1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Косовските политичари се водени од егоизам“

Линдита Арапи
11 август 2017

Како да се најде излез од кризата, од застојот во политичкиот живот на Косово, кој со себе повлекува и застој во преговорите со Србија, за Дојче веле зборува германската амбасадорка во Приштина, Ангелика Фитс.

https://p.dw.com/p/2i2yq
Kosovo Jahrestag der Unabhängigkeit - Parade in Pristina
Фотографија: Reuters/M. Djurica

ДВ: Последните настани на Косово на влеваат голем оптимизам. Парламентарните седници се прекинуваат, партиите меѓусебно се обвинуваат, дали го разбирате тој политички хаос во моментов?

Ангелика Фитс: Оваа ситуација потсетува на последните избори во 2014. година, исто така предвремени, но конфликтот е уште постар и датира уште од 1999 година или дури и порано. Станува збор за партии, но и за личности со меѓусебни анимозитети. Тешко е да се смисли рецепт за решавање на таа ситуација. Кризата не беше надмината ни со последните избори од 2014. година. На политичките партии најважно им е зачувувањето на власта во рацете, а на личностите за кои станува збор - нивната судбина. Многумина стравуваат од кривична одговорност ако не останат на власт. Затоа сега постои пат-ситуација во која треба да се очекува подолг застој.

Мислите ли дека е Косово заложник на судирот кој датира од 1999. година и порано?

Не, туку мислам дека на различните партии не им успеа да се договорат околу националната агенда и да постигнат консензус за неа. Политичарите во тоа ги спречува првенствено егозимот. Борбата за впаст во моментов е обележана со егоизам. Од друга страна, да кажам и нешто позитивно, имаме впечаток дека изборите беа фер и транспарентни, а граѓаните првпат не избираа опортунистички, како порано, туку според разум и совест. За нас, тоа е знак дека луѓето напреднале многу повеќе од политичарите, кои во основа се истите актери како и секогаш.

Очекувате ли скоро решение?

Не, дури и ако во наредните денови или недели се постигне мнозинство за формирање влада, за што треба 61 или 62 гласа од 120 пратеници, би настанала нестабилна влада, уште повеќе што во парламентот често нема кворум.

Kosovo Außenminister Gabriel zu Besuch in Pristina
Германската амбасадорка Ангелика Фитс (л.) со германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел (во средината) на аеродромот во ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Како земјата да излезе од ќорсокак? Каква влада тоа би го постигнала? 

Во овој момент не гледам можност партиите здружени во коалиција да формираат стабилна влада. Веројатно следи фаза на нестабилност која ќе доведе до потреба од нови избори. Тоа е многу неповолно за нашите планови, но се плашам дека нема начи за забрзување на овој процес. Косово, за разлика од соседните земји, речиси нема искуство со формирање влада пред 2008. година. Сега настанува модерно Косово. Тоа е болен процес кој бара време и тоа треба да се озвозможи.

Споменавте дека не напредува веќе ни агендата на ЕУ. Каде ги гледате конкретните последици на доцнењето во формирањето влада? Какви последици се можни за Косово?

Точно е дека и натаму ќе се одолговлекува имплементацијата на реформските ЕУ-програми, што не е добро, но поради уште едно спорно статусно прашање за еден дел од светското население, Косово е специјален случај меѓу земјите од Западен Балкан. Овдешните политичари знаат дека патот до ЕУ може да биде долг, меѓу другото и поради оние кои не сакаат да го признаат Косово. Затоа е тешко одржувањето на волјата за спроведување реформи. Наша задача е да ја јакнеме таа волја. Затоа во Германија покренавме важни иницијативи, да го споменам само Берлинскиот процес, за да ја забрзаме оваа тешка преодна фаза.

Ова е тешка ситуација, многу несреќна за Косово, зашто дијалогот со Србија е замрзнат, а и други важни прашања, како демаркацијата со Црна Гора се одлагаат. Каков апел би им упатиле на политичарите во Косово?

Би рекла дека политичарите мораат да се грижат околу агендата за Косово и неговите граѓани и да ги потиснат своите партикуларни интереси. Дијалогот кој го споменавме е еден од политичките приоритети на Косово, а е во застој од пред една година. Не гледаме во моментов како би бил продолжен. Постојат бројни договори кои не се имплементираа, на пример договорот за српската заедница или енергетиката, но од другата страна на тие нереализирани договори во овој момент постои и голема асиметрија. На една страна е премиерот Вучиќ, кој на изборите е зајакнат и има силна партија зад себе, а во Косово власта е поделена меѓу три различни табори и нема национален консензус за која било тема. Во ваква ситауација продолжувањето на дијалогот е тешко можно.