1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виетнам ги загрозува односите со Германија

Александер Фројнд | Бенџамин Најт
3 август 2017

Виетнамската тајна служба среде Берлин киднапираше поранешен партиски функционер. Случајот привлече внимание и ги загрозува релациите меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/2hdAm
Trinh Xuan Tanh, ehemaliger Funktionär Kommunistische Partei Vietnam
Фотографија: picture-alliance/dpa/Privat

На 23.јули виетнамската тајна служба го киднапираше виетнамскиот државјанин Трин Ксуан Тан од паркот Тиергартен во Берлин. Информацијата ја потврди и портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Мартин Шефер, на денешната прес-конференција во Берлин. Не постоеле дилеми за учеството на виетнамските служби и на амбасадата на Социјалистичка Република Виетнам. Тан во Германија имал поднесено барање за азил. Одлуката сѐ уште не е донесена.

Претставникот на виетнамската тајна служба е прогласен за персона нон грата и мора да ја напушти Германија во рок од 48 часа. Полицијата и јавното обвинителство во Германија започнаа истрага. Виетнамскиот амбасадор е повикан на разговор.

Падот на моќникот

Трин Ксуан Тан западна во немилост во 2016-та година. До тогаш беше претседател на Управниот одбор на градежната компанија Петро Виетнам Констракшн, ќерка - фирма на државниот концерн Петро Виетнам, чиј што делокруг е производство на техника за црпење нафта, како и вицегувернер на јужната виетнамска провинција Хау Гијанг. Во 2016-тоа година беше избран за пратеник во Народното собрание. Во септември истата година беше разрешен од сите функции и исклучен од Комунистичката партија. Според тамошните државни медиуми, Тан ги прекршил правилата за менаџирање со државни компании и така предизвикал штета од 125 милиони евра. Истиот ден против него бил издаден налог за апсење. Со оглед на тоа дека во тој момент Тан бил во странство, налогот за апсење не можел да се реализира.

Контакти во Германија

Долго време беше нејасно каде се наоѓа. Виетнамски блогери постојано ја вртеа приказната дека се сокрил во Германија, меѓу другото и поради релациите на Трин Ксуан Тан со блогерот Нгои Буон Џо, критички настроен кон владата. Тој, чие вистинско име е Буи Тан Хиу, живее уште од 2013-та година во Германија како стипендист на центарот ПЕН и натаму редовно блогира за состојбите во Виетнам.

На неговиот блог Тан меѓу другото појасни и дека причината за неговото отстранување не била лошото менаџирање, туку тоа што во рамки на партијата бил гласноговорник на едно крило кое го загрозувало поранешниот претседател и актуелен лидер на партијата, Нгујен Пу Тронг. Тој сепак не објави ништо конкретно. Тан се закани и со тоа дека ќе ги обзнани структурите на моќ во виетнамскиот систем, како и дека ќе објави интерни податоци од партијата и владата.

Vietnam Nguyen Phu Trong beim Parteitag in Hanoi
Партискиот шеф Нгујен Пу Тронг на конгресот во Ханој во 2016. годинаФотографија: Reuters/Kham

Најнова жртва на внатрепартиски борби за моќ?

Веќе подолго време има знаци дека во Комунистичката партија на Виетнам има битка меѓу две крила, конзервативните марксисти и прагматичните капиталисти. Досегашна кулминација на борбата за превласт беше 12-тиот Ден на партијата во јануари 2016-та кога се наметна конзервативните крило под водство на Нгујен Пу Тронг. Тој го исфрли од битката и премиерот Нгујен Тан Дунг, кому му се префрлаше корупција. На 7. мај 2017-та од својата позиција мораше да се повлече и Дин Лани Танг, кој за време на Дунг беше претседател на Петро Виетнам и подоцна министер за транспорт. Динг Ла Танг пак, имаше блиска соработка со киднапираниот Трин Ксуан Тан. Сè укажува на тоа дека партиското раководство во Виетнам настојува партијата и државата да следат иста линија. Притоа, преферирано средство за пресметка со политичките противници е кампањата за анти-корупција на партијата, која има извесни паралели со битката против корупцијата на кинескиот претседател Си Џинпинг. Во изминатите месеци десетици високи владини и партиски функционери и менаџери на државни претпријатија мораа да се повлечат од своите функции. Притоа им беа изречени тешки казни, вклучително и смртната. Во февруари 2017-та таа им беше изречена на двајца менаџери на државната компанија за бродови „Винашин Оушн шипинг". Дали и на Тан му се заканува смртната казна е нејасно.

Виетнам ги става на коцка добрите односи со Германија

Случајот со Трин Ксуан Тан покажува дека виетнамската влада е подготвена да ги ризикува добрите дипломатски односи со Германија. Двете земји имаат стратешко партнерство. Особено зачудувачки во случајов е тоа што двете земји од 2009-та имаат германско-виетнамски т.н. Дијалог за правна држава чија цел е да се даде заеднички придонес во функционирањето на правната држава, вклучително и ефективната заштита на човековите права. Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Шефер, денеска изјави дека „киднапирањето на виетнамскиот државјанин Трин Ксуан Тан на германска територија е еклатантно прекршување на германското и меѓународното право и е без преседан." Тој додаде дека „Таквото постапување има потенцијал исклучително негативно да влијае на односите меѓу Германија и Социјалистичка Република Виетнам." Според него, случајот претставува екстремно кршење на довербата.

Германската сојузна влада бара Трин Ксуан Тан без одлагање да биде вратен во Германија за да може барањето за испорачување, како и барањето за азил да бидат спроведени во склад со правниот поредок.