1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мора да се направи повеќе за намалување на издувните гасови

11 ноември 2017

Во 2030 година возилата во Европа би требало да испуштаат 30% помалку гасови. Тоа е планот на Брисел. За автомобилската индустрија тоа е пребрз развој, додека пак организациите за заштита на средината очекуваа повеќе.

https://p.dw.com/p/2nLwd
Deutschland Stau auf der A100 in Berlin
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Најголемиот проблем за ЕУ е во спроведувањето на климатските цели: меѓу 1990 и 2015 испуштањето гасови во транспортниот сектор порасна за 15 проценти. Денес од таму потекнува една четвртина од емисиите на гасови. Додека многу други индустриски гранки во ЕУ можеа да ги намалат емисиите, автомобилите и авионите се и натаму најголемите непријатели на климата.

Новиот пакет кој го усвои ЕК во средата се занимава со овој проблем. Пакетот мерки треба да стапи на сила во 2021 година. До 2025 сите нови возила треба да ги намалат емисиите на гасови за 15 проценти. Веќе пет години подоцна треба да се 30% помалку од 2021. Ако производителите се над вредноста, мора да плаќаат 95 евра за секој дополнителен грам ЦО2 за секој модел на автомобил што ги надминува вредностите. ЕУ праќа сигнал за климатските преговори во Бон, но како го оценуваат учесниците планот?

Дизелите интересни само за балканскиот пазар

Добар знак за заштита на климата

За Волфганг Хабла од Центарот за европски истражувања во Манхајм одлуката е исправен чекор во правец на сообраќајна политика позитивна за климата. „Ако земеме предвид дека Германија во изминатите 30 години ги намали емисиите на штетни гасови само за 30%, целта на ЕУ изгледа прилично амбициозна.“ Сепак, секому мора да му е јасно дека и возилата на струја предизвикуваат емисии, на пример во процесот на производството.

Пакетот на ЕУ, покрај казните, предвидува и поттик за посебно амбициозни производители. Претпријатија со хибридни и други модели кои имаат мали емисии на гасови ќе добиваат бонуси. Цврста квота за електромобили на европските улици нема да има. Тоа за економисти како Волфганг Хабла е најдоброто решение: „Такви суптилни мерки се секогаш подобри од рестриктивните."

Deutschland Carsharing-Unternehmen car2go
Каршеринг е неизбежна мерка ако светот сака иднина со помалку издувни гасови, смета ГринписФотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Дали плановите на ЕУ се контра Парискиот договор?

Критиките не се само од редовите на Зелените. Шефот на пратеничката група Антон Хофрајтер во средата рече дека предлогот ги саботира климатските преговори во Бон. И организации за заштита на средината на КОП23 велат дека очекувале повеќе од ЕУ. „Промашена прилика“, оценува Фајза Улахсен од Гринпис. Одлуката на Комисијата не е во согласност со актуелните климатски договори: „Очекувавме нешто повеќе од ЕУ, а не план кој не ги почитува ни климатските цели од Париз."

Гринпис бара поамбициозни цели. Се нагласува дека 30% помалку емисии до 2030. не е доволно, веќе во претстојните години ЕУ мора да развие нова визија: „Намалување на индивидуалните возачи и повеќе јавен превоз, како и групно возење“, вели Фајза Улахсен. „Во перфектна иднина без емисии, наместо авион користиме воз, немаме сопствено возило и сите паркинзи, правиме паркови и игралишта за деца".

Планот на Комисијата се’ уште не е усвоен. Сега се на ред преговори со земјите членки и со Европскиот парламент.