1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помпео: Германија треба да даде поголем придонес за НАТО

ЖА
28 април 2018

Исто како и неговиот шеф, претседателот Доналд Трамп, американскиот министер за надворешни работи побара од Германија поголем финансиски удел во трошоците за НАТО.

https://p.dw.com/p/2wpv1
Nato Außenminister Treffen in Brüssel Mike Pompeo
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Mayo

На своето прво учество на средба на НАТО, согласно со инструкциите од претседателот Трамп, новиот американски министер за надворешни работи од сојузниците побара да ја стават раката подлабоко во џебот во поглед на трошоците за Алијансата. Посебно во визирот беше Германија, Мајк Помпео на крајот на средбата со своите ресорни колеги вчера (28.04) во Брисел ја обвини за кршење на ветувањето и обврската за покачување на издатоците за одбрана.

Повеќе: 

Помпео првпат на средба на НАТО

Германија не му должи на НАТО

НАТО-членките  во декември 2014. година донесоа одлука издвојувањата за одбрана во временска рамка од една деценија да ги зголемат до два процента од својот брутодомашен производ. Американскиот претседател Доналд Трамп од лани инсистира сојузниците да ја исполнат таа одредба до 2024. година. Трамп ја критикува пред сѐ економски силната Германија за недоволна поддршка на САД во областа на одбраната и за недоволен ангажман во рамномерната поделба на оптоварувањата во НАТО. 

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ги отфрли критиките за премал придонес на својата земја: „Сметам дека Германија е исклучително присутна кога станува збор за меѓународната одговорност“. Мас истакна дека Берлин не бега од својата обврска за зголемување на одбранбените трошоци на два проценти од БДП: „Она што се очекува од нас, ќе го исполниме чекор по чекор“. Трошоците за одбрана на Германија лани изнесуваа околу 36 милијарди евра, односно 1,24 проценти од економскиот учинок.

Проблеми со Русија

Централна тема на средбата беа и односите на НАТО со Русија, кои се затегнати поради однесувањето на Москва во сирискиот конфликт и нападот со отровен гас врз поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија.

Повеќе: 

НАТО и Вашингтон загрижени поради руските подморници

Според дипломатски извори, во рамките на НАТО постои единственост во поглед на размерите на руската агресија. Генералниот секретар Јенс Столтенберг ја обвини Русија за опасно однесување, но и во иднина акцентот ќе биде ставен на сериозен дијалог со Москва. И министерот Мас, како и неговиот белгиски колега Дидие Рејндерс потенцираа дека контактот со Москва не смее да биде прекинат, зашто бројни конфликти во светот не можат да бидат решени без Русија, од која пак се очекува конструктивна улога.