1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Јадете ли иста „Нутела“ со Германците?

24 јули 2017

Цела низа производители прават производи со послаб квалитет за земјите од истокот на Европа и темата конечно дојде до западните медиуми. Германскиот производител Балзен најави: во иднина ќе постои само „европски“ кекс

https://p.dw.com/p/2h2vR
Ferrero Nutella
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Brandt

Обвинувањата тргнаа од институтите за анализа на производите во Унгарија и Словачка, а набрзо тоа стана и политичка тема. Вишеградската група која, освен овие две земји, ја сочинуваат уште Полска и Чешка. Цела низа меѓународни концерни за пазарот на ЕУ под исто име нудат сосема различни производи: по правило поквалитетни се производите за западот, а за истокот се произведува со далеку повеќе адитиви и ароми наместо природни состојки и неквалитетни, односно ефтини состојки наместо „вистински“.
Обвинувањата на политичко ниво се упатени кон Европската комисија, но и западните медиуми открија дека сепак има вистина во ткн. „Нутела судир“- наречен по познатиот крем чии состојки и вкус значително се разликуваат од земја до земја. Неодамна и германската телевизија ВДР објави репортажа во низа, за прехранбените производи кои под исто име имаат сосема различен состав на истокот и на западот. Познато е дека тоа не го прават само со храната: на пример, козметичките производи по состојките значително се разликуваат, иако помалку квалитетните варијатни честопати на истокот се плаќаат поскапо.

Путерот не е палмино масло

Дописникот на АРД од Брисел, Ралф Зина неделава откри дека најмалку еден германски производител не само што ја призна таа пракса, туку и објави дека тоа веќе нема да го прави: произведувачот на кекси Балзен, познат по кексот Лајбниц, најави дека во иднина во кексите со путер навистина ќе има путер и дека состојките ќе бидат идентички, без оглед каде во ЕУ се продава.
Токму Балзен постојано беше пример на фирма која на драстичен начин ги мами потрошувачите во источна Европа: за западните потрошувачи во кексот навистина имаше путер, но за „сиромашна Европа“ во нив воглавно имаше палмина маст и арома на путер. Палминото масло звучи ретко и егзотично и навистина на него се готви, пржи, пече во речиси цела југоисточна Азија. Но, тоа природно масло со спефицичен вкус во свеж облик воопшто не може да се спореди со рафинираното масовно производство кое се нуди на светскиот пазар- постојат и сомневања дека е штетно и за човековото здравје.

Keks von Bahlsen
Компанијата Балзен најави дека во иднина ќе произведува само „европски“ кексФотографија: picture-alliance/dpa/J. Eckel

Некои менуваат, некои- не сакаат!

Претставникот на Балзен на дописникот на АРД му соопштил дека од почетокот на јули во погонот на овој производител на кекс во Полска, производството тече според „германскиот“ рецепт, со путер, а не со палмино масло. Во тој погон се произведуваат кекси за повеќето нови членки на ЕУ. Ќе бидат потребни неколку недели додека да се решат проблемите со складирањето на кексот со путер и да пристигне новата амбалажа со точно наведени состојки на производот. Таа компанија повеќе не планира да произведува различни производи за различни земји во ЕУ.
Честопати се слуша аргументот на производителите дека на тој начин се „прилагодуваат“ на вкусовите на пазарот. Конкретно, кога се работи за чоколадниот крем „Нутела“, состојките се практично идентични во Унгарија и во Франција. Но, тешко е да се верува дека тука се работи само за вкусовите. Некои компании тврдат дека ќе ја продолжат таа политика: на пример, во рибните стапчиња на производителот Игло, на потрошувачите во Германија и Австрија им се гарантира 65 отсто рибјо месо во производот, додека на другите пазари доволни се и 58 проценти. Во Игло велат: тоа не планираат да го променат.