1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска објави листа на сексуални злоставувачи

Паул Фликигер
6 јануари 2018

Полскиот министер за правда објави листа со речиси 800 сексуални злоставувачи - со имиња, фотографии и адреси. Психијатрите критикуваат и сметаат дека шансите за терапија на сторителите сега се многу намалени.

https://p.dw.com/p/2qNzp
Kinder Gewalt Symbolbild
Фотографија: Imago/Imagebroker

„Правото на заштита на нашите деца е над анонимноста на злосторниците“ - вака полскиот министер Збигњев Жобро го образложи контроверзното објавување на листата со педофили и силувачи на интернет страницата на Министерството за правда. Ваквата мерка, според него, е „голем напредок“.

Листата содржи имиња, датум на раѓање и место на живеење на 768 правосилно осудени педофили и силувачи на деца под 15 години. Таа е особено практична токму за полските семејства, аргументира Министерството за правда. Доволно е во пребарувачот да се внесе презимето или местото на живеење и веќе може да се дознае дали се живее во опасно опкружување за децата, објасни претставник на министерството во разговор за полското државно радио.

Радикални решенија се популарни во Полска

Министерството за правда притоа не мора да стравува од голема критика. Во полската јавност речиси и не се дискутира за оваа тема. И три дена по објавувањето нема јавна критика за листата ниту од страна на сериозен морален авторитет ниту од страна на опозицијата. „Полското општество ги презира педофилите од дното на срцето“, објаснува за ДВ психологот и истражувач на сексуалноста, Збигњев Лев-Старович.

Различни истражувања на јавното мислење покажаа дека голем број од граѓаните претпочитаат хируршка кастрација на педофилите, нивен надзор во текот на целиот живот, па дури и смртна казна за педофили. Директна критика за листата за ДВ не сака да изрази ниту инаку многу гласниот омбудсман Адам Боднар. Тој се обидел да спречи објавување на листата, но Министерството за правда не одговорило позитивно на неговата молба. Меѓутоа, како што стои во писменото образложение на Боднар, прифатени биле редица уставноправни забелешки на омбудсманот.

Polen Justizminister Zbigniew Ziobro
Полскиот министер за правда Збигњев ЖоброФотографија: picture-alliance/PAP/P. Supernak

Популизам наместо ресоцијализација

„Никој не се осмелува да ја критикува листата јавно“, вели Лев-Старович. Притоа, многу меѓународни истражувања покажуваат дека високите казни не ги плашат сексуалните злоставувачи, ниту пак ги оздравуваат. „Јавна листа на педофили го загрозува процесот на лекување и им ја одзема мотивацијата на осудените“, објаснува Лев-Старович. Оној кој еднаш ќе биде ставен на интернет како осуден педофил, тој е обележан за цел живот, смета експертот. Тоа е фатално за шансите за повторно фаќање приклучок во општеството. Терапевтот лекувал десетици педофили, меѓу нив и свештеници, но новиот чекор на деснопопулистичката влада на Качински, како што вели тој, ги намалува многу шансите за успешна терапија.

Холандскиот новинар Еке Овербек, кој во Полска важи за независен стручњак во сферата на педофилијата откако во 2013 година објави книга за злоставувањето деца во полската католичка црква, оценува дека потегот на министерот Жобро е „евтин популизам“. „Де факто, објавувањето на листата е објавување на банкрот на полското кривично правосудство, кое со педофилите е префорсирано“, вели Овербек во разговор за ДВ. Борбениот Холанѓанец смета дека листата е индиректен „повик на линч“.

Меѓу сексуалните злоставувачи има и свештеници

Нејасно е дали на листата има и правосилно осудени католички свештеници. Министерството за правда потврди дека листата постои од октомври, но се чекало за да им се остави шанса на осудените да се жалат на суд против објавувањето на податоците за нив. „Меѓутоа, судовите исклучително ретко ги прифаќаат ваквите жалби“, изјави за ДВ портпаролот на министерот за правда, Јан Кантнак.

Тој смета дека е можно на листата да се наоѓаат и свештеници, меѓутоа конкретни имиња не можел да види при првичниот преглед на листата. И инсајдер кој ги познава состојбите со педофилијата во полското свештенство не открил познати осудени свештеници на листата. На нејзе ги нема дури ни малкуте познати педофили од клерот за кои е докажано дека извршиле тешки дела. Портпаролот уверува: „Наведени се сите извршители на тешки сексуални кривични дела  и осудени педофили, независно од професијата и цивилната позиција.“

Според проценките, можно е во Полска да има десетици осудени свештеници поради педофилија. Марчин Пржечиевски, главен уредник на полската Католичка новинска агенција (КАИ) уште пред една година изјави: „Ширум земјата, според проценките, има неколку стотини случаи, но не сите се затворени.“

Втора листа

Покрај листата со 768 имиња, има и втора листа со околу 2600 имиња на осудени за помалку брутални сексуални кривични дела. Меѓутоа, оваа втора листа е достапна само за регистрираните корисници од сферата на образованието. Таа на училиштата, градинките и младинските организации би требало да им овозможи воопшто да не вработуваат педофили. Кој ќе дејствува спротивно на ова, соочен е со парична казна. „Втората листа има смисла“, оценува Лев-Старович.

Политичките набљудувачи претпоставуваат дека министерот за правда Жобро со актуелната листа сака да создаде „позитивно расположение“ во јавноста за планираното натамошно заострување на кривичното право во делот на сексуални деликти. Министертсвото за правда наведува дека било инспирирано од Министерството за правда на САД „како голем пример“. ЕУ-стандардите во оваа сфера, во Полска се чини се избегнуваат.