Сѐ повеќе жртви во шумските пожари во Калифорнија
13 октомври 2017Кај најголем дел од жртвите во пожарите во Калифорнија станува збор за постари лица, изјави шерифот од регионот Сонома, Рон Џордано. Спасувачките екипи засилено користат кучиња-трагачи за да влезат во трагите на евентуални натамошни жртви и на лицата кои се водат за исчезнати, а кои само во Сонома ги има околу 400.
Според официјалната евиденција, досега во пожарите животот го загубиле преку 30 лица, но се очекува бројот да расте. Веќе сега пожарите во Калифорнија се сметаат за најкатастрофални во историјата на сојузната американска држава.
Пламенот уништи илјадници хектари површина, како и најмалку 3.500 објекти во регионот на Сонома.
Огнената стихија, која беснее скоро цела недела, се шири поради силните ветрови, што истовремено ја отежнува и работата на пожарникарите. Метеоролозите прогнозираат променливото неповолно време да продолжи до крајот на викендот.
Гувернерот на Калифорнија Џери Браун поради пожарите прогласи вонредна состојба во осум општини. Американскиот претседател Доналд Трамп од своја страна прогласи состојба на катастрофа, со цел да можат да бидат ставени на располагање сојузни средства за погодените региони. Американскиот Претставнички дом синоќа донесе одлука за исплата на првични 576 милиони долари помош, за што треба да даде потврда и Сенатот.