден, а Авганистан не е многу посреќен од порано. Меѓутоа, генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмунсен остро ги отфрла овие тврдења. Смета дека земјата разурната од војната минала долг пат во текот на минатата деценија. „Промените се извонредни, а нашето вложување во животите и ресурсите е без преседан. Никој тоа не може да го порекне. Тие напори треба да се почитуваат“, вели Расмусен.

Талибанците и натаму моќни

Првобитната цел на мисијата ИСАФ беше оспособување на владата во Кабул да овозможи безбедност ширум земјата и да осигура оваа држава никогаш повеќе да не стане засолниште за терористите. „Талибанците можеби повеќе не се на власт, но сепак се закануваат дека ќе ја превземат“, вели за ДВ Мајкл Кугелман, стручњак од институтот „Вудро Вилсон“ од Вашингтон.

„Терористите веќе имаат вистинска контрола над клучните области во Авганистан, особено на југот и на истокот.“ Кугелман додава дека Ал Каеда едноставно ги префрлила своите главни бази во соседен Пакистан од оти еднакво лесно ќе се врати.
Цената за сопствените интервенции ја плати и Запад. Повеќе од 3.300 војници на коалициските сили загинаа од октомври 2001, кога стапија на тлото на Авганистан. Најмногу загинати има кај Американците, дури 2.156, а САД потрошија и најмногу пари- 660 милијарди долари, од кои 56 милијарди за опремување и обука на авганистанските сили за безбедност. Но најголема цена платија цивилите, илјадници мртви и раселени кои станаа цел на Талибанците. Герилската тактика беше јасна- да се заобиколат странските војници, а да се воведе терор меѓу цивилите.

Одличен рецепт за катастрофа

Разурнатата земја ќе им остане сега на авганистанските сили, за кои Кугелман вели дека се делумно погодени од употреба на дрога, неписменост, дезертерство и борбена неспособност. „Овие вооружени сили управуваат со една од најнесигурните области во светот. Сето ова е еден одличен рецепт за катастрофа, без разлика на тоа колку Авганистан и неговите сојузници ширум светот се обидуваат да го разубават овој проблем“, тврди Кугелман.

Ванда Фелбаб-Браун од институтот Брукингс слично гледа на оваа работа. „Авганистанските трупи и натаму имаат проблеми со потполно несоодветна логистика, одржливост и други капацитети на поддршка. Исто така се исклучително погодени од корупција, непотизам и етнички пукнатини“, вели таа за ДВ.


Останува нејасно како меѓународната заедница и понатаму ќе го поддржува Авганистан, откога ќе заминат вооружените трупи. Ветена е помош во обука, логистичка и финансиска поддршка, но сето тоа не е докрај дефинирано.

Обични проблеми на необична земја

Повеќе од половина од Авганистанците сметаат дека нивната земја се движи во добра насока. Освен безбедност, нивните проблеми се сосема „обични“- работни места, образование, јавни услуги и корумпирани политичари. Владата минува низ криза на легитимитетот откако беше обвинета дека ги наместила изборите во 2009. година. „На владата во Авганистан се гледа како на алчна, наклонета кон злоупотреба и исклучување и сосема рамнодушна кон страдањата на народот“, тврди Фелбаб-Браун.

Токму затоа познавачите на ситуацијата сметаат дека е клучно претседателските избори наредниот април да бидат транспарентни, владата легитимно да ги претставува сите Авганистанци и на крајот да успее процесот на помирување со Талибанците.