1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аболицијата ги закочи и политичките преговори

Катерина Блажевска10 мај 2016

Дел од преговарачите сметале дека евентуалното поништување на аболицијата би требало да важи само за оние што го одбија помилувањето од шефот на државата, а не за сите

https://p.dw.com/p/1IktV

Нема никаков напредок ни по синоќешните разговори на претставници на амбасадите на САД и ЕУ со тимовите на лидерската четворка, за излез од сегашната криза. Поништувањето на аболицијата и можностите за повторно заседавање на Собранието, се двете клучни прашања, за кои, според учесници во разговорите, најверојатно, тешко ќе се најде решение до крајот на неделата.

Најголемиот отпор кај една од партиите и натаму е по прашањето за повлекување на општата аболиција. Според дел од предлозите кои се ставени на преговарачката маса, Уставниот суд треба да се изјасни за одлуката за аболиција донесена врз основа на претходно укинат и непостоечки член од Законот за помилување (член 11), преку автентично толкување за неа да се изјасни Законодавно-правната комисија во Собранието и да се поведе управна постапка. Застој во разговорите предизвикува и ставот на дел од преговарачите кои сметале дека евентуалното поништување на аболицијата би требало да важи само за оние што со посебно барање го одбија помилувањето од шефот на државата, а не за сите.

ДИК ќе го свика Собранието?

Вториот камен на сопнување е механизмот за повторно свикување на Собранието, на чија седница би требало да се смени одлуката донесена на 23-ти февруари годинава, со која беше изгласано распуштање на парламентот на 7-ми април, за изборите да се одржат на 5-ти јуни. Откако ДУИ и ДПА минатата недела не предложија членови за Избирачките одбори, што беше првиот сигнал дека нема да учествуваат на избори, финалната порака ќе ја испорачаат вечерва до полноќ, кога истекува рокот за доставување на кандидатските листи за пратеници. Тогаш дефинитивно ќе се знае дали тие се откажуваат од избори на 5-ти јуни и дали ВМРО-ДПМНЕ и некои помали партии планираат сами да се натпреваруваат во изборен процес, кој ризикува да не биде признаен од меѓународната заедница.

Но, без оглед што роковите течат и се ближи датумот кога треба да почне изборната кампања, според преговарачите, одржување на собраниска седница на која ќе се одложат изборите може да се одржи и во „подоцна фаза“ со договор меѓу четворката, бидејќи мандатот на пратениците трае до изборот на нов собраниски состав. Собранието ќе мора да заседава и ако мнозинството членови на ДИК поднесат оставки, бидејќи со тоа ќе биде нарушена работата и легитимитетот на Комисијата што е единствено надлежна за организирање и спроведување на изборниот процес.

Mazedonien Wahlkommission (DIK)
Дали ДИК ќе го свикува Собранието?Фотографија: Agentur MIA

Пакет - решенија

Повлекувањето на аболицијата и одложувањето на изборите се двата предуслови кои треба да овозможат враќање на дијалогот и на спроведувањето на Договорот од Пржино. Но, без оглед дали партиите сами ќе постигнат договор или ќе чекаат помош од новоименуваниот германски специјален пратеник, Јоханес Хајндл, извесно е дека треба да биде договорен „мини-пакет“ кој ќе ги даде насоките и за елиминирање на други можни опструкции врз Договорот. Еден од предлозите бил Уставниот суд во дефиниран рок да се изјасни за иницијативата за оценување на уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство, и зависно од оценката, би биле преземени или не соодветни активности, со единствена цел - СЈО непречено да ги извршува обврските заради кои беше формирано.

Во тој пакет треба да биде договорено и дали одложувањето на изборите ќе биде врзано со нов датум или единствено со исполнувањето на условите за фер избори. Доколку се договорат за втората варијанта, треба да одредат колкав би бил рокот за исполнување на обврските. Иако се уште е „во сила“ 5-ти јуни, на преговарачката маса се вртат повеќе изборни датуми: 25 септември, почетокот или средината на октомври, како и парламентарни избори во пакет со локалните - наредната пролет. Отворено е и прашањето кој ќе ги спроведува договорените обврски до следните избори - влада на широка коалиција или експертска влада договорена и поддржана од „четворката“? Ќе биде неопходен нов договор околу форматот на извршната власт, бидејќи повлекувањето на премиерот од функцијата се реализираше „сто дена пред избори“, на оние што беа закажани за 24 -ти април и потоа одложени, како и договор околу мандатот на министрите од СДСМ што беше регулиран со Законот за влада, а поврзан со спроведување на изборите.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Кога и како до избориФотографија: Petr Stojanovski

Што понатаму?

Пошироката јавност воопшто не е информирана за темите и деталите за кои деновиве се разговара зад затворени врати. Главното прашање не е само дали ќе се одложат изборите на 5-ти јуни, туку - како и што понатаму?

„Без оглед на тоа дали ќе се помести датумот на изборите или не, најголем дел од партиите на опозицијата најавија бојкот на изборите. Кои се импликациите од оваа одлука? Дали ова ќе придонесе кон решавање на кризата или ќе ја продлабочи? Дали, ако се помести датумот на изборите, треба да има нов датум за избори или мора да се инсистира прво да се создадат услови за слободни избори, а потоа да се утврди датум за нив? Дали се гледа излезот од политичката криза во Македонија? Како понатаму?“

Ова се прашањата што невладината организација „Цивил - Центар за слобода“ ќе им ги постави на поканетите претставници од сите парламентарни и вонпараламентарни партии на денешната дебата. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА не се одзвале на поканата. Се очекува останатите да дадат оценки и придонес во градењето мерки за излезе од кризата, што досега главно беше ексклузивно право на „четворката“.

Денеска ќе се одржи и седница на ДИК, која вчера без образложение беше одложена. На дневен ред е Извештајот за обработени пријави за гласање на државјани на Република Македонија со привремена работа или престој во странство за гласање во ДКП на РМ, како и Извештај од јавниот увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори за пратеници во Собранието на РМ, заклучно со 08.05.2016 година.

Ноќеска на полноќ истече рокот за пријавување на гласачи од дијаспората. Според бројките пристигнати до вчера, извесно е дека таму нема да има избори, бидејќи не се пријавиле доволен број гласачи.