1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државата ќе се ослободи, тешко ќе оди со духот и умот

5 јануари 2018

Иако дојде до формална смена на власта, фактичкото ослободување на државата и општеството ќе биде долг и тежок процес, вели Манчо Митевски, авторот на книгата „Заробена држава“ во интервју за Дојче веле

https://p.dw.com/p/2qNL8
Manco Mitevski, Journalist aus Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Пред две недели во Скопје беше промовирана книгата „Заробена држава“ на познатиот новинар Манчо Митевски. Издавањето на вакво публицистичко дело во Македонија, кое ја истражува денешнината и на свој начин открива како стигнавме до изгубеното десетлетие, е многу ретка ситуација во македонското општество.

Придонесот на Манчо Митевски во публицистиката е специфичен. Многу малку луѓе напишаа посебни дела со кои објаснуваа што се случи во Македонија последниве 20 години. Прво со книгата „Промени што ја обезличија Македонија“ (2001 година), потоа „Војна со две лица“ (2008 година) и најпосле „Заробена држава“. Ова е голем потфат во македонската публицистика, бидејќи се потребни години посветеност во истражување и систематизирање на настаните, изјавите, текстовите што се однесуваат на политичките процеси и нивното влијание врз општеството и проекциите за неговата иднина. Книгата на Митевски е во потрага по приближната вистина за она што се случуваше од 2006 година. Стигнувањето до целосната вистина е пат кој е речиси неможно да се изоди во Македонија поради затвореноста на изворите, оскудната пристапност кон документите, стравот од можни последици на најголемиот дел од учесниците во политичкото злосторничко здружување, како што тој го нарекува. Манчо Митевски во разговор за Дојче веле, објаснува како се заробува една држава и како таа уништува едно општество.

ДВ: Како се „заробува“ држава и како се организира криминалот во политиката? Дали тоа зависи само од степенот на авторитаризмот или прво треба да се тргне со поткопување на нејзините демократски институции, а потоа да дојде „заробувањето“?

Манчо Митевски: Заробената држава и политичкиот организиран криминал се многу комплексен и редок феномен во современиот свет, бидејќи за да се појават и да функционираат треба да се исполнат повеќе услови. За наша несреќа, тоа се случи во Македонија. Станува збор за еден процес со две појавни манифестации кои се условени една од друга. Нема заробена држава без високо ниво на политички организиран криминал, и обратно, нема политички организиран криминал од највисок ранг без заробена држава. За да се зароби една држава треба да постои организирана група која прво треба да ја зароби владејачката партија, потоа партијата да почне да ги освојува сите власти, што доведува до апсолутна власт. Следи партизација, односно заробување на институциите, при што  доаѓа до изедначување и испреплетување на партијата со државата. На чело на власта треба да се најде автократ кој ќе воспостави авторитарен режим на владеење. Заробената држава преку политичкиот организиран криминал кој го раководи централно злосторничко здружение го продолжува владеењето со изборен инженеринг, значи со изборен криминал и корупција кои се остваруваат со забрзани циклуси на предвремени избори. Во услови на долго владеење без контрола и одговорност, преку политички организиран криминал владејачката врхушка, односно злосторничкото здружение се богати и стекнува бројни привилегии и општествени и секакви други статуси.

Manco Mitevski, Journalist aus Mazedonien
Манчо Митевски е новинар и автор на три книги поврзани со актуелниот политички миг во МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

ДВ: Дали овие „заробени“ години се изгубено десетлетие за Македонија или на свој начин тие се поука како едно општество не смее толку драматично да падне?

Овие десетина „заробени“ години за Македонија се и изгубени, меѓутоа и поука за едно општество, и тоа не само за македонското, туку и за регионот каде се забележуваат помалку или повеќе слични симптоми како македонскиот. Македонија не само што ја загуби лидерската позиција во ЕУ и НАТО интеграциите, туку падот беше толку драматичен што дури беше загрозен и опстанокот на државата. Државата стана нефункционална, економијата стагнираше, сиромаштијата ескалираше, заканата од меѓунационални и интранационални судири беше перманентна, а Македонија стана ветена земја на политичката мафија и за глобалните играчи. Во едни такви услови, со намигнување на корумпираната власт, апетити покажа и една од светските велесили во чиј глобален видокруг и интерес никогаш не била Македонија. 

