1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораз за Трамп, победа за Алабама

Александра фон Намен
13 декември 2017

Избирачите во конзервативната Алабама покажаа дека и во времиња на политичка поларизација не секогаш се работи само за партиски интереси, туку и за пристојност и морал. И, добро е што е така, оценува Александра фон Намен

https://p.dw.com/p/2pFoD
USA Wahlen in Alabama
Фотографија: Reuters/M. Gentry

Тоа беа избори кои завршија со земјотрес. Демократот Даг Џонс изненадувачки победи на изборите за Сенатот во Алабама. Контроверзниот кандидат на републиканците, Рој Мур, ја загуби трката - иако тесно - и тоа во една длабоко конзервативна американска сојузна држава, во која демократ не победил повеќе од 20 години. Овој резултат е успех за Демократската партија, во тоа нема сомнеж. И, тоа е горчлив пораз за претседателот Трамп и неговата агенда.

Непосредно пред гласањето Трамп се изјасни недвосмислено за застапникот на религиозната десница. И покрај обвинувањата за злоставување против Рој Мур, Претседателот ги повика своите приврзаници да гласаат за екстремно конзервативниот аутсајдер.

Победа за луѓето во Алабама

Тоа е пораз за поранешниот главен стратег на претседателот, Стив Бенон, кој со своите напади против медиумите, демократите и републиканскиот естаблишмент, сака да го заврти на глава политичкиот систем во САД. Неговата пропаганда, според мотото „Алабама против Вашингтон“ - не успеа.

Добро е што е така! Добро направено, Алабама!

Одлуката против Рој Мур затоа е пред сѐ победа на луѓето во Алабама. Тие се спротивставија на обидите за заведување од страна на демагозите како Стив Бенон. Тие докажаа дека и во времиња на политичка поларизација не се работи само само за партиски интереси, туку и за пристојност и морал и здрав човечки разум.

von Nahmen Alexandra Kommentarbild App
Александра фон Намен

Мнозинството гласаше против човекот кој е обвинет од страна на повеќе жени дека сексуално ги вознемирувал на тинејџерска возраст. Тие гласаа против човекот кој сака да ја забрани хомосексуалноста со закон и да им го затвори патот на муслиманите до Конгресот, и кој очигледно нема ништо против отстранување важни членови од американскиот Устав.

Се разбира, на многу републиканци во Алабама не им беше лесно да останат дома на овие избори или дури и да гласаат за еден демократ. Да се загуби место во Сенатот е болно за партијата. Демократите, меѓутоа, испратија силен кандидат во трка, кандидат за кој може да се гласа дури и во Алабама. Иако Даг Џонс по прашањето на абортусот и рамноправноста на хомосексуалците застапува претежно либерални позиции, тој е силен поборник за правото на поседување оружје и е христијанин кој ја практикува верата.

Трамп треба да си го припише поразот себеси

И додека Рој Мур во текот на изминатите недели не беше многу присутен меѓу избирачите, Даг Џонс неуморно патуваше во сојузната држава во текот на кампањата. Значи, ова е тешко изборена, заслужена победа на демократите, иако резултатот е тесен.

За Републиканската партија сега ќе биде тешко да ги истуркаат во Сенатот своите законски предлози. За партијата можеби доаѓаат и уште потешки времиња. Иако изборите во Алабама беа специјален случај поради тоа што Мур за многумина едноставно беше човек за којшто не може да се гласа, оваа победа може да им даде ветер во грб на демократите. Тие си ги „излижаа раните“ и се надеваат дека на Меѓуизборите 2018-та дури ќе го освојат мнозинството во двата дома на Конгресот.

Тоа Доналд Трамп би требало да си го припише себеси. Тој веруваше дека неговата поддршка за кандидат како Мур ќе изнуди победа. Но, избирачите во Алабама не му дозволија на Претседателот да помине со вакво неморално однесување.

И, добро е што е така.