1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Авганистанската траума на НАТО

Повиците за воена интервенција во Сирија стануваат се‘ погласни, но земјите-членки на НАТО не се многу расположени за таков чекор. Војните во Ирак и во Авганистан се доволно предупредување.

Тоа веќе не е војната каква што тој ја познаваше. За време на неговата прва мисија во Персискиот залив во 1991 година, ситуацијата беше релативно јасна: Џон Нагл предводеше вод на американската тенковска единица против ирачките трупи кои извршија инвазија врз Кувајт.

„Се борев против конвенционален противник кој носеше униформа“, се присетува Нагл.

12 години подоцна, тој повторно беше прекомандуван во Ирак. „Овојпат се борев во антибунтовничка кампања во Ал Анбар и тоа беше многу поинаква војна“, објаснува Нагл за ДВ. „Беше толку различно што самиот карактер на борбата беше далеку поинаков“.

Нагл вели дека се борел против непријател кој водел војна од сенка, кој бил речиси невидлив и сплотен со населението, далеку поразлична задача. Денес Нагл, по пензионирањето од армијата, е еден од највлијателните експерти за асиметричната војна. Тој е ко-автор на прирачникот за американската армија за анти-бунтовнички операции, кој стана вистински тренд за НАТО.

„Конвенционалните армии се изградени за да се борат против конвенционални армии, тие се чекани со кои треба да се удри клинецот. Кога се обидувате да

Falludscha

Фалуџа во Ирак е еден од симболите на неуспехот на НАТО во битката со бунтовниците

завртите шрафови со чекани, тогаш имате проблем“, вели Нагл.

Најсеопфатната студија воопшто изработена на оваа тема опфаќа 286 востанија од 1800. до 2005. година, и ја покажува вистинската тежина на проблемот: се‘ до Првата светска војна, светските сили излегуваа како победници во четири од петте вооружени конфликти, но оттогаш таа стапка континуирано паѓа. Меѓу 1976. и 2005. само едно од пет востанија било задушено.

Џејсон Лајал, кој предава политички науки на Универзитетот во Јејл и е ко-автор на студијата, за тоа го обвинува развојот на механизацијата.

„Кога луѓето ќе ги замените со машини, имате помалку луѓе кои патролираат по селата, и кои бараат и наоѓаат информации за бунтовничкиот непријател“, вели тој за ДВ. Оттука, војниците се‘ повеќе се оддалечуваат од она што се бара во една анти-бунтовничка битка.

Најголемиот проблем во асиметричните војни како онаа во Авганистан, каде високо опремени армии се соочуваат со послаби групации, е како е да се разликуваат бунтовниците од цивилите. Потрагата по бунтовниците станува се’ потешка и армиите се’ повеќе се соочуваат со опасноста да убиваат цивили, а со тоа, несакајќи и да го потпалуваат востанието. Тоа е искуство кое во моментов го доживува и сирискиот диктатор Башар Ал Асад, востанието во неговата земја се шири и покрај жестоките пресметки со бунтовниците.

Население, а не територија

„Во антивостаничката војна не се борите за контрола на територијата, туку за поддршката на населението“, нагласува Џон Нагл, „дури и доколку тоа значи поголем ризик за вашите војници, па дури и можност бунтовниците да побегнат“.

„Да се прифати ризикот за да се заштити населението е нешто што и Германија со текот на времето го учи“, дополнува Нагл. Од крајот на 2009. година германскиот Бундесвер делува со нова антивостаничка стратегија, каде акцентот е ставен на заштитата на населението.

„Бундесверот доцнеше со откривањето на антивостаничката тактика како концепт“, вели Хилмар Линенкамп од германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања во Берлин за ДВ.

„Си мислам дека можеби и ја промашивме работата, затоа што ми изгледа дека ние во моментов повеќе ги поддржуваме востанијата“, вели тој.

Во Либија, во 2011., НАТО членките ги снабдија востаниците со советници и со оружје- стратегија која беше употребена и во 2001. на почетокот на војната во Авганистан.

Следната деценија ќе ја карактеризира овој модел, вели Лајал, „бидејќи таа ја

Afghanistan Polizei

Германски војници и полицајци во Авганистан

намалува политичката обврска и притоа ја изразува до максимум предноста која САД и НАТО сојузниците ја имаат во употребата на воздушната сила“.

Страв од копнена офанзива

НАТО земјите се’ уште не покажуваат никаква волја да интервенираат во Сирија, но темата повторно ќе исплива на површина со заострувањето на состојбите. Според Лајал, новата стратегија сепак отвора и етички прашања. Прво, постои опасност да се поддржат воени злосторници, а потоа „доколку одлучите да употребите воздушна сила дали им давате кураж на потенцијалните востаници да земат оружје и дали го охрабрувате распространувањето на востанието на различни места?“

Лајал смета дека на крајот, падот на режимот на Асад можеби повторно ќе бара употреба на копнени трупи, што повторно би отворило опасност од нова катастрофа.

Авторите на прирачникот на американската армија за антивостаничка стратегија заклучуваат дека не постои еден патентиран начин за успех.

„Антивостаничката кампања е мешавина од офанзивни, одбранбени и стабилизирачки операции водени паралелно и тие бараат мешавина од знаења и вештини кои честопати се поврзани со невоени институции“.

Во прирачникот се заклучува: „Рамнотежата меѓу нив зависи од локалната состојба. Да се постигне таа рамнотежа не е лесно“.