1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Балканот нешто ново

7 јануари 2019

Мила им е Европа на Балканците на збор, но во срцето уште им е само Балканот. И сите негативни нешта што го одликуваат прочуениот „балкански менталитет“.

https://p.dw.com/p/3B81y
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Сликата за Западна Европа од прочуеното дело на германскиот писател Ерих Марија Ремарк, „На Запад ништо ново“, денес за  луѓето во Западна Европа  е далечна историја. Не само затоа што  измина еден век од Првата светска војна. Во романот, кој, барем за мојата генерација, во гимназијата беше задолжителна литература, Ремарк го опишува ужасот на таа војна низ доживувањето на осумнаесетгодишниот германски војник  Паул Бојмер. Тој, како и илјадници млади Европејци, тогаш   од гиманзиските клупи беше испратен на фронтот. Тие себеси се доживуваа како „изгубена генерација“. Западна Европа извлече поука од ужасот на војните дури по  Втората светска војна. Таа  се одлучи да го смени своето мислење и однесување.  Се осмели да создаде проект за долготраен  мир. Мир кој се постигнува со долги преговори и мачни компромиси. Со ритуали на пријателство и помирување меѓу народите. Европското обединување во денешната  ЕУ е  тој темелен, долготраен проект за мир. Првата цел на тој проект беше да се спречат нови војни на европската територија.

Ако се погледне  денес реалноста на  „западниот Балкан“,  се одбива впечаток  дека таму народите уште ја делат состојбата на  духот  по Првата светска војна. Тие како уште да се во приказната од Ремарковиот роман. На Западен Балкан ништо ново. Таму уште луѓето стравуваат од војни. Таму уште  владее  призракот на војните и  на етничката омраза. Таму уште се сонува за силни национални држави со најсиромашни народи. Во исто време кога се тврди дека сите се за ЕУ и НАТО. Таму уште е поважна славата на својот народ, на своето  минато од европските вредности. Такви како  квалитетен  здравстен и образовен систем, чисти  градови, здрава  околина,  работа и стопански напредок. Наместо тие вредности, секојдневие на Балканот  е суровата, безмилосна желба за брзо збогатување. Тоа, секако, најбрзо е возможно со корупција и криминал. Наместо да јакне социјалната држава, јакне авторитарниот поредок.  Наместо  демократијата, се‘ посилен станува популизмот и  модерната тиранија. Наместо историска свест, митолошки приказни за „патриоти и предавници“. А затоа што народите во Западен  Балкан веруваат дека историјата се повторува, тоа и им се случува. Повторно некои од нив сонуваат за стратешки сојузи со големи сили и модерни империи.  Дури и кога тие се на другиот крај на светот. Како  со Кина во некоја идна евроазиска унија. Затоа што таму тие би биле конечно во сојуз со православна Русија. Во исто време кога балканските „изгубени генерации“, младите родени по распаѓањето на Југославија, од  балканскиот Запад  масовно си заминуваат во вистинскиот Запад. Во оној европскиот. Затоа што тие повеќе не веруваат дека  може да има балкански политичари што не се корумпирани. Пратеници што нема  да гледаат  само до пред својот партиски нос. Стопанственици кои нема да се однесуваат како феудалци.

Други колумни од Кица Колбе:

-2018-та - македонскиот испит на зрелоста

-„Светникола“ и Nikolaustag

-„Меката моќ“ на Горановото слово

Зошто  Балканот не учи од историјата на војните? Затоа што нема долго паметење на мирот. Затоа  што балканското време на мирот секогаш беше кусо. Затоа што  тоа досега никогаш не беше подолго од тоа што имавме среќа да го доживееме ние, родените  по Втората светска војна во Југославија.  Балканот не учи и не се менува затоа што му недостига визија  за мирот. За долготрајниот мир. Затоа што на Балканот нема обединувачка идеја за заедничка визија. Притоа, кога велам Балканот, мислам и на  земјите кои се членки –  одамна или од неодамна -  на ЕУ. Но, тие, за жал, на еден начин ( глумејќи Европејци)  се однесуваат во Брисел, а на друг  начин ( балкански, по свое)  дома – во Атина, во Софија, во Букурешт, во Загреб...Дотаму што Брисел  пред некоја недела уште се двоумеше дали смее да им ја предаде довербата да претседателствуваат  во ЕУ на корумпираните романски политичари. За балканските народи, особено за нивните политичари, разбирањето на власта,  на политиката остана    „балканско", дури и кога тие се членки на ЕУ. За таа состојба  не е виновна ЕУ, како што аргументираат македонските националисти во борбата против Преспанскиот договор, одбивајќи да направат компромис за влез во ЕУ и НАТО. За состојбата во своите држави се виновни балканските политичари. Ним  им недостига државнички морал и етика. Тие на Балканот умеат многу добро да живеат  со два аршина. Од една страна, ЕУ   им е добра како „златна кокошка“  - за кредити и субвенции. Ама не е добра кога   од балканските политичари бара да го сузбијат криминалот и корупцијата во своите држави. Затоа што, најчесто, самите се дел од криминалните структури.  Тие се горди „лулки“ на модерната демократија, но не сакаат да отстапат ниту педа од нивниот уште помил национализам. Мила им е Европа на Балканците на збор, но во срцето уште им е само Балканот. И сите негативни нешта што го одликуваат прочуениот „балкански менталитет“.

