1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патриотски невладини организации против „соросоидите“

Ивица Петровиќ
10 август 2017

Колку патриотските невладини организации се блиски до властите во Србија и дали добиваат некаква конкретна помош?

https://p.dw.com/p/2hvMS
Serbien Demos Vukovar Verbrechen
Фотографија: DW/Igor Jeremic

Патриотскиот невладин сектор, како што сами се опишуваат националистичките и десничарските организации, смета дека во последно време има многу причини за ликување. Помалку-повеќе успешните обиди за опструкција на албанскиот фестивал „Мирдита",  на трибините на Жени во црно на Факултетот за политички науки во Белград во врска со војната во Босна или прекинувањето на филмските проекции за српските злосторства на Косово, условија изјави дека „антисрпскиот соросоиден невладин сектор загубил монопол над јавниот збор“. Посебно задоволство кај десничарите и националистите предизвикува тоа што државата Србија благонаклонето го набљудува овој процес.

Фронт против цивилниот сектор

Ако повнимателно се анализираат споменатите активности може да се забележи дека во поголемиот број случаи не станува збор за никакви автохтони акции, туку за најобични врисоци и пеење, чија единствена цел е да се запрат нечии дебати или филмски проекции. Не е тешко да се пронајдат и причините за таквите акции, бидејќи секој самостоен протест на некои од „патриотските“ организации е патетичен собир на неколкумина истомисленици кои не ги забележале дури ни медиумите кои им се благонаклонети, а уште помалку случајните минувачи. На тоа упатува и Иван Ѓуриќ од Иницијативата на младите за човекови права, која беше еден од организаторите на фестивалот „Мирдита, добар ден“. Ѓуриќ за ДВ вели дека одделни организации од тој вид „имаат некои самостојни акции, но на нив ни тие самите не обрнуваат внимание, а да не говориме за пошироката јавност. Меѓутоа, тие го претставуваат тој прв фронт кога станува збор за напади врз цивилниот сектор. И кога Иницијативата или некоја друга невладина организација ќе направи нешто што не е во согласност со официјалната политика, тие се праќаат на првата линија на фронтот“.

А кога ќе се стигне на местото на случувањето сценариото е главно слично. Полицијата е или незаинтересирана или ги легитимира новинарите, собирот се прекинува или некако продолжува, а десничарите себеси си припишуваат уште една победа над прозападниот соросиден невладин сектор. За припадниците на „патриотските организации“ тоа е доволен доказ оти државата ги поддржува и дека се промениле времињата. Иван Ѓуриќ се согласува со оценката за поддршка од државата и додава дека „државата не само што им пружа рамноправен третман, туку и ги поддржува во кршење на законот и заканување со насилство. Бидејќи, кога министерот за култура ќе ги прими претставинците на Алтернатива која 2 дена потоа организира трибина со Мирољуб Петровиќ кој сите кои поинаку размислуваат би ги ставил ’под меч’, тогаш е јасно дека државата не само што не реагира, туку сега веќе и со официјални контакти ги поддржува“.

Променет НВО-пејсаж

Таканаречените патриотски организации поради тоа сметаат оти пејсажот на невладиниот сектор сега е дефинитивно променет и дека бројни НВО кои се гледаат како дел од „Втора Србија“, веќе немаат монопол над јавното делување. Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ оценува оти не се сите НВО граѓански ориентирани и кои би можеле да се класифицираат како „Втора Србија“ подеднакво застапени. Анѓелковиќ истакнува дека вистински медиумски монопол долго имале организациите како Хелсиншкиот комитет за човекови права или Фондот за хуманитарно право. „Тоа се организации кои на непринципиелен и на малициозен начин се занимаваа со вината на Србите. Тие му нанесоа и најголема штета на граѓанскиот сектор, бидејќи многумина ги поистоветуваа со граѓанско и антисрпско, што не е точно. Сега веќе имаме поголемо шаренило: имаме проруски организации, национални, граѓански, и оние кои се за НАТО.“

А на заблешката оти, барем кога станува збор за случувањата во 90-тите години од минатиот век, секој би требало да се занимава со својот дел на одговорност и вина, Анѓелковиќ истакнува оти таа поделба „секој да се занимава со својот двор не важи. Злосторствата се злосторства и со нив би требало универзално да се занимаваме- оние кои се борци против злосторствата тука не би требало да прават селекција- и дека е проблемот само нешто што доаѓа од српска страна, а да се оправдува она што доаѓа од другите страни“.

Терцирање на државната политика

Начинот на работа на патриотскиот сектор остава, меѓутоа, непогрешлива трага од ракописот на сегашната влада. Како и во сѐ останато, врвот на власта е прилично претпазлив кога станува збор за националистичките изјави, но затоа секогаш ќе се најде некој Александар Вулин, или некој медиум близок на власта, или некоја патриотска организација, кои ќе кажат што власта навистина мисли. Иван Ѓуриќ вели оти во овој случај зборуваме за некој „освежен национализам во Србија, кој замав добил поради политичката ситуација во регионот“. Но, забалежува Ѓуриќ, „тоа што се обидоа да го прекинат фестивалот на косовската уметност не е никаква револуција, бидејќи голем број културни институции во Србија не сакаат ни да помислат да поканат некој косовски уметник. Јас тоа повеќе би го нарекол терц на некаква државна политика отколку што е некоја нова автентична мисла“.

Сите на маргините

Колку патриотските НВО се воопшто блиски до властите и дали имаат некаква конкретна поддршка? Драгомир Анѓелковиќ истакнува дека нема увид кој сѐ добива пари од државните фондови за одредени проекти, но оти верува дека повеќе нема монопол на Хелсиншкиот комитет и слични нему, туку оти средствата пошироко се доделуваат.

Не би рекол дека државата стои зад тој национален дел на невладините организации, но повеќе не ги дискриминира“, вели Анѓелковиќ.Тој смета дека генерално и таканаречените Прва и Втора Србија „изгубиле значење. „Граѓаните сѐ помалку се занимаваат со минатото и преокупирани се со секојдневието. Приказните кои ги интересираа луѓето во деведесетите години од минатиот и првата деценија од овој век сега ги интересираат неколку стотици или илјади луѓе од која било страна. Сите тие сега се на некои маргини“, вели Анѓелковиќ.