1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Пожари во јужна Франција: евакуирани 10 илјади луѓе

СН/ агенции
26 јули 2017

Нови пожари на југот на Франција. Еден од најтешките беснее во близина на популарното туристичко место Сент Тропе.

https://p.dw.com/p/2h9lB
Frankreich Waldbrände
Фотографија: Reuters/J.-P. Pelissier

Шумските пожари во Франција принудија на евакуација 10.000 луѓе во текот на ноќта во јужна Франција. Стотици пожарникари се бореа против огнената стихија во близината на Борм ле Мимозе, во покраината Прованса- Алпи- Азурен брег. Туристичкото место Борм се наоѓа во близина на луксузното одморалиште Сент Тропе.

Франција претходно соопшти дека побарала од соседите од ЕУ поголема помош во борба против пожарите. Околу 4.000 хектари земја изгореа долж медитеранскиот брег, во планинската внатрешност во земјата и на островот Корзика. „По ширењето на пожарот следуваше евакуација на најмалку 10.000 луѓе“, ги пренесе новинската агенција Франс Прес зборовите на претставник на противпожарните единици.

Огнена стихија на Азурниот брег

„Тоа е област во која за време на летниот период бројот на населението двојно или тројно се зголемува“, додаде тој. „Пожарот почна по полноќ. Евакуацијата на најмалку 10.000 луѓе го следеше напредувањето на оганот“, соопшти противпожарната служба од областа Вар. Ангажирани се 540 пожарникари како и противпожарни авиони.

Од околу 10.000 евакуирани околу 3.000 се излетници. Пожарот зафати околу 800 хектари земја, а поради ветер брзо се рашири. Соопштено е оти ветреот дувал во интервали од 60 до 70 километри на час, но се очекува да ослабе во текот на утрото. 

Frankreich Waldbrände
Фотографија: picture-alliance/MAXPPP/D. Leriche

На Корзика се евакуирани стотици домови. Вкупно над 4.000 пожарникари и војници со помош на противпожарни авиони се обидоа да ја запрат огнената стихија од понеделникот наваму. Најмалку 12 пожарникари се повредени, а 15 полицајци се хоспитализирани поради последици од вдишување на чад, соопштија официјалните лица