1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Абас не се откажува од иницијатива во ОН за палестинска држава

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас не се откажува од намерата за иницијатива во ОН за признавање на независна држава.

default

Махмуд Абас

Кабинетот на Абас, по разговорите на претседателот на Палестинците со американскиот пратеник за Блискиот Исток, Дејвид Хејл, соопшти дека постапката во ОН не е во спротивност со мировниот процес, туку може да придонесе за надминување на застојот предизвикан од непопустливоста на Израел.

Стејт департментот изрази загриженост и оцени дека иницијативата на Палестинците во ОН само ќе ги отежни напорите за постигнување траен мир. Портпаролот на Стејт департментот, Викторија Њуланд, изјави дека единствениот начин двете држави да опстојуваат една покрај друга во мир и стабилност е да се дојде до решение со преговори. Целта на САД е да ги донесат Израелците и Палестинците повторно на масата за преговори.

Хејл, при посетата на Западниот брег, се обидел да го предомисли Абас, наведуваат палестински извори. Раководството на Палестинците има намера во втората половина од септември во ОН да поднесе барање за прием на палестинска држава во Светската организација, или барем признавање на независна држава. Таа држава би требало да го опфати Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим како главен град. Израел, САД и дел од членките на ЕУ се против поднесување барање, без претходно да биде постигната согласност со Израел.

Автор: ЕМФ/ЖА/дв

Редактор: Симе Недевски