Туск на балканска турнеја
24 април 2018Како што е соопштено во Брисел, претседателот на Советот на Европската унија на претставниците во државите од Западен Балкан ќе им упати порака оти „ЕУ е и останува најдоверлив парнер во целиот регион“ и дека средбата во мај ЕУ-Западен Балкан ќе ја потврди „европската перспектива во регионот“.
Туск, кој ги подготвува и претседава на средбите на лидерите во ЕУ сака на средбите со лидерите од земјите од Западен Балкан да ги нагласи „веќе видливите клучни димензии и бројки на поврзаноста меѓу ЕУ и Западен Балкан“, пренесуваат извори блиски до претседателот на Советот на ЕУ.
Тој тоа ќе го поткрепи со податоци кои зборуваат, како што е кажано, дека ЕУ во Западен Балкан е најголем инвеститор, најголем донатор, најголем пазар и оти е „најдобар залог и ветување за подобра иднина на граѓаните во регионот“.
Повеќе:
-Туск: Историјата на Балканот е како „Игра на тронови“
-Длабоки поделби во ЕУ околу Западниот Балкан
Туск доаѓа и со ставот на ЕУ дека средбата на 17 мај во Софија со лидерите од Западен Балкан треба „опипливо да придонесе за поврзување со ЕУ и во рамките на самиот регионот“, а тоа ќе биде и можност да се разговара за билатералните односи со Унијата.
Во Скопје, претседателот на Советот на ЕУ ќе претстојува на последниот ден од балканската турнеја- 27 април и притоа ќе учествува на средбата на лидерите на земјите-членки на Процесот Брдо-Бриони.