1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шулц: Одиме во опозиција

ЕМФ /агенции
24 септември 2017

Лидерот на германските социјалдемократи Мартин Шулц по објавувањето на резултатите од изборите изјави дека е ова „тежок и горчлив ден за германската социјалдемократија“.

https://p.dw.com/p/2kcPW
Bundestagswahl 2017 | SPD - Martin Schulz vor Statue Willy Brandt
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Мартин Шулц останува на кормилото на СПД, и покрај постигнатот историски најнизок резултат на изборите за Бундестагот. Во говорот што околу половина час по објавување на првичните неофицијални резултати во партиската централа во Берлин го одржа Шулц, тој најави дека ќе ја води партијата во опозиција.

Предизвикувачот на Меркел оцени дека е ова „горчлив ден за германската социјалдемократија“. Коментирајќи го добриот резултат на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (13,5%), Шулц оцени дека тоа претставува „прелом“ и дека „ниту еден демократ не може едноставно да помине преку тоа“. Ќе продолжи борбата за демократија, толеранција и почит, уверува Шулц. „Ние сме бедемот на демократијата во оваа земја“, изјави тој.

Социјалдемократите на денешните избори, според неофицијалните резултати, освоија околу 20% од гласовите, што е најлош нивен резултат во историјата. На изборите од 1949 година досега, СПД е главно на втора позиција по освоени гласови, по партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ). Само во 1972 година и во 1998 година СПД имаше најголем број освоени гласови на едни сојузни избори. СПД даде тројца канцелари во историјата на повоена Германија: Вили Брант, Хелмут Шмит и Герхард Шредер.Шулц е четврт кандидат на социјалдемократите кој го загубил дуелот против Ангела Меркел.