1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Копнеж по политичар како избавител

Станислав Штрасбургер
12 август 2017

Политичкиот месијанизам е широко распространет во Полска, во средна и во источна Европа, но не само таму. Лидерот треба да има надчовечка сила и не само да е силен и паметен, туку и избавител, кој се жртвува за нацијата.

https://p.dw.com/p/2i6zX
Stanislaw Strasburger
Фотографија: Mathias Bothor

„Протестот го уплаши бидејќи целиот живот не видел жена“, рече Владислав Фарсинијук на антивладините протести во Варшава. Тоа се однесува на Јарослав Качински, шефот на владеачката партија „Право и правда“ (ПиС) и на собраните илјадници жени кои минатата година дрмонстрираа против заострување на законот за абортус.

Фарсинијук долго го сметаа за можен предводник на опозициското движење, но тој- легенда од времето на Солидарност- последните години живееше надвор од секојдневната политика. Многу луѓе кои сакаа некој лидер да ги обедини протестните опозициски групи, веруваа оти тој е како создаден за тоа. Меѓутоа, во моментов во Полска се појавуваат слични фигури со слични пораки. Новиот претседател на Комитетот за одбрана на демократијата (КОД) на истиот собир во Варшава рече: „Да сум жена, сега би заплакал, но јас сум силен маж“. На една пратеничка од владеачката партија неодамна ѝ порачаа да проба секс како терапија, па ќе почувствува пеперутки во стомакот, ќе има поопуштен грб и цвеќе во коса. „Така се средуваат мислите“, порачаа од редовите на опозицијата.

Силен маж и слаба жена

Понекогаш луѓето се извинува за ваквите изјави. Но тоа не беше од голема помош. Од сите страни пристигнуваа критики. Се осудуваа сексизмот и шовинизмот во јавните дебати. Големите надежи се распрснаа. Големиот политички капитал се потроши преку ноќ. Но што тоа зборува за нашиот политички живот? Се разбира, сметам дека ваквите изјави се за осуда. Но, се чини дека тие не зборуваат толку многу за сексиситичко однесување на оние кои ги изговорија, колку за нивната немоќ пред сопствените емоции.

Наоколу латентно кружат претстави за родовите улоги. Мажот е силен и рационален, но не и емоционален. Жените често се потценуваат во политички контекст, бидејќи наводно не се предодредени за тоа да го носат товарот на политичкиот живот на своите слаби рамења. Тие се, наводно, емоционални и тоа им е слабост. Во политичката борба се лепат етикети на сексуална исфрустрираност. Во Полска, на пример, помалку или повеќе се раширени тврдењета дека Јарослав Качински е хомосексуалец, кој тоа не си го признава. Неговата политичка загриженост според тоа е резултат на неговиот нерешен внатрешен конфликт.

Jaroslaw Kaczynski
Јарослав КачинскиФотографија: imago/Eastnews

Емоциите и сексуалноста да се демитологизираат

Сметам дека поради сето тоа би требало да се демитологизраат емоциите и сексуалноста во политичкиот дискурс. Но, ова не е проблем само во Полска. Во т.н. западен културен круг е изразено барањето за одделување на приватното и јавното (политичкото), а ова барање од хуманистичка перспектива е едноставно вештачко и фрустрирачко. Дали треба да се придржуваме до тоа? И политичарите се луѓе кои имаат емоции, понекогаш ќе кажат и глупост. Како и сите ние. Отворениот однос на политичките актери кон сопствените емоции би требало да држи чекор со општественото прифаќање на разноликост на родовите улоги. Тоа прифаќање би морало да ги опфати и политичарите. На политичарите не им е потребен „натчовечки“ статус. Не мора да бидат асексуални, ладни, со исклучителна сила и способности.

Избавителот да се жртвува за заедницата

Острата критика на наведените искази открива одредена слика за политичарите. Тоа е месијанска фигура која се базира на романтизмот од 19-тиот век. Како мисловна фигура тој месијанизам е распростанет во средна и во источна Европа, но не само таму. Се замислува идеален лидер со речиси натчовечка сила. Не само да е силен и паметен, туку и да е фигура на лидер кој се жртвува за заедницата, да речеме за нацијата. Карактеристично е оти таа фигура е секогаш од машки род. Јарослав Качински е парадоксално токму таква фигура и за симпатизерите и за противниците. Според таа логика може да му парира само некој таков. Ни треба „супермен“!

Вмрежување наместо месијанизам

Улогата на антивладин месија сѐ уште не е доделена. Не верувам дека месијанското мислење би можело да биде успешен рецепт за политичка обнова на земјата. Повеќе верувам во регионални и локални движења, во кои луѓето се локално организирани. Секако, и ним им е потребно некој политички да ги репрезентира. Но децентралните движења штитат од силни национални лидери, затоа што не бараат унифициран дискурс. Повеќе ја гледаат својата вмреженост како темелна вредност. Тоа е важен дел од „ЕУтопија“. Ако Европа има шанса за траен политички опстанок, тогаш, верувам, тоа е патот кој треба да се поддржи. Почетокот може да се најде и во Полска.

Станислав Штрасбургер е роден во Варшава. Тој е писател и културен менаџер, тежишта во неговата работа се темите колективна меморија, миграција и мултикултурност. Живее во Берлин, Варшава и Бејрут.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема