1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски ги отвори картите: Процесите условени со амнестија?

6 јули 2018

Можеби Мицкоски сонува за амнестија, но амнестија за криминал нема да има: расчистувањето со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и правда за сите - е државен интерес, му одговори СДСМ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

https://p.dw.com/p/30vB1
Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Во атмосфера на условувања се одвиваат политичките процеси во Македонија. Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во синоќешното гостување на ТВ „Телма“ ги откри клучните барања од кои ќе зависат нивните политички чекори. Тој соопшти дека партијата прво ќе чека да види дали ќе има референдум, кое ќе биде референдумското прашање и кои ќе бидат чекорите на власта, а потоа ќе реши дали ќе учествува на референдумот.

„Не знаеме ниту дали сигурно ќе има референдум. Не знам како Заев го планира референдумот, кога за тоа треба да имаме формирано Државна изборна комисија. Ќе видиме како ќе се развива процесот, да почекаме, па ќе ги влечеме нашите потези и ќе ги информираме граѓаните“, рече Мицкоски.

повеќе: ВМРО-ДПМНЕ со кривични пријави ќе „гласа“ за Договорот со Грција

Но, формирањето на ДИК во моментов е закочено токму од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот од оваа партија, Илија Димовски, кој е претседател на собраниската Комисијата за избори и именувања, со денови не ја закажува седницата на која треба да биде утврдена листата со кандидати, со образложение дека партиите сѐ уште немаат постигнато договор. Но, единствената партија која сѐ уште нема утврдено кандидати е токму ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сите други веќе го информирале претседателот на парламентот за нивните кандидати. Тие се сомневаат дека ВМРО ДПМНЕ намерно го одолговлекува процесот, бидејќи ДИК треба да го организира референдумот, а за избор на неговиот состав е потребно двотретинско мнозинство кое без опозицијата не може да се постигне. Во истата Комисија треба да започне и процедурата за избор на директор на новата Оперативно-техничка агенција ОТА, за кој покрај двотреетинско, потребно е и  Бадентерово мнозинство.

Димовски е прилично воздржан на прашањето кога ќе закаже седница на Комисијата.

„Многу скоро“, кусо ни одговори тој, со став дека сѐ зависи од меѓупартиските консултации.

Mazedonien Gebäude Regierung
ВМРО ДПМНЕ го кочи формирањето на ДИКФотографија: DW/P. Stojanovsk

Ист закон, ново пакување 

Но, извори од парламентот велат дека „консултации“ не е соодветен збор за процесите кои сега ги турка опозициската партија. Таа условува итно да се донесе нов закон за финансирање на партиите, но и да се направат измени во Изборниот законик, според кои, секои следни избори ќе се организираат со техничка влада по урнек на „пржинската“. Притоа, партијата инсистирала на „нејзини решенија“ во повеќе закони од правосудната сфера. Но, она што до вчера беше во сферата на шпекулациите - дека опозицијата условува и со амнестија за обвинетите од 27-ми април, од вчера не е шпекулација. Повод Мицкоски да ги отвори картите беа вчерашни пресудите со казна затвор за седум лица обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села.

„Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ пред партиските органи ќе предложам и ќе побарам поддршка од страна на Извршниот комитет да изработиме закон за мнестија за овие луѓе, бидејќи очигледна е политичката пресметка, а не докажувањето на кривичното дело. Доколку добијам поддршка, откако ќе се изработи овој закон и истиот ќе биде доставен до Собранието. Ќе побарам поддршка и од страна на Зијадин Села да го поддржи истиот закон“, рече Мицкоски.

Но, ВМРО-ДПМНЕ не мора да подготвува закон за амнестија, бидејќи го има. Иницијативата за негова подготовка беше одобрена од Извршниот комитет уште на 18 октомври 2017 година, што партијата и јавно го соопшти.

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ информира дека поведува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица што извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во Собранието на 27 април 2017 година. ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно какво било понатамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27 април“, соопшти партијата.

Во декември 2017 година, законот како „готов“ беше најавен и од лидерот во заминување, Никола Груевски, на партискиот Конгрес во Валандово.

