1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Фудбалската репрезентација е слика на Германија

27 јуни 2018

Германската национална фудбалска репрезентација на фрапантен начин ја отсликува актуелната општествена клима во земјата. Токму затоа овој тим ни е толку близок, во позитивна и во негативна смисла, коментира Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/30NNO
WM 2018 - Deutschland - Schweden
Фотографија: picture-alliance/dpa/A.Gebert

Тони Крос, „уметничкиот“ стрелец од саботата, тивкиот и кул светски граѓанин од Мадрид и Грајфсвалд, по натпреварот со Шведска изјави: „Имам чувство дека многумина во Германија ќе се радуваа ако ние денеска отпадневме од натамошно учество“. Тоа звучи како отворен предизвик.

Но, пред сѐ, ова едноставно претставува реално набљудување. Зашто, земјата е толку поделена, што Германците не можат да се усогласат дури ни околу својата репрезентација. За десничарските популисти од АфД, во неа играат премногу муслимани и луѓе со друга боја на кожата, а играчите со турски корени, свесно или несакано, вршат изборна реклама за автоктратот Ердоган. И со тоа против себе ги свртуваат и добронамерните. Тоа е Германија во 2018. година.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Економското чудо - аутсајдерот стана светски првак

 Репрезентацијата и земјата отсекогаш се отсликувале меѓусебно. Во 1954.година Германија беше аутсајдер, исто како и целата земја. Тим од воени деца и повратници во крајниот меч во Берн ја победи Унгарија, големиот тим на оваа епоха. Во сеќавањата остана сликата на капитенот Фриц Валтер, како понизно и полн стравопочит го прима победничкиот покал. Ние сме повторно тука, но тивки и мирољубиви. Лекцијата е научена - никогаш повеќе војна. Можеби поврзаноста меѓу репрезентациата и народот никогаш не беше потесна од тогаш.

Потоа, во 70-те години: еден блескав Европски првак во 1972. година, симбол на подемот од овие години. Гинтер Нецер со полетни чекори, со развеана коса. Храбро кон поголема демократија. Но, веќе две години подоцна, тимот се мачеше кон титулата светски првак во сопствената земја. По подготовките во знакот на левичарскиот терор, затворен во спортскиот тренинг-логор во Шлезвиг-Холштајн. Нетцер свиткан на клупата. Во преднатпреварите - пораз против екипата на Германската Демократска Република. Револуцијата заврши.

Тони Крос- маестро на средината

По падот на Ѕидот - со години непобедливи? 

Во 1990. година последниот тим од Западна Германија ја освои светската титула, значи сега се е можно. Може ли да биде поинаку, кога се случуваат чуда како пад на Берлинскиот ѕид? Франц Бекенбауер најави дека овој тим со години ќе биде непобедлив. И кај Германците тогаш преовладуваше такво чувство. А сепак, стануваше збор за заблуда. Обединувањето беше помакотрпно отколку што се мислеше, фудбалскиот тим уште еднаш стана европски првак во 1996. година, потоа репрезентација со години се клацкаше, исто како и земјата. Ерата на Кол се развлече, до 1998. година, а во годините потоа еден странски весник ја нарече Германија „болниот човек во Европа“. Теророт повторно се врати, овојпат исламистички. Невработеноста порасна.

А потоа дојде Летната бајка 2006. година. Светско фудбалско првенство во сопствената земја. Вистински добри и млади стрелци. Опуштено-радосно расположение, сосема нормално и дозволено стана веењето германски знамиња и гласно пеење на химната. Во тимот беа играчи со потекло од многу земји. Новата, свежа Германија, економијата зема залет. Недостигаше само една титула. Крунисувањето стигна осум години подоцна: со играчите со имиња Боатенг, Кедира и Езил успеа мајсторството: 7:1 против Бразил во полуфиналето. Интеграцијата е можна и успешна. Селфи-снимки во играчката кабина на фудбалерите со канцеларката. Новата Германија му се презентираше на светот, Берлин стана туристички магнет. Светските прваци триумфално беа дочекани во престолнината, авионот со нив кружеше над градот. До она што денес го нарекуваме „бегалска криза“, имаше уште една година. А уште двеипол години додека Доналд Трамп стана претседател на САД.

По бегалската криза - фудбалската репрезентација е под притисок

А сега? Среде турнирот, тимот доживува пресврти, се повеќе се доведува во прашање светскиот првак од 2014. година. Во Берлин канцеларката е под досега невиден притисок, против неа се дигаат нејзините сопствени луѓе. Опуштен и задоволен како во Бразил не изгледа ни нациналниот фудбалски тим, очигледно и тој е под притисок. Но, копнежот на Германците кон јасност, кон ориентација во еден непрегледен свет, јасно го отсликува ерупцијата предизвикана од голот на Крос против Шведска: постигнат во последна секунда, по грешки и неуспеси. Со помал број играчи. И против секоја веројатност.

Политиката и општеството токму тоа го загубија - желбата работите да се свртат кон добро, наспроти сите сомнежи, стравови и двоумења. Владејачкото расположение е агресивно. Можеби земјата и владата овојпат треба да земат пример од фудбалската репрезентација.