1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Авганистанците му пркосат на талибанскиот терор

Изборите во Авганистан, независно од насилството со кое беа проследени, во светот се оценети како успех. Советот за безбедност на ОН им честиташе на Авганистанците за учеството на, како што се вели, историските избори.

default

Од гласањето во Кабул

Авганистанскиот претседател, Хамид Карзаи, според шефот на неговиот изборен штаб, победил на изборите, одржани вчера (20.08.2009). Според првичните резултати, Карзаи, како што се вели од неговиот штаб, освоил мнозинство гласови и веројатно нема да биде потребно одржување втор круг избори.

Ваквите изјави во таборот на најлутиот ривал на Карзаи, шефот на дипломатијата Абдула Абдула, се нарекуваат пропаганда. Портпарол на Абдула рече дека според првичните резултати, во водство е министерот за надворешни работи.

Изборите во Авганистан, независно од насилството со кое беа проследени, во светот се оценети како успех. Советот за безбедност на ОН им честиташе на луѓето во Авганистан за нивното учество на, како што се вели, историските избори.

Во соопштението на Советот за безбедност, покрај честитките за авганистанскиот народ, се осудуваат нападите на бунтовниците. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, ги пофали Авганистанците за храброста да излезат на гласање и покрај терористичките напади и огромните закани на Талибанците.

Wahlen Afghanistan 2009

НАТО е задоволен од изборите

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, е задоволен од текот на изборите. Вели дека тие минале подобро отколку што се очекуваше:

„Знаевме дека непријателите на Авганистан ќе го блокираат патот до одржување избори со серија терористички напади. Тоа не беше изненадување. Но, безбедносната состојба беше значително подобра отколку што очекувавме.“

Големи терористички напади немаше, но во насилството, со кое беа проследени изборите, загинаа 50 луѓе, половината од нив бунтовници кои беа убиени при судирите со безбедносните сили. Расмусен упати пофалби на сметка на авганистанските безбедносни сили за нивниот храбар ангажман. Генералниот секретар на НАТО ги повика сите кандидати да ги прифатат резултатите од изборите одговорно.

Wahlen Afghanistan 2009

Важно поглавје во демократскиот развој

Пофалби за изборите во Авганистан се упатени и од Берлин. Канцеларката Ангела Меркел рече дека изборите се „важно поглавје во историјата на демократски развој на Авганистан“ и знак дека во таа земја „многу работи се промениле“. Германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмајер, изборите ги оцени како „успех на демократските доблести“ по триесет години терор и војна и нагласи дека „сега треба да се биде буден“.

Конечните резултати од изборите во Авганистан би требало да бидат објавени на 17 септември. Првичните неофицијални резултати се очекуваат за неколку дена. Независна изборна комисија во Кабул, соопшти дека одзивот на изборите бил голем и дека тие во 95% од изборните едници минале без проблеми.

Автор: Гетшенберг/ дпа/ ројтерс/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM