1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас и Преспанскиот договор: Ретка државничка доблест

БГ
18 јануари 2019

Германскиот печат не штеди комплименти за грчкиот премиер Ципрас и неговиот напор да го истурка Преспанскиот договор во парламентот. Ципрас и Заев се прогласени за предводници на новата генерација балкански политичари.

https://p.dw.com/p/3BlTj
Griechenland Vertrauensabstimmung im Parlament in Athen
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Франкфуртер алгемајне цајтунг предупредува дека евентуалното неизгласување на Преспанскиот договор во парламентот во Атина ќе има последици, не само за Македонија и за Грција, туку и за целиот реигон.

„Доколку пропадне договорот многу брзо ќе се види колку блиску една до друга лежат фарсата и трагедијата. Обете земји ќе бидат зафатени од внатрешнополитички турбуленции, кои би можеле да имаат последици за целиот регион. Земјата, која се вика Северна Македонија, е фрагилна држава во која албанското малцинство живее во еден несигурен баланс со словенското мнозинство, кое пак е дополнително поделено на поддржувачи на новата влада и на националисти, кои беа на власт во претходните 10 години. Најсигурниот пат за нејзина стабилизација е членството во НАТО, една од малкуте теми за кои постои согласност меѓу големите етнички групи, но тоа е само можно доколку Грција го прифати членството под нејзиното ново име“, пишува ФАЦ.

Велт му оддава признание на грчкиот премиер Алексис Ципрас за политичките потези кои ги влече во изминатите години, и особено поради договорот во спорот за името со Македонија.

„(...) На Ципрас му успеа преку договор да го реши спорот за името со соседот Македонија, а кој, западно од јужна Македонија и северно од Северна Македонија никој жив не го разбира. Но договорот е сѐ, само не едноставен. Тој ѝ овозможува на Северна Македонија влез во НАТО и ќе има потенцијално стабилизирачко влијание врз целиот Балкан. Цената за Ципрас поради договорот беше коалицијата со десните популисти. Но тој сепак зазеде став и го преживеа гласањето доверба. Дали парламентот ќе го ратификува и Договорот (од Преспа, н.з.), останува отворено. Дури и ако Ципрас издржи до следните избори, ќе загуби на нив. Но сепак, тој го стори она што е исправно - и покажа ретки државнички доблести: далекугледост, енергичност и храброст“, пишува Велт.

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt  Zaev und Tsipras
Зоран Заев и Алексис ЦипрасФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Весникот Тагесцајтунг му посветува голем простор на спорот за името и на претстојното гласање во грчкиот парламент. На оваа тема Тагесцајтунг денеска објавува три текста од различни автори кои се занимаваат со разни аспекти на проблемот.

Националистичка болест

Во коментарот потпишан од Клаус Хиленбранд се исмева грчкиот (и европскиот) национализам. Авторот ги најавува протестите претстојниов викенд во Атина против договорот за името и ги прогласува за лудост.

„Луѓето (во Грција, н.з.) се бесни затоа што северниот сосед во иднина ќе го носи името Северна Македонија, слично на северната грчка провинција која се нарекува Македонија. Тоа да било распродажба на националните интереси и загрозување на сопствените граници, односно на светиот суверенитет.

Тоа е апсолутна лудост. И функционира така како што секогаш функционира национализмот: имате еден бескрајно зол надворешен непријател, апелирате на сопствениот патриотизам во едно наводно хомогено општество, и ширите страв од една замислена закана.

Буењето на патриотските чувства меѓу грчките националисти би можело до одредена мерка да нѐ остави рамнодушни, доколку стануваше збор само за Грција и Македонија. Но, националистичката болест се шири низ целиот континент како чума“, коментира Тагесцајтунг

Во анализата насловена „Долгиот пат до помирување“, Тагесцајтунг прави историски пресек на конфликтот меѓу двете земји и констатира дека патот до конечното решавање на спорот е сѐ уште долг, а како главни виновници за тоа ги означува конзервативните и националистичките сили во обете земји.

„Тука се работи за многу повеќе од едно име. Со решавањето на спорот ќе ѝ се отвори патот на Северна Македонија кон ЕУ и НАТО. Тоа сака со сите сили да го спречи поранешната владејачката партија на експремиерот Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, а за тоа има поддршка и од Москва. Во прв ред членството во НАТО ќе биде голем пораз за балканската политика на Путин“.

Serbien, Belgrad: Der russische Präsident Wladimir Putin steht neben dem serbischen Präsidenten Aleksandar Vucic auf dem Friedhof der Befreier
Влезот на Македонија во НАТО е голем пораз за Владимир Путин, пишува ТагесцајтунгФотографија: Reuters/G. Tomasevic

Црното поглавје на Грција

Потсетувајќи дека преименувањето на автопатот и аеродромот во Македонија, како и изградбата на споменикот на Александар Велики во центарот на Скопје, ги разлутиле Грците, Тагесцајтунг констатира дека и Грците треба да го надминат „сопственото црно поглавје“.

„Уште од 1945 година, Грција на брутален начин го асимилираше словенското население северно од Солун: словенскиот јазик беше забранет, а комунистичките бунтовници од редот на Словените кои живеат во северна Грција беа прогонувани.

Кога во Грција се тврди дека словенските Македонци сакаат да ја окупираат грчката територија на Македонија, тоа има врска и со фактот што комплексната историја на Грција беше потиснувана. Тоа сега може да се смени со договорот и конечно да иницира еден процес на помирување.

Заев и Ципрас се застапници на една таква политика. Остануваат уште Албанците во Северна Македонија. Тие застанаа зад Заев, затоа што интеграцијата во ЕУ и НАТО е и нивен интерес. Внатрешнополитички, албанските партии се надеваат дека Заев ќе ги отстрани и пречките за целосно заокружување на Рамковниот договор. Со овој договор, на Албанците им беа ветени широки малцински права. Реакциите од Брисел и Берлин досега се позитивни. Тоа што канцеларката Ангела Меркел ја посети Атина пред неколку дена, наиде на поздравување и во Скопје. Нејасно е како во иднина ќе се однесуваат САД. Американската влада сѐ уште ја поддржува политиката на Ципрас и Заев. Но, непресметливите потези на американскиот претседател Доналд Трамп полека ја топат довербата“, пишува Тагесцајтунг.