1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна седница на ЕУ за скандалот со затруени јајца

ЕМФ /агенции
11 август 2017

ЕУ ќе свика кризна седница за скандалот со јајцата контаминирани со Фипронил. Во меѓувреме, скандалот зафати 12 земји и се прошири и на Источна Европа.

https://p.dw.com/p/2i2sz
Symbolbild - Eier - Fipronil
Фотографија: Imago/Belga/K. Van Accom

Кризната седница ќе се одржи штом на маса ќе ги имаме сите факти, изјави изутринава еврокомесарот за здравство Витјанис Андриукаитис.

Скандалот со затруените јајца се шири сѐ повеќе. Покрај Белгија, Холандија и Германија, 20 тони јајца со Фипронил се доставени во Данска. Јајцата биле произведени во Холандија, а во Данска стигнале преку белгиски трговец. Концентрацијата на Фипронил во јајцата не е опасна за здравјето, но е сепак превисока за продажба на јајцата.

Велика Британија проценува дека во земјата се увезени околу 700.000 контаминирани јајца. Тоа е 33 пати повеќе од она што првично се претпоставуваше. Романија вчеравечер соопшти дека властите заплениле еден тон течни жолчки затруени со Фипронил, увезени од Германија. Во Австрија две претпријатија кои се занимаваат со трговија на големо продале стотици килограми контаминирани јајца. Во тек е акција на повлекување на јајцата од продажба. Во Франција, според наводи на Министерството за земјоделство, досега се погодени само јајца наменети за натамошна преработка. Пет претпријатија добиле 1,7 милиони контаминирани јајца од Холандија и Белгија.

Од скандалот се погодени и Луксембург, Шведска и Швајцарија, додека Шпанија, Португалија и Италија, според досегашните сознанија, немаат затруени јајца. Холандската полиција вчера уапси две лица поврзани со скандалот. Станува збор за двајца менаџери на претпријатието ЧикФренд, кои се обвинети дека свесно употребувале Фипронил за чистење на кокошарниците. ЧикФренд веќе два дена молчи за обвинувањата.

Skandal um belastete Eier - zerstörte Eier
Уништени јајца на фарма во Надрин, БелгијаФотографија: picture-alliance/dpa/BELGA/K. Blanckaert

Во Германија потрошувачите веќе може да сметаат со јајца во продавниците кои се подобро тестирани. Трговскиот ланец Алди повторно продава јајца. Минатата недела Алди ги повлече јајцата од продажба како мерка на претпазливост. Во земјата се стигнати 10,7 милиони затруени јајца од Холандија, соопшти Министерството за земјоделство.

Инсектицидот Фипронил се употребува против кожни паразити како болви или крлежи. Употреба на инцкетицидот кај животни кои даваат храна е забрането во ЕУ. Во високи концентрации инсектицидот може да биде опасен по здравјето на луѓето.