1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шатдаун“: Застој во САД

СН/ агенции
20 јануари 2018

На владата на САД ѝ снема пари. Последиците се далекусежни. Обидот да биде спречен т.н. „Шатдаун“ на дел од федералните институции со уште еден преоден буџет, пропадна поради противењето на демократите во Сенатот.

https://p.dw.com/p/2rCpk
USA Wirtschaft Shutdown Kapitol
Фотографија: Reuters

Делумното затворање на американските федерални служби стапи во сила по неуспешниот обид републиканците и демократите во Сенатот да постигнат компромис за буџетот. Претставничкиот дом во Конгресот изгласа закон со кој се продолжува финансирање на буџетот до 16 февруари, но Сенатот тоа вчера не го потврди и покрај интензивните преговори меѓу републиканците и демократите со интервенција на американскиот преседател Доналд Трамп.

Затворањето на некои сојузни агенции стапи во сила на полноќ, но не е можно да се предвиди колку ќе трае.

Спроти одлучувачкото гласање во Сенатот за Законот за привремено финансирање на владата, за кој беа потребни 60 гласа, Трамп на Твитер напиша дека „работите изгледаат лошо“.

US-Regierung im «Shutdown» - Keine Einigung im Senat
Фотографија: Getty Images/A.P. Weinstein

Затворањето на сојузните институции се случува за време на првата годишнина од мандатот на Доналд Трамп, а двете страни во Конгресот за настанатата ситуација се обвинуваат меѓусебно. Ова е прва блокада на сојузната влада од октомври 2013 година, која траеше 16 дена.

Повеќе на темата:

-Блокада на американската управа

-Обама: „Прекинете со уцени!“

-И Сенатот гласаше за компромисниот буџет на САД

Демократите го условуваат гласањето на договорот за заштита од депортирање на 700.000 млади мигранти кои се донесени во земјата како деца и таму останале илегално. Трамп ја запре програмата од времето на неговиот претходник Барак Обама која им дава заштита на овие млади мигранти.

Тој бара идниот договор за имиграцијата да вклучува и пари за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница.

Трамп и вчера им упати критика на демократите во Сенатот, велејќи оти „тие сакаат нелегална миграција и слаби граници“.

„Законот за привремено финансирање на владата е одобрен во Претставничкиот дом. Сега се потребни гласови од демократите за да биде одобрен во Сенатот, но тие сакаат нелегална миграција и слаби граници“, напиша Трамп вчера на Твитер.

US-Präsident Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/abaca/O. Douliery

Белата куќа пак потоа ги обвини демократите во Конгресот дека ги држат Американците како „заложници“ по неуспешните преговори за буџетот и по делумното затворање на федералната влада. Портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Сара Сандерс, рече оти демократите во Сенатот „ја ставиле политиката над националната безбедност“.

„Нема да преговараме за статусот на илегалните мигранти додека демократите граѓаните кои го почитуваат законот ги држат како заложници со своите неодговорни барања“, рече Сандерс.