„Тепањето во парламентот беше голема грешка, иако беше обмислено сценарио од владејачките партии. Знаев што ќе следи, дека ќе се создаде перцепција дека ВМРО-ДПМНЕ е виновна и затоа реагирав остро уште вечерта. Потребни се Закон за амнестија и помирување (...) ВМРО-ДПМНЕ веќе подготви закон за настаните од 27 април и наскоро ќе се појави во парламентот, и се надевам дека ќе биде прифатен“, рече Груевски на Конгресот.

Истото го најавуваа од партијата и кога Мицкоски го презеде кормилото, но со став дека предлог „се уште не е готов“. 

„Текстот на законот ќе биде краток и со него ќе бидат опфатени неправедно осомничените и притворени лица. Се надеваме дека наскоро ќе биде готов и по празниците (божикни - н.з) ќе биде поднесен во Собранието. Очекуваме со него да заврши политичкиот прогон врз пратениците и другите наши членови со цел национално помирување и враќање на нормалните текови во државата“, изјавуваа од партијата на 4 јануари 2018 година.

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Калкулации со амнестија за 27. април не треба да има, порачуваат од СДСМФотографија: Reuters/O. Teofilovski

СДСМ: Нема амнестија!

Шест месеци подоцна, на маса е истото барање. Дали ВМРО-ДПМНЕ цела година „ги брани националните интереси“, пазарејќи се во заднината за амнестија на нивни членови и приврзаници? 

„Можеби Мицкоски сонува за амнестија, но амнестија за криминал нема да има. Расчистувањето со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и правда за сите е државен интерес“, реагираше синоќа СДСМ.

повеќеНема да се дозволи реприза на 27-ми април

„Мицкоски да не помислува да ја кочи македонската иднина. Нема да дозволиме Македонија да се врати назад во мрачното минато на изолација, криминал, корупција и неизвесност. Мицкоски знае дека со влезот во ЕУ и НАТО Македонија и нејзините граѓани добиваат стабилност и безбедност, отворање на нови фондови, нови инвестиции и повеќе пари кај секој граѓанин. Наместо за едно од најважните прашања во историјата на Македонија да го сведува на квиз прашање, конфузниот Мицкоски јавно да го каже ставот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот. Наместо да го брани Иванов и неговите штетни политики, треба да се охрабри и да ги повика членовите да излезат на референдум“, повикаа социјалдемократите.

Повик до опозицијата стигна и од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од неговото гостување во ТВ „Канал 5“

„Ова е златна шанса за опозицијата, за имиџот на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат дел од процесите кои ќе се ценат од сите“, рече Ахмети.

„Во дадената ситуација, ниту опозицијата не ќе најдеше подобро решение. Компромисот не ги задоволува страните, ама подобар компромис од ова нема. Ги уверувам сите дека целта е благородна, висока, и вака се гради иднината“, порача лидерот на ДУИ. Тој ги повика и опозицијата, и претседателот на државата, да бидат дел од процесите кои ја носат земјата на вистинскиот пат.

Време е да се откријат нарачателите

Барањето амнестија предизвика бројни коментари и на социјалните мрежи.

„Значи, би оделе на референдум, ама како амнестирани“. „Тоа ли беше националниот интерес?“, гласат дел од коментарите. 

„Сега е време осудените за нападот врз Собранието од 27- ми април да ги откријат имињата на нарачателите на тој грозен чин“, коментира на Фејсбук професорот Ѓорги Спасов.

„Само откривањето на вистинските виновници кои го нарачале и испланирале тој злостор, ќе гарантира дека такво нешто нема никогаш да се повтори. Тие нарачатели веројатно им ветувале лекомислено дека ќе им обезбедат заштита на извршителите на насилството, а можеби и награди. Сега, по изречените пресуди на оние што се обидоа да го убијат Зијадин Села, време е тие да проговорат кој им дал инструкции, што им ветувал, и што им гарантирал. Нека не ги лаже умот дека Мицковски преку неговата пратеничка група ќе издејствувал амнестија за нив, како што им ветуваше вечерва преку телевизијата. Мицкоски ги лаже само со цел тие сепак да не проговорат за нарачателите, меѓу кои можеби се и оние што на Мицковски на тацна му ја понудија лидерската функција во ДПМНЕ“, оцени Спасов.