И токму во тој и таков  Западен Балкан, во една од најкревките  држави, на  почетокот на летото 2018-та, кога  македонските граѓани  обично мислат само на летниот одмор, сепак, се случи нешто ново. Како гром од ведрото јунско небо ги изненади една за Балканот нетипична одлука. Нешто целосно ново. Политичарите на македонските граѓани им го нарушија  летниот спокој со ненадејниот компромис за еден типично балкански спор – за името Македонија. Тој навистина  како да ги најде Македонците во длабок сон. Иако се преговараше за решение на  тој спор речиси три децении. Ама што се три децении за балканското мерење на времето?  Иако спорот со Грција на Македонците  сето време им висеше над глава како Дамоклов меч. Иако тој беше пречката за  нивната европска интеграција. Преспанскиот договор побара премногу од просечниот македонски, балкански менталитет. Тој покажа дека да се има држава не значи и дека мора да се има државотворна свест. Кога се поседува државотворна свест, тогаш граѓаните  умеат во клучни историски мигови да разликуваат  што е највисок државен интерес. Тие тогаш реагираат прагматично и одговорно, дури и кога се работи за болни компромиси. Впрочем, компромисите и во приватниот живот се секогаш болни. Тие се прифаќаат само кога граѓаните на едно општество имаат јасно  чувство за заедништво. Паранојата која во македонското општество  ја ширеа  не само политичарите на опозицијата, туку и националистичките медиуми и ним блиските интелектуалци, покажа дека државотворна свест немаат сите македонски граѓани.

Токму сега, кога  претстои  гласањето за Преспанскиот договор  во македонското собрание, секојдневно  станува  јасно колку  тој  погубен менталитет на ситниот балкански трговец, кој прво мисли на торбата, а потоа на државата, уште е длабоко вкоренет  кај македонските политичари. Тој факт  не е за чудење во Македонија.  Оти беше одамна познат начин на мислење и однесување кај Македонците во минатото. Многумина од нас веруваа дека тој е надминат. Напротив,  се покажа дека во овие триесет години  изолација тој начин на однесување стравотно се раширил во македонското општество. Разочарувачки  е кога тој модел на однесување се пројавува и кога   се работи за највисоките државни цели. Да се пазари, да се уценува гласот на пратеникот со привилегии и отстапки, со цена и  придобивки – во полза на својата партија, на својот спас од казна и одговорност, но и во полза на својот  етнос -  е недостојно за пратеници со интегритет. Да се ползува најкритичниот миг за државата за да се  услови  со отстапки својот глас,  тоа не доликува на сериозен политичар. Тој начин на однесување одговара само на балканскиот менталитет, тој што ги храни стереотипите за Балканците. Македонските пратеници кои деновиве итро го практицираа тоа однесување, барајќи придобивки од својот глас за Преспанскиот договор, покажуваат дека уште не  научиле што е државотворна свест. А  да не  говориме за  свест за историското значење на Преспанскиот договор за Македонија.

Се прашувам што тие еден ден ќе им раскажат на своите внуци за овие историски одлуки за Македонија? Што беше нивниот личен придонес за нив? Ќе имаат ли смелост да им кажат дека  нивниот пратенички глас  во полза на Преспанскиот договор имал конкретна цена? Се работело ли, притоа, за пратеници на опозицијата или на коалицијата, на македонски или на албански пратеници. Тие сите се само македонски пратеници. Ним, очигледно, не им е јасно дека  нивното однесување  сега ќе остане забележано во историското и културното паметење на сите  македонски граѓани – на сегашните и на идните. Зарем толку малку им значи заедништвото, припадноста на нешто поголемо, нешто што обврзува на етичка величина –  сознанието дека  и тие ја создаваат новата македонска приказна на заедништвото. Сознанието дека и тие ја пишуваат историјата  на новата балканска визија за мирот. 

Големиот германски филозоф Имануел Кант веруваше дека човекот е „криво дрво“  од кое тешко може да се  направи нешто совршено. Но, тој, сепак, се надеваше дека од него може да се воспита граѓанин со морален интегритет. Само ако моралниот закон му е  „впишан“ во срцето. Тој морален закон има и едно друго име. Тоа е совест и одговорност. Тоа што Кант го именува како состојбата на умот на етички  совесната личност - ѕвезденото небо над нас и моралниот закон во нас. На тоа би ги  потсетила македонските пратеници. Дека е важно заради историјата на македонската држава да  се обидат барем еднаш да скокнат преку својата ситнобалканска сенка. Дека е важно за политичкото паметење да покажат величина, морален интегритет и достоинство. Нека гласаат еднаш не за своите лични цели, туку за иднината, за мирот во државата и на Балканот. Тогаш ќе им стане јасно колку е значаен овој компромис, кој, како сите историски компромиси, секако е болен и тежок. Затоа што го отвара патот за еден поинаков Балкан.

