1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Специјалниот суд на чекање

Беким Шеху
2 февруари 2018

Меѓу чеканот и наковалната: дали ќе биде укинат Законот за Специјалниот суд? Приштина, вели амбасадорот на САД, би „се соочила со тешки последици.“ Но, и самиот суд, вели премиерот Харадинај, е „голем товар за Косово.“

https://p.dw.com/p/2ruwS
Kosovo Parlament in Pristina
Фотографија: Reuters/H. Reka

Иницијативата на 43 пратеници од Собранието на Косово со која се бара  укинување на Законот за Специјалниот суд за воени злосторства  сѐ уште е во сила. Причина: пратениците ги немаат повлечено своите потписи. Специјалниот суд ги истражува наводните злосторства на припадниците на поранешната Ослободителна војска на Косово, ОВК, извршени над припадниците на малцинските заедници и политички противници во периодот 1998-2000. година.

Иницијативата за укинување на Законот за специјалниот суд, донесен пред две години, беше поднесена неочекувано ноќта на 22. декември минатата година. Тоа веднаш предизвика реакции во меѓународната заедница и барања за откажување од иницијативата.

Претседателството на Собранието на Косово во повеќе наврати се обиде Иницијативата да ја стави на дневен ред, но не успеа поради немање кворум во самото Претседателство. Имено, не присуствуваа пратениците од опозициониот Демократски сојуз на Косово, ДСК, партија која се противи на укинувањето на Специјалниот суд.

Харадинај: Судот е голем товар за Косово

Со оглед на ваквата ситуација, Претседателството реши прашањето да го врати до владата на Косово. „Се раководевме од Деловникот на Собранието. Иницијативата на пратениците за укинување на Специјалниот суд сега е пратена до косовската влада за да даде свое мислење“, изјави спикерот на Парламентот, Кадри Весељи.

Владата на Косово уште нема дадено свое мислење - процедурално, за тоа има рок од 30 дена.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој е против основање на Специјалниот суд, признава дека Иницијативата има последици по Косово, но смета дека штета ќе нанесе и самиот Суд. „Таа акција има свои последици. И самиот Суд е голем товар за Косово. Настрана фактот што и ние сме заинтересирани да се расветли криминалното дело извршено во текот и по војната, но ваквата ситуација го претставува Косово како законски монструм, значи, само за Косово се организира посебна институција. Постоеше еден суд за цела бивша Југославија, каде бевме и ние опфатени, а сега ова е само за Косово“, оцени Харадинај за јавниот сервис на Косово.

Kosovo Pristina Ramus Haradinaj
Косовскиот премиер Харадинај Фотографија: DW/Bahri Cani

Амбасадорот на САД: Тешки последици

Европската унија и земјите од Квинтетот изразија голема загриженост поради Иницијативата за укинување на Специјалниот суд. „Секој обид да се укине или промени мандатот на Специјалниот суд сериозно ја загрозува и се заканува на заедничката работа на ЕУ и Косово во областа на владеењето на правото, како и на успесите постигнати во последните години. Тоа ќе се одрази негативно врз односите на Косово и ЕУ“, се наведува во соопштението на Канцеларијата на ЕУ во Косово.

Далеку поостар беше американскиот амбасадор на Косово, Грег Делави: „Овој обид е ужасен пример кој покажува што значи кога личните интереси ќе бидат ставени пред општата добробит и интересите на Косово како држава. Дозволете ми да бидат јасен: пратениците кои ја поддржуваат Иницијативата и политичарите кои стојат зад неа, без оглед што порекнуваат, ќе се соочат со специфични и тешки последици ако Иницијативата биде успешна. Тие го знаат тоа, веќе им го кажавме“, изјави Делави.

Повеќе: 

60 косовски Албанци со обвиненија за воени злосторства

Тачи: Преголема загриженост на меѓународната заедница

Загриженост поради Иницијативата за укинување на Законот за Специјалниот суд изразија и Берлин и Париз. Од овие две важни евопски метрополи во Приштина се испратени и двајца пратеници: од Германија тоа е д-р Кристијан Хелбах, а од Франција - Томас Бертин. Тие, како што се дознава, во текот на својот еднодневен престој во Приштина, на тамошните политички лидери им ги предочиле последиците кои може да ги сноси Косово ако се укине Законот за Специјалниот суд.

Од друга страна, според оценката на претседателот на Косово, Хашим Тачи, целата загриженост на меѓународната заедница е претерана. „Одлуката за основање на Специјалниот суд е во сила, непотребните претерувања создаваат само паника меѓу граѓаните“, изјави Тачи, додавајќи дека ако Собранието го укине Законот за Специјалниот суд, тој ќе го потпише таквиот закон, зашто во спротивно, би го прекршил Уставот. „Јас имам уставна и законска обврска и не можам да порекнам или да ја променам волјата на пратениците“, рече Тачи.

Kosovo Präsident Hashim Thaci
Хашим Тачи смета дека не може да ја менува волјата на пратеницитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Белград: Нека не нѐ викаат напомош

Властите во Белград не се мешаа претерано во дебатата во Приштина околу Иницијативата за укинување на Специјалниот суд за воени злостосртва на Косово. Кратка изјава во врска со тоа имаше директорот на Канцеларијата за Косово во српската влада, Марко Ѓуриќ, за српските локални медиуми: „Тие (западните земји и Косово, н.з.) се добри пријатели и не се консултираа со нас во врска со начинот на формирање на Специјалниот суд. Затоа сега, кога постои опасност од негово укинување, нека не нѐ викаат напомош“, рече Ѓуриќ. 

Идејата за основање Специјален суд за воени злосторства на Косово се појави по истрагата на специјалниот пратеник на Советот на Европа, швајцарскиот сенатор Дик Марти. Неговиот извештај, претставен во Советот на Европа, ги товари бившите членови на ОВК за киднапирање припадници на малцинствата, нивно малтрерирање, убиства без судења, па сѐ до трговија со човечки органи. Сите овие тврдења бившите лидери на ОВК ги отфрлаат.

Во почетокот на август 2015. година, по меѓународниот притисок, косовското Собрание усвои Закон за Специјален суд со седиште во Хаг, во кој ќе работат само меѓународни обвинители и судии. Според изјавата на американскиот обвинител Клинт Вилијамсон, „Судот ќе се занимава со најмалку десет случаи на наводни воени злосторства извршени на Косово.“