1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Абас ја прифати оставката на премиерот Фајад

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја прифати оставката на премиерот Салам Фајад, кој се согласил да остане на функција до составување на нова влада. Фајад стана премиер на палестинските автономни власти во 2007-ма.

Меѓу претседателот на палестинските автономни власти Махмуд Абас (фото горе десно) и премиерот Салам Фајад (фото горе лево) веќе подолго време постојат разлики во мислењата пред се’ за финансиската и економска политика. Несогласувањата меѓу Фајад и Абас кулминираа на 2 март годинава кога министерот за финансии Набил Касис поднесе оставка која беше прифатена од премиерот, но одбиена од претседателот.

Економскиот експерт Фајад ужива висок углед на Запад. 61-годишниот Фајад во 2007 година стана премиер на палестинските автономни власти и оттогаш наваму економската ситуација на Западниот брег значително се подобри. Последен кој упати апел до Абас и Фајад да ги надминат меѓусебните разлики беше американскиот министер за надворешни работи Џон Кери.

Меѓутоа, тоа не вроди со плод и премиерот Фајад вчера поднесе оставка, која подоцна беше прифатена од страна на Абас. Претседателот притоа го замолил Фајад да остане како вршител на должноста премиер се’ до изборот на нов шеф на палестинската влада.

Оставката на Фајад може да го доведе во прашање договорот меѓу израелските и палестинските претставници за економски развој на окупираниот Западен Брег. Договорот беше објавен во текот на неделата од американскиот државен секретар Џон Кери.