Европската јавност јасно ја согледува значајноста на  тоа што сега се случува во Македонија и во Грција. Три  дена пред крајот на минатата година,  швајцарскиот весник  „Neue Zürcher Zeitung" објави список од 38 прашања за  кои неговите новинари посакуваат да  бидат одговорени во 2019-тата. Секако, на прво место е прашањето дали Меркел оваа година ќе замине во пензија. На 12-тото место е прашањето дали  Македонија и Грција успешно ќе го спроведат   Преспанскиот договор.  На 12-тото, не на последното, 38-то место! Ова е уште еден доказ колкаво значење европската  медиумска и политичка јавност му придава на постигнатиот компромис за името Македонија. Во последните месеци во германските медиуми често се истакнуваше дека во мигов кога на Балканот пак се засилува национализмот, етноцентризмот и фантазиите за поинакви или за нови државни граници, Македонија  го понуди единствениот знак на надеж - Преспанскиот договор.

Кога  македонските граѓани, но, пред сѐ, македонските пратеници барем за миг би можеле  се погледнат себеси   и нивната држава од перспективата од која Македонија ја гледаат Европејците, тогаш тие би сфатиле дека се наоѓаат на крстосница.  Слична на  онаа пред која граѓаните на западна Европа беа поставени  по  војната. Да се одлучат за проект за траен мир во Македонија и во целиот Балкан. Јасно, компромисот  е поболен за Македонија отколку за Грција. Тоа  никој не го оспорува. Некои велат дека ваквите   компромиси се бараат само од земји кои воделе меѓусебна војна. Република Македонија, навистина, не водеше војна со Грција. Само што има и поинакви, политички и дипломатски  „војни“. Речиси триесетгодишната немилосрдна блокада за Македонија беше една нерамноправна „борба“ за името Македонија. Тоа беше констелацијата на силите како кај Давид против Голијат. Таквите неповолни констелации најчесто се победуваат  само со   компромис.  И со државничка мудрост. Со свест за врвните цели на една држава. И кревките држави, како Македонија, можат да станат посилни од Голијат. Само ако имаат морална величина и визија за мирот. Нема ништо поскапоцено од мирот. И нема ништо побесмислено од војната. Барем за тоа Македонците во минатото имаат неброени извори на мудрост. Нашите предци, кои од секоја војна излегуваа уште посиромашни, уште поразделени и попоразени, ја поседуваа таа мудрост. Големи се тие народи што самите се одлучуваат за патот на мирот. Тоа би требало еден ден да стане балканска мудрост. Со неа  во иднина би можеле да се градат мостови  на пријателство меѓу балканските народи.

Но, кој  ќе им објасни на македонските пратеници дека треба да внимаваат како се однесуваат, затоа што на Балканот, сепак,  има нешто ново? Да им каже дека имаат историска шанса да учествуваат во неговото создавање. Државата со име Северна Македонија би можела да стане тоа ново од кое зависи  остварувањето на траен мир на Балканот. Неколку дена пред да биде потпишан Преспанскиот   договор, во  германскиот неделник „Die Zeit“ дописникот од Балканот, Улрих Ладурнер, напиша  дека тој е постигнат со силен притисок од  ЕУ. И заклучи  дека „кога ЕУ  знае што сака, тогаш таа може да делува“. Тогаш може да дојде до придвижување и во таков мачен и долготраен  спор како тој за името Македонија. Затоа тој дополни дека ЕУ треба да го исползува ентузијазмот што настана со Преспанскиот договор. За да може  Балканот да почне да се менува. Македонија може да стане промоторот на таа  европска, демократска преобразба на Балканот. Колку таа и да е мала и кревка. Нејзината сила би можела да произлезе од  тоа колку мудро таа   ќе ја ползува својата  геостратешка положба: не како  митолошки „папок на светот“, туку како крстосница, како срце на Балканот, како мост. Од старото „јаболко на раздорот“  таа би можела да стане симбол на мирот и помирувањето со соседите. Сите што ги боли додавката Северна кон името Македонија би требало сета енергија, наместо во повреденост и гнев, да ја преобразат во енергија на мирот. За да настане еден нов Балкан околу Македонците,  во кој за нив би имало само отворени, мирољубиви граници: и кон Север и кон Југ и кон Исток и кон Запад. За разлика од минатото, во тој проект Македонците денес би ја имале силната поддршка од ЕУ, но и од сета меѓународна демократска  јавност. Таков проект еднаш  започна Германија, која и самата има централна, поврзувачка положба во Средна Европа. Од него настана новата, демократска Германија. Таа по војната изгуби голем дел од својата територија. Само европскиот мир и обединување им  помогна на Германците да ги  надминат историските неправди и трауми. Тој пат можат да го изберат и македонските граѓани. Тие имаат слобода на избор. Да се надеваме дека ќе имаат и мудрост да го изберат европскиот пат. 

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.