ДВ: Мислите ли дека граѓаните имаат јасна свест за овие загубени години и нивната казна ќе доаѓа побргу отколку досега или пак времето на свој начин ќе ги покрие искушенијата низ коишто поминаа и може да ја загубат сегашната сензибилизираност за измамите на политичарите?

Мнозинството граѓани до пред кусо време немаа јасна свест за тоа што работи авторитарната и корумпирана власт. Поради големата коруптивност на власта преку создавањето огромен обем на клиентелизам кај големи социјални групации, луѓето, по линија на најмал отпор, давајќи ја довербата на избори на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, се однесуваа според орвеловиот принцип „има кој да мисли - Големиот брат“ - власта, партијата и лидерот мислат и одлучуваат „во наше име и во наш интерес"! Таквиот однос и амбиент владејачката партија и лидерот ги користеа за сопствени бенефити, злоупотреба на моќта на власта и партиско, групно и лично богатење. Прекршувањето и осознавањето на состојбите особено дојдоа до израз по „крвавиот четврток“ во Собранието и пред локалните избори, кога драстично беа казнети партијата и злосторничкото здружение.

ДВ: Каде е клучот за излезот од заробена држава?

Мнозинството граѓани во Македонија со здружени сили и сплет на околности го урна режимот, со што почна ослободувањето на државата. Иако дојде до формална смена на власта, фактичкото ослободување на државата и општеството ќе биде долг и тежок процес. Законите почнаа да се донесуваат, институциите почнаа полека да функционираат и тој реформски процес веќе е поставен на вистинскиот колосек. Меѓутоа, најтешко ќе се одвива ослободувањето од менталната заробеност, од заробеноста на духот и умот и последиците од тоа. На повидок е појава на најразлични синдроми од преживеаните стравови и искушенија за време на заробената држава. Кај мал дел од поробувачите на државата се појавуваат елементи на тнр. „виетнамски синдром“ од она што го правеле, друг дел од нив ја релативизираат својата одговорност поистоветувајќи ги со политички реваншизам судските процеси што правната држава ги покренува за делата што ги сториле. Има голема доза сеирџиство, кај некои е изразено незадоволство од поделбата на колачот на власта. Кај голем дел од граѓанството наголемо е присутен традиционалниот македонски синдром на кусо паметење и отсуство на реалност во проценките. Несфатливо е како толку брзо се заборава како беше во заробената држава. 
Имам впечаток дека во ослободувањето од менталната заробеност, тешко ќе оди со заробеноста на кодот на партијата ВМРО-ДПМНЕ која и натаму не се сообразува со својата ситуација и манифестира некритичност, нерационалност, одбранаштво и неосмислени политики, а најтешко на шефот на државата. Иако некои аналитичари негуваат надежи дека Ѓорге Иванов конечно ќе се одважи и ќе се ослободи од должничко-доверителните односи кон партијата што го кандидираше и два пати го избираше, јас мислам дека побрзо ВМРО-ДПМНЕ како партија ќе го ослободи од партиските долгови и обврски, отколку што тој самиот ќе се обиде да се ослободи од хипотеките што ги има кон Груевски и груевизмот.

Заробена држава

ДВ: Книгата ги опишува сите фази како македонското општество беше ставено во авторитарен кафез. Може ли сегашнава владејачка политичка елита во еден момент да помисли дека целосната контрола на државата и не е така лоша работа за нив?

Актуелната владејачка партија во предизборието декларираше некои лесно ветени брзини и „живот за сите“, со што по преземањето на власта кај дел од граѓаните се појавија нереални брзи очекувања и дојде до уште побрзи разочарувања. Новата владејачка коалиција, откако ги освои централната и локалната власт, а за апсолутна власт и недостига само функцијата претседател на Републиката, не направи рамномерна распределба на товарот на обврските и приоритетите и ефикасно не се справи со опструкциите од остатоците на претходниот режим. Поради тоа почна да го забавува темпото и да се занимава самата со себе. Оттаму, во сегашниот момент станува актуелна опомената од Прибе: да не се дозволи една да биде заменета со друга заробена држава. Ова треба да се сфати како мал застој во ЕУ и НАТО-интеграциите. Сепак, мислам дека македонското општество веќе не е така лекоумно да верува во секое ветување и даден збор, ниту пак има партија и услови за заробување на државата, иако не е на одмет постојана будност и внимателност.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар